Нови рочишта за „Титаник“ и „Титаник 3“ на СЈО

Нови рочишта за „Титаник“ и „Титаник 3“ на СЈО
13.06.19   07:44

Прочитано : 40

Print This Article

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за „Титаник“ и „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот „Титаник“ што се однесува на изборни нерегуларности се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални
докази, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи и докази за злоупотреба на средства за финансирање на политичка
кампања од 2013 година.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Во предметот „Титаник 3“ се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.

Постапката почна одново на 15 март годинава по именување на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот.

  Категории: