Ние сме дел од европското семејство и мора да продолжиме да се однесуваме така

Ние сме дел од европското семејство и мора да продолжиме да се однесуваме така
20.10.19   12:18

Прочитано : 260

Print This Article

Деновиве сите го поставија прашањето доколку добиевме датум за отпочнување на преговорите, што ќе правевме денес?

Доколку во петокот минатата недела Советот на ЕУ донесеше позитивна одлука за долгоочекуваниот датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, наративот во многу аспекти ќе беше малку поразличен.

Датумот ќе значеше формално придвижување во процесот на пристапувањето, признание за успешното спроведување на подготвителниот скрининг за усогласувањето со европскиот acquis, и придвижување кон исполнувањето на политичките, економските и правните критериуми за членство од Копенхаген, надополнети со Мадридскиот критериум дека целосното спроведување на овие критериуми мора да биде следено од соодветна административна структура, создавање на ефикасен систем и дефинирање на ефикасен процес на усвојување и спроведување на европското acquis.

Процесот ќе се придвижеше кон формално отворање на Поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (правда, слобода и безбедност), од вкупно 35-те поглавја од европското acquis.

Критериумите за членство од Копенхаген вклучуваат:

Ø политички критериуми – постоење на стабилни институции кои ги гарантираат демократијата, владеењето на право, човековите права и почитувањето и заштитата на малцинствата;

Ø економски критериуми, кои се однесуваат на постоење на функционална пазарна економија која е способна да го издржи притисокот на конкуренцијата и дејствувањето на пазарните правила во рамките на Унијата;

Ø правни критериуми, кои се однесуваат на способноста за преземање на обврските кои произлегуваат од членството, односно преземање на правната рамка на ЕУ (acquis communitaire, како целина на правата и обврските кои произлегуваат од членството во Европската Унија, вклучувајќи ги основачките договори, меѓународните договори, меѓународното обичајно право и општите принципи на ЕУ, секундарното право кое го опфаќа целото законодавство кое го усвојуваат институциите на ЕУ, праксата на Судот на правдата на ЕУ, како и секоја друга обврска (политичка, преговарачка или слично) преземена од држава членка во рамки на активностите на ЕУ.

Сепак, овој викенд ни ја носи реалноста каква што ја знаеме – но тоа сепак не е причина за да се бараат изговори и откажувања. Од денес мораме да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум минатата недела – Македонија нема друга алтернатива, и мора да продолжи да оди по европскиот пат. Заради тоа, повикувам сите политички чинители во државата да ги преземат сите дејствија за доекипирање на тимовите кои би учествувале во преговарачките процеси и да се анимираат сите експертски и професионални потенцијали, сите ресурси во општеството, и активно, секојдневно да се продолжи работата за приближување кон европските вредности, традиции и принципи. Овие заеднички тимови мора да продолжат непрекинато да работат без оглед на најавените избори, а ако сакаме воопшто и да помислиме на ЕУ, не смее ни да се помисли на било што друго освен спроведување на изборниот процес по највисоките европски принципи!

Стопанската комора на Македонија, како најстара и најзначајна бизнис асоцијација во земјата, врз основа на искуствата на нашите партнерски Комори од тие земји во водењето на пристапните приговори на Словенија, Хрватска и Бугарија, како сериозна институција има донесено документ за нашето партиципирање во тој процес – во тие земји, претставниците од Коморите биле активно вклучени во целиот тек на преговарачките процеси, па дури и биле главни преговарачи за определени поглавја (вклучувајќи ги на пример, поглавјата 11, 12 и 13 поврзани со секторот земјоделие). Затоа, и јавно декларираме дека сме подготвени да ги ставиме сите свои капацитети (стручната служба на Комората и база на повеќе од 950 менаџери, стопанственици и експерти од различни области, вклучени во органите и телата на Комората) на располагање во тој процес. Заеднички мораме да продолжиме да ги правиме сите потребни реформи не затоа што некој друг од надвор ни ги бара, туку затоа што се неопходни.

Ние сме дел од европското семејство, и мора да продолжиме да се однесуваме така!

Бранко Азески, претседател,
Стопанска комора на Македонија

  Категории:
view more articles

Останати вести