Ниту робовите не копнеат по протекторат

Ниту робовите не копнеат по протекторат
22.07.19   13:04

Прочитано : 638

Print This Article

Нема слобода без одговорност. Инаку таа е самоволие. Затоа слободата за многумина е тежок товар, оти се плашат од одговорност.

    

Дали слободата ќе умее да пее, како што робовите пееjа за неа?“

Бранко Миљковиќ

Тажно е кога луѓето, и покрај слободата, понекогаш во демократијата се чувствуваат толку немоќни, како да не живеат во политички независна држава, туку во некој „протекторат”. Трагично е кога луѓето самите посакуваат да живеат во протекторат, затоа што во демократијата се чувствуваат толку немоќни, што посакуваат да се откажат од слободата. Првата слика е метафора која ја разобличува лошата политичка стварност. Таа е критичка и напредна. Втората слика, пак, онаа за луѓето кои од немоќ посакуваат протекторат, е сериозна дијагноза за нив самите. Таа е регресивна, затоа што е симптом на поразот на  демократските инструменти. Да се копнее по протекторат, затоа што политичката стварност ги разочарала сите надежи на луѓето, сведочи дека тие, иако знаат што е одговорност и слобода, доброволно не сакаат да живеат во слобода – од очај. Тие, всушност, веќе не знаат што да прават со слободата која ја „извојувале“ на улиците, или која им била „подарена“ од историската среќа.

Копнежот по протекторат, како психолошки симптом, е желба за „бегство од слободата“ (Ерих Фром). Сета критичка филозофска мисла на дваесеттиот век, покажа дека токму тој копнеж по „жртвување“ на слободата, во замена за заштита од „силната рака“ на  владетелот, па бил тој дури и мудар, во крајна инстанца, создава авторитарни личности. Луѓе со поданичка свест. Тој копнеж за „жртвување“ на слободата не создава дури ниту робови. Оти ниту робовите не копнеат по протекторат. Затоа што тие немаат слобода, но имаат достоинство и копнеж по неа. Затоа што поробените секогаш „пејат“ за слободата како во прочуената песна на Бранко Миљковиќ. Оти тие не се робови по своја желба, туку затоа што живеат во неслободен свет. Робовите ги чувствуваат своите „пранги“. И копнеат да ги отфрлат. Луѓето, пак, кои живеат во слобода, кои ги имаат сите инструменти на парламентарната демократија, а копнеат по протекторат, копнеат, всушност, копнеат по „невидливи пранги“. Копнеат по тоа одговорноста да ја предадат на друг. Тој друг да направи сѐ што треба, за тие да бидат среќни. А тие самите да не мора да се менуваат. Да не мора самите да го носат товарот на одговорните одлуки. За нив да одлучува „партијата“ и „власта“, државата и владетелот. Тие, всушност, копнеат по тоа што беше кошмарот на сите поробени луѓе кои се бореа токму за тоа што сега го поседува како можност секој македонски граѓанин – да одлучува во слобода, одговорно и совесно за својот и за животот на своите сограѓани. Секои четири години, а некогаш и почесто. На демократски и слободни избори. Тоа е суштината на парламентарната демократија.

Најдобриот од сите светови

Човечкото достоинство робовите не го губат, иако немаат слобода. Но, тој што ја заменува слободата како цена за заштитата од посилниот или побогатиот од него – тој што ќе му го обезбеди лебот – парадоксално, на крајот ќе го загуби и достоинството. Ова искушение е старо колку и човештвото. Во романот „Браќа Карамазови“ на Фјодор Достоевски е прочуеното поглавје за „Големиот инквизитор“. Чудно е што таа повест  е творба токму на едниот од трите браќа Карамазови, оној, кој е поклоник на разумот и прогресот – Иван Карамазов. Образован на европските универзитети, тој во Русија работи како приватен учител. И објавува филозофски статии! Иван Карамазов е прототипот на модерниот мислител. Тој не верува во Бога затоа што не може да го прифати бесмисленото страдање на невините. Во филозофијата тоа е проблемот на „теодицејата“, чие главно прашање е: ако ова е „најдобриот од сите светови“ (Лајбниц), зошто тогаш Бог го допушти во него злото? Иван Карамазов, всушност, повеќе се занимава со суштината на злото, отколку со таа на доброто. Тој ја изговара клучната мисла во романот, според која „ако не постои Бог, тогаш сѐ е дозволено“.

Тој е творецот на повеста за „Големиот инквизитор“. Во неа се вели дека Христос повторно дошол на земјата, меѓу своите, овојпат во шпанскиот град Севиља, во петнаесеттиот век, во времето на Инквизицијата. „Големиот инквизитор“ е стар кардинал, кој ревносно ги гони еретиците. Секоја недела стотици се спалуваат на кладите. И токму во тој свет се појавува Христос. Тивко, молкум, оди меѓу луѓето. А тие веднаш го препознаваат. Го препознава веднаш и „големиот инквизитор“. И наредува да го затворат. Во келијата тој му вели на Христос, „зошто си дошол, за да ни пречиш?“ На луѓето не им треба веќе Христос, оти тие – моќните како него – го завршија неговото дело, верува кардиналот. Слободата, најдрагоценото кое Христос им го дари на луѓето, вели тој, тие доброволно им ја предадоа ним, на таквите како „големиот инквизитор“. Тој верува дека конечно успеал да ја победи слободата и „да ги направи луѓето среќни“. Притоа го потсетува Христос на трите прашања со кои Ѓаволот го искушуваше во пустината. На пример, да направи  од камењата леб. На што Христос му одговори на Ѓаволот: „Човекот не живее само од леб…“. Стариот инквизитор ја изговара тајната на успехот на сите модерни диктатори, на кои луѓето им велат самите: „Поарно поробете нѐ, ама наситете нѐ!“ Зошто е уверен во тоа? Затоа што верува дека „слободата за сите е неспоива со доволно земски леб за секого, затоа што тие никогаш, никогаш нема да го делат со другите.“ Затоа слободата ќе ја заменат со покорност. Христос ја одби понудата на Ѓаволот, оти што ја постави слободата над сите вредности.

