Од што боледува Ангела Меркел?

Од што боледува Ангела Меркел?
11.07.19   13:05

Прочитано : 2,749

Print This Article

За една недела Ангела Меркел ќе наполни 65 години. Откако повеќе пати во јавноста имаше напади на тресење, канцеларката мора да одговора на непријатни прашања. Која е причината за тресењето, прашува агенцијата ДПА

    

Повторно се случи- и повторно при исполнување на националните химни. Ангела Меркел неколку пати длабоко вдиша, откако застана на црвениот килим до новиот фински премиер Анти Рине. Како да очекуваше дека нешто ќе се случи. Уште со првите звуци на финската химна нејзините нозе почнаа полека да се тресат. Тресењето се засили, а кога започна интонирањето на германската химна, видливо се тресеше целото нејзино тело. Дури по три минути успеа да се смири.
По третпат во нецели три недели, Меркел доживеа тресење во јавност. Пред вклучените камери. Секогаш е истиот процес, и секогаш се случува кога Меркел мора да стои неподвижно на официјален настан.

Во цела Германија граѓаните се прашуваат: Колку е болна канцеларката? Меркел точно знае. Но и нејзините преговарачки партнери во ЕУ и моќните мажи како претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин секако ги регистрирале инцидентите. Да се покаже слабост во јавност, може да биде тешка хипотека во напорните преговори на светската политичка бина.

Од таа причина нејзините претходници свесно молчеа или ги прикриваа своите болести. Комуникациската стратегија на Меркел и нејзиниот тим исто така отвора многу прашања. Во првиот случај беше речено дека канцеларката се тресела поради недостаток на вода во големата горештина, а по вториот, беше објаснето дека Меркел се уште психички не го надминала првиот напад.

На прашање на еден фински новинар по средбата со Рине, Меркел се обиде да ги релативизира грижите околу нејзиното здравје. „Добра сум“, рече канцеларката. „Не сум целосно закрепната (по првиот случај, н.з.) но има напредок. Ќе морам уште некое време да живеам со овој проблем“. Се чини како Меркел да стравува дека третиот нема да биде и последниот напад од ваков вид кој го доживува во јавност.

На инсистирањето на новинарите да даде повеќе детали за својата здравствена состојба, Меркел директно одбруси: „Мислам дека треба да ја прифатите мојата изјава дека ми е добро“. Во обид да ги отфрли сомнежите во нејзината способност, таа дополни: „Убедена сум дека можам добро да работам“.

Меркел: „Добро ми е“

Но прашањата ќе останат. За тоа нема илузии ни самата Меркел. Цели 18 години, до минатиот декември, таа беше лидер на ЦДУ, а веќе 14 години е канцелар. Многу ретко во овој период се случуваше Меркел да мора да паузира поради болест.
Но сега, точно една недела пред нејзиниот 65 роденден, прашањето за нејзиното здравје е повторно главна тема. Се поставува прашањето, дали Меркел навистина самата ќе го најде вистинскиот момент за повлекување од политиката, како што отсекогаш планираше.
Уште пред повеќе од 20 години Меркел и кажа на фотографката Херлинде Келбл дека не посакува да замине од политиката како „полумртва руина“.
По сцените со тресењето во изминативе недели, не е изненадување што многумина се прашуваат: „Дали долготрајниот стрес во изминативе години ја премори?“

извор:ДВ

  Категории:
view more articles

Актуелно