Обвинителството го проверува исказот на Нинџа

Обвинителството го проверува исказот на Нинџа

Секој даден податок или исказ треба да биде поткрепен и со други докази, имајќи предвид дека осомничените и обвинетите во постапката можно е да не ја кажуваат вистината, велат од Обвинителството по одбраната на обвинетиот Алекасандар Василевски – Нинџа за крвавиот четврток.

Допрва ќе се собираат докази во насока на дадената одбрана на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа во Основниот суд Скопје 1, каде посочи дека директивите за насилниот упад во Собранието доаѓале од осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и од челниците на УБК, изјави јавната обвинителка Вилма Рускоска за Радио Слободна Европа. Од Основното јавно обвинителство одговориле дека во тек е предистражна постапка за организаторите на насилствата на 27 април, како и за други инволвирани лица во насилството.

-Обвинителството ги зема предвид сите податоци и искази и не може туку така да поклони верба на исказ кој доаѓа од осомничено или обвинето лице, кое може и да лаже. Секој даден податок или исказ во главната судска расправа или во истрага треба да биде поткрепен и со други докази, имајќи предвид дека осомничените и обвинетите во постапката можно е да не ја кажуваат вистината, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека во однос на приведувањето на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, му претходеа три лица кои дале еднаков и релевантен исказ кој бил потврден и со други искази, и затоа за него е така постапено.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги отфрли како небулозни тврдењата на обвинетиот Нинџа дека вечерта на 27 април требало да прогласи воена состојба. Тој во врска со спомнувањето на неговите блиски соработници Синиша Алексовски и Борис Јосифовски, рече дека тие изјавиле се што имале.

-Беа кај обвинителката и ги дадоа своите искази. Затоа таа кажа и дека нема основ за каква било вмешаност на кабинетот и моја лична. Тие што ги создаваат ваквите лажни вести, а знаете, еден медиум ја почна таа приказна за „Јасен” и потоа се разви дека ќе имало воена состојба. Треба да го посетат „Јасен“ да видат како функционира и дали е можна таква приказна таму. Нека го прочитаат и Уставот за да видат кога се воведува воена состојба и кој ја воведува, одговори на новинарско прашање претседателот Иванов по доделувањето на признанијата „Македонски квалитет” .