По директива

Колку мора да е големо чувството на немоќ кај македонските граѓани, за тие во еден миг да посакаат токму „протекторат”? Тоа значи, да посакаат да се вратат – да регресираат – во минатото на Македонците, во времето кога тие уште немаа своја самостојна држава. Колку голем мора да е очајот кај многумина, кога тие  веќе ја заборавиле радоста со која започна „македонската приказна“ на самостојноста пред триесет години? Притоа, не ме зачудува кога копнежот по протекторат, како „спас“ од корумпираните политичари, од „заробената држава“, не го пројавуваат само обичните македонски граѓани. Ме замислува кога тоа ќе го прочитам и во анализите на умни луѓе во Македонија. Поимот „протекторат“ не е само реторичка фигура за очајот. Имено, поразот на еден демократски обид не смее да се разбере во апсолутна смисла, како пораз на слободата и демократијата. Демократијата не е состојба која се постигнува веднаш, со борба и револуција, со протести и демонстрации – еднаш засекогаш. Напротив, демократијата е макотрпен и долг процес, во кој опшеството се преобразува од недемократско во подемократско. Таа не е еднаш постигната и, потоа, вечно неизменлива состојба. Парламентарната демократија е заедничко дело на одговорни  граѓани. Нема демократски систем без совесни субјекти. Неслободата во авторитарните системи се темели врз толпата од поданици и „партиски војници“, кои немаат свој ум и совест, туку постапуваат по директивите на „водачот“, на силниот владетел, на „партискиот лидер“.

Копнежот по заштитата што ја нуди силниот владетел и силната држава е искушенито на слободата. Европската историја на демократијата е долга и преполна со падови и порази во варварство. Најдобар пример за тоа е поразот на Вајмарската република и тоа што дојде потоа во Германија, диктатурата на Третиот Рајх. Во Вајмарската република имаше многу слободоумни и демократски луѓе. Тоа што недостигаше Германците го научија дури по војната, во долгиот процес на демократска преобразба. Демократијата, имено, се учи само во слобода, а не во „стакленик“, не во заштитен простор.

Се верува во Бог, не во политичари

Македонските граѓани немаат големо искуство во парламентарната демократија. А и овие три децении транзиција не беа најдобрата школа за демократија и слобода. Затоа што, за да копнееме по слобода, треба да имаме примери за неа. На слобода биваме и воспитувани. Слободата најдобро се учи кога ќе се доживее во конкретна личност. Само слободни луѓе ни покажуваат што е слободата. Воспитанието на слобода започнува во фамилиите. Родителите се првите што ни покажуваат со своето однесување што е слобода. Што е праведност и совесност. Што е чесност и одговорност. Што е солидарност и заедништво. И нѐ охрабруваат да живееме и самите според тие вредности. Што значи слобода и достоинство учиме и од нашите  учители. Затоа е значајно образованието. Нас нѐ обликуваат не само живите луѓе во нашата околина, туку и сите  од минатото, тие, кои ни ги пренесува литературата или филозофијата. Како Сократ, како Достоевски. Дали тие вредности денес се темелот на македонското образование? На кој идол му се поклонува денес македонското општество? На тој на  парите, богатството, нечесноста и криминалот? На успехот по секоја цена? Или на мудроста и науката, на културата и уметноста, на трудољубивоста, на чесноста и одговорноста, на достоинството и на моралниот интегритет?

Нема слобода без одговорност. Инаку таа е самоволие. Затоа слободата за многумина е тежок товар, оти се плашат од одговорност. Слобода не постои без одговорност и морал. Гаранцијата за тоа треба да се, пред сѐ, политичарите и државните институции. Тоа не значи дека сите други граѓани се ослободени од одговорност. Демократскиот поредок е владеење на одговорни и совесни граѓани, свесни дека сите заедно одлучуваат за заедничкото добро.

Секој граѓанин во едно општество со подолга демократска традиција, кога ќе се соочи со поразот на политичарите, за кои самиот гласал на слободни избори, нема да помисли дека „спасот“ од нив е во „протекторат“. Тој нема да ја отфрли слободата, затоа што немало друг спас. Зошто? Затоа што, на пример, германските граѓани научија во минатото да не гледаат во политичарите „спасители“. На политичарите не им  ја доверуваме нашата „верба“ во нив. Оти се верува во Бог, но не во политичарите. Ним им ја предаваме одговорноста за државата. Ако не се достојни за тоа, ќе си заминат на следните избори.

Кица Колбе

извор: ДВ

  Категории:
view more articles

Останати вести