Мрсните аудио приказни на Ел Чека и правдата

Мрсните аудио приказни на Ел Чека и правдата

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

На Али Ахмети и неговите најблиски соработници мора да им е ужасно непријатна и понижувачка оваа ситуација со албанскиот модерен Емилијано Запата од Америка, Ел Чека. Јавноста со право очекува да дознае повеќе за потеклото на снимките и целосно расветлување на мотивите за неговите „бомбашки“ напади на социјалните медиуми. Во меѓувреме, не ни преостанува ништо освен истовремено да се забавуваме и да се шокираме со нови, „мрсни“ детали за „албанскиот дел“ од македонската политика.

Сите аспекти на оваа афера, сите линкови и врски допрва ќе се откриваат. Мотивите, изворите и клучните играчи сѐ уште се во сенката на шпекулациите и фантастичните теории на заговорот. Би било наивно да се поверува дека Ел Чека е lone wolf (осамен волк) што решил да се пресмета со „Али Баба и неговите разбојници“. Од технолошки аспект, пак, не треба ни тоа да го исклучиме, бидејќи, за да се изведе една ваква онлајн офанзива, доволни се само мобилен телефон и интернет конекција. Но, прерано е да се започне со тие шпекулации, дали е сам или некој многу поголем стои зад Ел Чека.

„Малку“ е понижувачки за Али Ахмети и неговите ортаци тоа што, за да се бомбардира и сруши неговото другарче Груевски, беше потребен цел еден Зоран Заев, заедно со многу вреден, посветен и вешт тим за поддршка, а неговото рушење го води еден млад дечко from around the bloc, додека се вози во својот автомобил, а и живее на друг континент.

Сигурно и Груевски, додека мази нечие колено, машко или женско, сеедно, и пие скап коктел од нашите пари, се кикоти додека ги чита транскриптите од оваа онлајн „вендета“ на Ел Чека. Можеби деновиве ќе слушнеме и како разговара со Ахмети во стилот „Али, брат, како си? Гледаш сеа како ми беше мене у 2015-та? Оној Зоки ептен те штедеше… Ја, арен, еве. У пензија, пишуем статуси по Фејсбук, хахаха“, а Али само воздивнува и му одговара уште побавно од вообичаеното, со скршен глас: „А бе, брат (со меко „р“), чивша ноне е овој Фејсбук“…

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.