Офуцан концепт

Офуцан концепт

Но, да се вратам таму кадешто почнав: од протестот на ДЛУМ. Зошто? Па заради тоа што тој е, како што веќе реков, по многу нешта – не само по „лошите“ референци – парадигматичен за дисфункционалноста на македонската култура. На пример: каков одглас предизвика овој „протест“? Се потресе некој од надлежните? На пример Министерството за култура, Владата …? Им одговори некој од надлежните на „критиките“ на ДЛУМовци? Им ветија подобрување на третманот, повеќе пари, откупи, што и да е’? Не? Е па … токму тоа се вика – дисфункционална држава односно дисфункционална култура! Првото, она за државата, баш заради нереагирањето на кој и да е’ од државните органи – а мораа да реагираат, ако не повеќе тогаш барем куртоазно – што пак води кон сериозни дилеми колку на оваа држава и’ е важна визуелната уметност, уметниците, уметничките здруженија … Или, (и) тие оцениле дека „протестот“ е само шминка, утка, колку да се рече дека некој за нешто протестирал? Но, дури и да е тоа така една сериозна држава би морала да покаже некаков интерес и за такви (фингирани) протести вршени заради којзнае какви и чии цели, за „активности“ коишто ја прозиваат, и’ лепат етикети и сл. Ако не повеќе, мораше во јавноста да излезе барем некој низок службеник од Министерството за култура, ако не министерот, и да објасни некои нешта, нели. Можеше некој да им објасни на ДЛУМовци дека се во заблуда, дека Министерството не е вистинската адреса за некои од нивните барања. Или ни Министерството не знае кои се неговите надлежности? Дури и да е така, некој во власта белки знае кој што треба да работи во државава? Или навистина, по којзнае кој пат, се очекуваше тоа да биде (екс)премиерот Заев кој, како што вели Ордановски, е човекот што треба да ги реши сите работи во државава? Се шегувам, нормално, ама за волја на вистината токму Заев беше оној кој во неколку наврати ги примаше претставниците на Синдикатот на културните работници на Македонија во врска со Колективниот договор и нивелацијата на платите во културата, тој „тегнеше уши“ таму каде што беше потребно и ги забрзуваше работите. Можеби ќе реагира(ше) и за ова? Ама, сепак, еден човек ли ја глуми Владата на Република Северна Македонија? Другине за украс ли се?

А второто, она за културата, бидејќи станува очигледно дека протестот беше само заради протест, заради малку галама и поткревање на тензиите пред Нова година, без очекуван резултат. Зашто, ако стануваше збор за сериозен протест, претпоставувам дека ДЛУМ ќе имаше и некакви барања а не само констатации, односно изнесените укажувања за негрижата на Министерството за нив, за лошиот третман и слично можеа да бидат искажани и на организирана прес конференција. И понатаму, ДЛУМ, ако мислеше сериозно, ќе бараше средба (најмалку) со министерот за култура, па дури и со премиерот. И тогаш на дело ќе ја видевме функционалната култура и, евентуално, функционалната држава – ако нивното барање за средби беше прифатено. Или – одбиено! Па дури и во таков случај ДЛУМовци ќе имаа алиби пред себе и пред другите дека, ете, се обиделе, државата ги игнорирала, не им одговорила,  со што ќе си отвореа пат за нови и поосмислени (вистински) протести. А изложбата можеше да си оди како што и било планирано, нели. Или овде, повторно, станува збор (и) за нешто друго? Дури, им пропаднаа и парите за каталог! Односно не им пропаднаа, демек ги „искористија“ и го направија каталогот со онаа црна траорна лента на којашто ги беа изнапишале своите новогодишни желби? Добро, и тоа би можел некој да го смета за пристоен каталог, попристоен од некои претходни стокмени за таквите нивни годишни презентации. Или ДЛУМ навистина мисли дека направил добра „концептна изложба“? Па луѓе божји, тоа е веќе толку офуцан „концепт“, такви нешта се правеа во Македонија во осумдесеттите години на минатиот век! Но, ајде да речеме дека тоа е друг муабет, дека луѓето толку знаат … Но сепак, пуштениот балон, наместо да се вивне во височините на функционалната култура, комплетно се издиша уште пред да појде на пат.

И тука се отвора едно важно прашање: дали државата, односно државава, се однесува така како што се однесува кон културата – или во конкретниов случај кон визуелната уметност – токму заради начинот на којшто самата култура односно во конкретниов случај самата визуелна уметност се однесува кон себе? И тоа секако е сложено прашање, бара поширока елаборација, ама нуди и еден сосема лапидарен одговор: да! Зошто го велам ова? Затоа што ако некој протестира против нешто, или за нешто, тој бара начин како со своите барања да допре до оној кој може да му го реши проблемот / барањето. И сите сме сведочеле на такви протести токму пред Владата на РСМ, дури и на онакви, да не речам смешни, собири на десетина-петнаесет луѓе кои заради лична мака го стопираат сообраќајот и бараат решение за нивниот проблем. Не знам дали секогаш демонстрантите се / биле примани од некого во Владата, или некој само формално ги примал нивните барања и како течеле постапките понатаму. Ама, мислам дека тоа е првиот начин. Се разбира има и многу други ама сигурно тоа е почетокот. Или, замислете го цел ДЛУМ, со сите или барем со повеќето членови, меѓу нив и оние малку преостанати доајени, наредени пред Владата на РСМ. Е тоа веќе ќе беше сериозен „концепт“ односно дури „перформанс“! И никој немаше да се осмели да го игнорира!!! А вака, со смушени, да не речам смешни објави и „барања“, со лоши „образложенија“, со наредени десетина уметници на скали кои мавтаат со некакво каталогче … извинете ама тоа не личи на ништо. Па уште кога ќе видите меѓу нив и некои кои до вчера беа плаќани со суво злато од будимпештанската побегуља за неговите идиотски „проекти“ а сега „протестираат“ дека немало откупи, кој би ги земал за сериозно?

Златко Теодосиевски

Извор