Немири и апсења на новогодишната ноќ во Франција

Речиси 400 лица се уапсени во Франција на новогодишната ноќ поради предизвикување немири и палење автомобили, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, додавајќи дека со зголемените безбедносни мерки, забележани се помалку инциденти од претходно.

Низ целата земја, рече Дарманин, беа уапсени 380 бунтовници, што е за околу 10 отсто помалку во споредба со претходната новогодишна ноќ.

„Властите потврдија дека биле опожарени 745 возила, што е исто така за 10 отсто помалку од лани, а околу 40 полицајци се здобиле со полесни повреди, што е дури 40 отсто помалку од лани“, додаде францускиот министер за внатрешни работи.

Француските власти претходно најавија дека за новогодишната ноќ низ цела Франција ќе бидат засилени мерките со распоредување на 90.000 полицајци.

Во Париз, главното место за прослава беше авенијата Шанзелизе, Триумфалната капија беше облеана со светлината од огнометот и видео проекции, а Дарманин потврди дека во тој дел на Париз се собрале повеќе од милион луѓе. 

Back to top button
Close