Обвинителството го возвраќа ударот

Обвинителството го возвраќа ударот

Фактите на случајот „Рекет“ и вмешаноста на ликовите се веќе јасни (со исклучок на Тредичи – на наше неверување и шок слушнавме како ја владее казнената постапка и правните лекови), но имплицираноста на шефицата на СЈО беше неочекувана. Разбирливо следеше бран разочарување, проследен со бран на дефитизам и сл. Иако е тешко таа кнедла да ја голтнеме, кризата е интересна од друга точка односно спремност на државата во справувањето со институционалниот организиран криминал. Справувањето на случајот директно го дефинира карактерот на државата и односот спрема криминалот и на крај дали целиот проект СЈО ја заврши својата работа и го разбуди републичкото обвинителство.

Тука се отвораат две прашања и концепции во однос на правните состојби. Од една страна се наметнува прашањето – Дали државата има капацитети да се справи со институционален организиран криминал и доколку има како ќе го изведи тоа? Второто е повеќе дефитистичко со поглед преку кој се гледа како уривање на правниот поредок во државата (со претпоставка дека сме имале таков), нема ефективен прогон или ефикасна истрага – без политичко тактизирање и сл. Концепции кои едноставно не држат вода. Без разлика кој е нашиот став, главната теза за разврската на случајот Рекет се однесува на прашањето: Доколку главна причина за создавањето на СЈО беше дисфункционалноста и партизираноста на Јавното обвинителство во времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ, на чело со тогашниот републички јавен обвинител, тогаш дали СЈО ја постигна својата цел за создавање на вигилантно, модерно и силно републичко јавно обвинителство во случај на негова трансформација или укинување, кое би ја вратило довербата во правдата кај граѓаните. Општо познато е дека поранешната владејачка структура беше длабоко инволвирана во корупција и криминал и, пошироко, најодговорни за кризата во која западна Република Северна Македонија, исто како што беше општопознато дека тогашното Јавно обвинителство, водено од споменатите обвинители, немаше ниту намера ниту капацитет да ги расчисти аферите поврзани со прислушувањето и со криминалот, за коишто се дозна од прислушуваните разговори, ниту пак другите криминали и корупциски афери на тогашната власт. Специјалното јавно обвинителство, во оваа смисла, се изнајде како можно решение за македонската правна и политичка криза, најверојатно предложено од меѓународната заедница, со предзнак на реструктуирање и будење на републичкото обвинителство. Сепак, модификациите поврзани со мандатот, компликуваните и контроверзни рокови, пред сè поради политичкиот компромис на политичките партии кои се дел од „Пржинскиот процес“, се под големо влијание и во интерес на меѓународната заедница.

И додека концептот на СЈО да се изнајде решение за ефективност на кривичниот прогон против поранешните функционери не успеаја реално да се установат и да заживеат ниту пак со последното законско решение да опстанат како институција. Наеднаш се сменија и приоритетите и се појави сосема спротивна тенденција на засилување на инструментите на републичкото обвинителство за ефикасна борба со криминалот, тероризмот и корупцијата, што на некој начин внесе определени забуниво однос на приоритетите на СЈО и нивните случаи. Новите засилени институти и реформа во законодавството сервирани преку Стратегијата за реформа одеднаш ја пренасочуваат позицијата на државата кон силно сузбивање на корупцијата организираниот криминал како закана за општеството што се користи како изговор државата да примени агресивни методи во борбата против нив. Меѓутоа дали републичкото обвинителство ја научило лекцијата ќе треба да почекаме и да видиме како ќе се одвива и реши случајот Рекет. Секако кон „зајакнување“ на позицијата на републичкото обвинителство мора да се спомне и селективната и парцијална имплементација на реформите. Без политички договор мора да се најде начин да се напушти автократност на обвинителството во кривичните прашања односно прифаќање на хрватскиот модел на УСКОК или италијанскиот модел на обвинителство каде секој обвинител да е практично незавивесн и одговорен за својот предмет. Потребно е да се посвети поголемо внимание кон развојот на демократските капацитети на институциите и државата, како предуслов за создавање на услови за големи системски реформи.

Моментално дефитизам не ни треба. Заложби исто така. Потребна е работа и сериозен прагматичен пристап кон проблемот. Магнитудата на случајот е доволно тешка да ни стави до знаење дали обвинителството има капцитети и кадар да го расчисти случајот или не. Доколку обвинителството на Зврлевски беше заспано, дали обвинителството на Јовевски сега е разбудено? Дали всушност тие ја научија лекцијата?

М-р Андреј Божиновски
Правен советник