Нешто за Евровизија

Нешто за Евровизија
25.05.19   12:43

Прочитано : 1,037

Print This Article

Вчерашниот 24 мај, денот на словенските просветители Кирил и Методиј е значаен за сите нас и заслужува секогаш да се одбележува достоинствено и да биде празник на обединување како кај нас така и кај сите народи во регионот. Денес е 25 мај, празник од нашата историја во поранешната СФРЈ, денот на младоста и ден кога се славеше роденденот на Јосип Броз Тито. На многу луѓе од постарите генерации, на нашите родители, овој ден им е значаен и со некоја носталгија си помнат како го одбележувале додека пак други гледаат поинаку на тоа, но мислам дека и овој празник бил дел од нашата историја и тоа треба да го почитуваме, секоја нација треба да ја почитува својата историја и тоа треба да не обединува исто така. Но во овој текст имам нешто друго да кажам околу обединувањето, ајде нешто за Тамара и за Евровизија.

Прво да и го честитам големиот успех на нашата евровизиска претставничка Тамара. Сега по корегирање на грешката во врска со гласањето на стручното жири Тамара е првопласирана, тоа е огромен успех за нејзе, огромен успех за сите нас како држава и навистина минатата сабота се почуствувавме горди како нација. Не може да не бидете горд кога гледате дека сте прв, најгоре високо, а подолу под вас сите други и тоа светски музички нации, баш убаво чувство и голема причина да бидеме сите обединети.

Но дали беше така? Дали бевме обединети? За ова и за други прашања треба нешто искрено да кажеме.

Евровизиските музички настани ги следам многу одамна, уште на некои мои 5-6 години. Некако како низ магла го памтам уште оној Вајта, босански и југословенски пејач кога имаше настап на евровизија со песната Лејла, беше тоа мислам 1981 година, од таа година па натаму не пропуштав евровизија. Вајта не постигна некој голем успех, беше некаде на средина на табелата 15-16 место, но уште тогаш се виде колку е тешко дури и за онаа голема Југославија да се биде барем во првите пет композиции на тоа натпреварување. Потоа дојде Даниел и Џули, 1983 година. Тоа беше вистинска музичка треска во цела земја. На овој настан веќе многу добро се сеќавам. Помнам дека таа саботна вечер на 24 април 1983, надвор немаше никој додека настапуваше Даниел. Цела Југославија навиваше и сите беа обединети. Да, сите ја сакавме Џули. Тој не успеа да победи, долго време на гласањето беше на второ место и на крајот заврши на четврто место што беше огромен успех. Понатаму доаѓаа уште многу евровизии се додека не победивме во 1989 година, ама мене после Даниел и Џули музиката ми влезе под кожа, почнав да свирам гитара и музиката ми стана едно убаво хоби кое се уште го правам со задоволство. Е сега оние кои добро се сеќаваат знаат дека порано победникот на евровизија се добиваше само со гласање на стручните жирија од земјите учеснички и немаше гласови од публика. Според мене ова беше далеку подобро и пообјективно затоа што квалитетните композиции и изведби можеа да дојдат до израз повеќе, па и да победат без разлика дали се работи за некоја мала нација или држава. Сетете се само на Република Ирска која парче правеше на евровизија, победуваше многупати. Токму затоа Ве потсетив на поранешна евровизија, иако е неспоредливо, но со тој начин на гласање и на избор на песните, денес Тамара ќе беше севкупен победник и наредната година ќе бевме домаќини на овој голем спектакуларен настан. Ете затоа успехот за Тамара и за нас како држава е огромен. Да бидете првопласирани во една ваква конкуренција каде што се натпреваруваат многу повеќе држави од порано е рамно на подвиг што не им успеало на многу големи имиња во музиката од поранешна Југославија. Не успеа тогаш Вајта, ама не успеа ниту Даниел, ниту Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Дорис Драговиќ, Владо Калембер и многу други големи имиња од поранешната земја не успеале да бидат ниту во првите десет пласирани на песна на евровизија. Ќе се сложите уште еднаш, огромен успех кој требаше да не обедини.

Но дали не обедини?

Не, не бевме обединети, ајде да не се лажеме. Македонската нација не беше обединета како и многу пати до сега. Како и многу пати до сега покажавме дека сме незрели и покажавме дека сме длабоко партизирано општество каде што политиката е навлезена во сите пори, па дури и кога е спортот и музиката во прашање. Сите Македонци не навиваа за Тамара и не сакаа таа да победи, тоа е нешто што го видов и за што сум разочаран како и многу луѓе. Ова е преседан. Не беше само дијаспората во прашање, и нашите овде во голем број не сакаа победа. Се прашував зошто ама одговорите кои ги добивавме беа од глупави до поглупави. Едни биле против Тамара затоа што таа пеела за Северна Македонија. Кога пеела за ФИРОМ не биле против затоа што тоа било привремено. Ама тоа привремено нешто многу долго траеше. Ќе се сложите потполно глупава аргументација. Други пак не сакале да победи Тамара затоа што се сликала со Зоран Заев и Никола Димитров, демек партиски било тоа, пази молим те. Па зар некој во Македонија не се радуваше кога Вардар стана европски првак или кога освоивме четврто место во Литванија затоа што се сликаа спортистите со Никола Груевски и со пола влада? Не, не беше така, сите се радувавме и бевме на плоштад да ги пречекаме ракометарите и кошаркарите без разлика која влада била и кој премиер. Ама тогаш беше нормално да се сликаат со премиерот а сега било партиски, е така е во демократија, напредуваме, добро е. Многу работи што тогаш се чинеле нормални денес веќе не се нормални. Трети пак беа против Тамара затоа што евентуалната победа на евровизија би значело победа и на оваа влада и на оваа политика, ете и тоа го слушнав, абе што да Ви речам, све будалаштини. Да не ги коментирам пак оние на социјалните мрежи во стилот “ Абе што мислевте Северџани, дека ќе победите, Ве поздрави Холандија“, осмо место, итн, имаше и доста други глупости но не вреди повеќе да коментираме. Ама добија среден прст, се зафркнале, не е осмо туку сега е седмо место.

Не ја бива работата така. Како ќе се обединуваме ако не се промениме самите во своите глави, никако. Оставката на пратеникот Павле Богоевски пред некој ден исто така значи една позитивна промена и пример кој треба да почнат да го следат и останатите, ама не го прават тоа, не сакаат дури ни мандат да одземат на пратеник кој неоправдано отсуствувал повеќе од шест месеци што е уставна и законска обврска, ама не го прават, па како ќе одиме понатаму, како ќе се развиваме, како ќе се обединуваме, никако.

Ај пак отидовме во политика што не сакав овој пат, сакав само за евровизија нешто да кажам, доста е, имајте убав продолжен викенд, се гледаме.

м-р Глигор Стоименов

  Категории: