„ Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н. со серија забелешки на новиот пакет-закони за отпад

„ Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н. со серија забелешки на новиот пакет-закони за отпад

– Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ и на Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) поднеле серија забелешки и коментари на пакетот од шест предлог-закони за отпад.

Во нив се забележува дека пакетот-закони за отпад предвидуваат прениски глоби целосно во корист на крупниот капитал, без осмислени ефективни механизми за контрола врз спроведувањето на легислативата и исполнување на целите, отусуство на стратешки инкорпорирана едукација за проблематиката, отуство на основање т.н. „Зелен фонд“, потоа отуство мерки за редуцирање на отпадот ниту за централизирано компостирање, недостаток на стратегија за исфрлање на кесите од употреба и воведување платнени торби како единствена еколошка опција, а нема ниту мерки за елиминација на прибор за еднократна употреба во подрачја со висок биодиверзитет, каков што е Охридскиот регион.

Истовремено тие забележуваат дека процесот на консултација со јавноста не бил соодветно спроведен, односно спротивно на членот 17 од Законот за животната средина, за која сметаат дека генерално децении наназад во земјата се спроведува практиката на несоодветно информирање на јавноста. Од една страна на јавноста, според нив, и бил оневозможен пристап до клучните документи (предлог-законите), а од друга страна немало соодветни покани до граѓанскиот сектор за вклучување во процесот.

Според „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н., предлог-легислативата е усогласена со дел од европските директиви, но, не успеваат да одговорат соодветно на клучни прашања. Се посочува на слаби инспекциски капацитети, отсуство на ефикасен и квалитетен персонал. Како пример е посочен Општина Охрид каде има еден државен инспектор и еден овластен инспектор на општината за животна средина кои до сега се покажале недостојни за вршење на функцијата и тоа кога се работи за случаи во строго заштитени зони и воопшто УНЕСКО подрачјето. Состојбата во Општина Струга е уште полоша. „Во актуелниот законски текст не се видливи конкретни мерки предвидени да се преземат во однос на воспоставување на ефикасна инспекциска контрола, најмалку во регионите со висок биодиверзитет, како што е Охридскиот Регион“, велат од „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н. .

Истовремено се укажува и на недостаток од евинденција на производителите, операторите, собирачите на отпад, како и базата на податоци за отпад, не се осврнува внимнание на компостирањето како начин на обработка на органскиот отпад.

„Предлагаме воведување на стандардизирани кеси за комунален отпад како што е практиката во земји со развиен ситем на управување со отпад, кои ќе бидат унифицирани, изработени исклучиво од европски стандардизиран биоразградлив материјал, лесно достапни низ трговската мрежа и обврзувачки за сите создавачи на комунален отпад. За истите да се плаќа соодветен надомест, но не и ДДВ. Цената да биде избрана соодветно на целта, да биде охрабрувач за што поголемо селектирање на отпадот (кое е бесплатно) и намалување на комуналниот отпад, но, да не биде премногу висока за да претставува економски товар (особено за домаќинствата) и да оневозможи спроведување на законите и целите“, посочуваат од „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н..

Еколозите уште со забелешки за штурото уредување на едикацијата, со мислење дека е недопустлив таков површен пристап кон едукацијата за закони кои носат коренити промени во пристапот кон управувањето со отпад во земјата.

„Едукацијата мора да биде регулирана од највисоко ниво. Истовремено, неопходно е да се предвидат соодветни индикатори со кои ќе се мерат вистински постигнати резултати (број на прекршувања на законот), наместо формални (организирани обуки). Овие закони може да наидат на отпор и негативна реакција во првичниот период од имплементацијата што се должи и на недоволно познавање на спрегите на загрозување на животната средина, квалитетот на живот и иднината на луѓето и Планетата воопшто. Едукацијата е клучна не само за запознавање со проблематиката туку и за подигање на свеста што треба се направи на сите нивоа, почнувајќи од институциите, па сè до граѓаните“ е ставот на „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н.,.

Што се однесува на казните, тие со став дека се прениски, особено за крупниот капитал, со нејасна логика што демонстрира очигледна наклонетост кон големите производители и култура на неказнивост за груби престапи со кои се загрозуваат животот и здравјето на луѓето и животната средина.

„Неопходно е сериозно зголемување на казните зашто сѐ додека на трговецот повеќе му се исплати да плати една или две казни во годината, а да работи противзаконски, тој ќе работи противзаконски на штета на јавниот интерес, а поради хронично несоодветниот инспекциски надзор – нема да биде никако санкциониран“, стои во реакциите од „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н., во кои уште се бара и поголема контрола на увозот на отпад.

За употребата на пластичните кеси, еколозите предупредуваат дека замената на пластичните кеси со биоразградливи не е решение оттаму што не е апсолутно безопасна за животната средина. Биоразградливата пластика EN13432 според категоризацијата на Европската Унија е целосно биоразградлива за даден временски период само под строго дефинирани услови на влага и топлина. Доколку таа не се третира во соодветни капацитети за обработка на отпад туку се остави на нормални атмосферски услови (во природа и вода), при процесот на разградување, таа е извор на опасен стакленички гас – метан и директен загадувач на животната средина, предупредуваат „Охрид ЅОЅ“ и Е.Д.Е.Н..

Тие бараат покрај националните цели за процентот на обработка на собраниот отпад од пакување, да се воведат и цели за намалување на секаков вид пластика, оттаму што со законот не се адресира проблемот на пластичните пакувања за еднократна употреба (чинии, чаши, прибор за јадење, цевки, лажички за кафе итн.).

„Неоходно е да се постават цели за исфрлање на истите од употреба, период на адаптација до конечна и целосна забрана за нивно производство и продажба на територијата на Македонија. Потребно е воведување на строги казни за угостителските објекти кои ќе користат прибор и чаши за еднократна употреба во заштитените подрачја, а највисоки глоби да се изрекуваат за оние во крајбрежниот појас, НП Галичица, Старото градско јадро, на пловните објекти“, велат еколозите.

Тие меѓу другото имаа сериозни забелешка што новата легислатива воопшто не ги третира пловните објекти во земјата, за кои не само што не се предвидени никакви решенија за отпадот што го креираат, со посебен осврт на приборот за еднократна употреба, за погонот на кој функционираат, за критериумите за увоз, туку што воопшто не се предвидени решенија за нивно правилно одлагање односно третман на старите пловни објекти што често предизвикуваат хаварии и тешки последици по водниот еко-системот. аб/вј/