Новинарството како боксерска вреќа

Новинарството како боксерска вреќа

Поминаа можеби 15, а можеби и повеќе години откога за прв и последен пат пријавив вербално насилство врз мене како новинар во Министерството за внатрешни работи. Тоа беа некакви смртни закани и закани за моето семејство што, покрај на мојата, стигнаа и на службената имејл-адреса на весникот во кој работев тогаш.

На тој начин заканите стасаа до моите шефови, кои, наспроти моето противење, донесоа одлука дека ваквото однесување мора да се пријави во МВР. Дотогаш веќе имав богато искуство со најразлични застрашувања, закани, притисоци, тужби за клевети…, така што веќе имав развиено имунитет кон овој тип малтретирање.

Од друга страна, го знаев и искуството на моите колеги, кои бадијала пријавуваа слични случаи во МВР. Бев, значи, убеден дека станува збор за губење време и дека ниту заканите ќе престанат, ниту МВР ќе стори нешто. Не се сеќавам, ама мислам дека во тоа време не беше формирано ниту Одделението за компјутерски криминал, па во суштина навистина беа немоќни. На крајот, така и беше: никогаш не добив никакво известување од МВР, ниту, пак, заканите престанаа.

Иако, според ова, излегува дека сум бил во право, од денешен аспект мислам дека јас, а и другите колеги, направивме огромна грешка што така бегло поминувавме преку овој тип насилство. Требаше да ги пријавуваме буквално сите случаи и да бидеме тврдоглаво упорни во притисокот за нивно разрешување. Можеби на тој начин ќе успеевме барем до некаде да ја запреме оваа општествена патологија која го третира новинарот како вреќа за боксирање, врз која секој си ги истресува своите фрустрации.

Развојот и поевтинувањето на комуникациската технологија, особено развојот на социјалните мрежи, не само што правопропорционално го зголеми бројот на заканите, туку тие станаа подрски, побезобразни и повознемирувачки. Политиката на неказнивост, пак, доведе до сѐ поотворени вербални насилства, без никакви камуфлирања или мимикрии на заканувачот.

Колумната на Ѕвездан Георгиевски во целост прочитајте ја тука