Наташа Поповиќ: Спектакуларен почеток на Охридско лето со Венеса Меј, Оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера

Наташа Поповиќ: Спектакуларен почеток на Охридско лето со Венеса Меј, Оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера
10.07.19   15:13

Прочитано : 366

Print This Article

Светски познатата Британка, виртуозот на виолина, Ванеса Меј, која ќе го отвори 59-то издание на фестивалот Охридско лето, Фестивалот, веќе влегува во својата вообичаена кондиција и практика.

Веќе се одржаа две претходни манифестации, пред големиот почеток. Синоќа, и наредниве две вечери, “Подиумот на млади“, како предвесник, а пред тоа, уште на 11–ти јуни, работилницата: „Музиката денес“, со  Џијан Емин, еден од најдобрите македонски музички уметници,како предавач.

По предавањето,  со почеток од 20 часот, следи авторски концерт на квартетот на Џијан Емин во состав: Кирил Кузманов-алт саксофон, флејта, Џијан Емин-пијано, клавијатури, глас, електроника, Кирил Туфекчиевски–контрабас  и Гоце Стевковски – тапани.

Подиумот, беше практика на Летото, речиси од основањето пред 6 децении. Сега се враќа на фестивалската сцена, по 22-годишна пауза, како шанса за настап на неколкумина млади домашни музичари,или со старата терминологија – млади музички надежи.

Подиумот беше отворен на централниот подиум –  црквата „Света Софија“, со настапот на кларинетистот Рикардо Хуна, во пијано придружба на Билјана Петровска, односно пијанистката Инес Неделковска.

Рикардо Хуна (2002, Скопје) е ученик во втора година, во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј“ , во класата на проф. м-р Б. Трајковски. Со свирење кларинет почнува од 2012-2013 година. Во текот на последните години Хуна со своето музицирање достојно се претставува себеси и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, не само во државата, туку и надвор од неа. За сите негови достигнувања говорат многубројните концерти, рецитали, како и учеството на многу државни и меѓународни натпревари. Носител е на највисоките награди и признанија, како на државно, така и на меѓународно ниво.

Инес Неделковска (2003,Скопје) започнува да учи пијано на нејзина шестгодишна возраст во класата на вон. проф. д-р Нина Костова. Носител е на шест први награди на државните натпревари по музика, но и многубројни награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Македонија итн. Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: „Карнеги хол“ и „Кауфман центарот“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ во Лондон, театарот „Росини“ во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Исто така, има реализирано и значајни концертни активности. Настапува на фестивалите „Москва ги пресретнува пријателите“, во рамки на музичкиот циклус „Млади Виртуози“ има рецитал на реномираниот Љубљански фестивал, одржува солистички концерт во малата сала на Македонската филхармонија, а годинава реализира рецитал во Италија во рамките на PianoFormia во театарот ”Remigio Paone”. Исто така, настапува како солист со Македонската филхармонија, со АГБУ камерниот оркестар од Софија, камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск на Транс-сибирскиот уметнички фестивал, организиран од познатиот руски виолинист Вадим Репин.

 

Во рамките на овој Концертен подиум, на 10 јули, ќе настапат флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева, како и младиот пијанист Арда Мустафаоглу. Проектот „Подиум на млади“ ќе биде заокружен на 11 јули со концерт на виолинистката Наоми Георгиевска која ќе биде  придружувана на пијано од Доминика Робе, како и со настап на сопранистката Мила Јаневска која ќе ја изведува својата програма во пијано соработка со Билјана Петровска.

Веќе е најавено дека  честа свечено да го отвори годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид, ќе ја има мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј.

Колку што е честа за нејзе, толку е тоа чест и за публиката, која веќе бара билет повеќе, а тој не е евтин (50 евра), што не е причина древното борилиште да не биде преполно, овој пат за звуците на музиката.

Ќе имаме една незаборавна вечер со уметничка која го носи епитетот светско чудо. Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт, уверува директорката Наташа Поповиќ.

Британката Ванеса Меј го носи епитетот светско чудо, а ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонија и вокални солисти од Операта, под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров од Бугарија.

Меј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со цел да ја доближи класичната музика до поширокиот круг слушатели.

На само 13 години таа стана првиот солист на виолина на таа возраст што одржал концерт во Лондон, а подоцна токму нејзиниот микс од т.н. техно и класика ѝ донесе милиони продадени албуми во светот.

Во 2006 година беше прогласена за најбогата музичарка под 30 години.

Охридско лето, во традиционалниот термин,  од 12 јули до 20 август, ќе понуди 45 содржини.

Меѓу триесет и четирите концерти кои публиката ќе ги види годинава ќе биде настапот на најпознатите виолончелисти на светската сцена Русинот Денис Шаповалив, сопранистктата Инва Мула од Албанија која ќе настапи со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцкоски и со сопранот Дешира Карлиу, пијано дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, некогашното чудо од дете, ансамблот Дорицо од Италија и други. истакна Васко Ристов, селектор на музичката програма.

Во драмскиот дел како што најави во видео обраќањето селекторот Александар Поповски сериозно се размислува низ содржините да му се оддаде почит на починатиот драмски писател Горан Стефановски. Во таа насока се водат преговори во рамките на фестивалот да биде изведен неговиот текст „Црна Дупка“, но од дирекцијата рекоа дека засега ништо не е официјално. (Крај)

Веле Митаноски

  Категории: