Мони/мулти партизација

Мони/мулти партизација

Бидејќи веќе ги спомнав поимите дисфункционално општество и дисфункционална култура, не е којзнае какво откритие на годината ако се констатира дека, сосема логично, во дисфункционално општество може да има само – дисфункционална култура! Ни повеќе, ни помалку. И таа и таква култура ја гледаме на дело веќе толку децении. Во неа само се напластуваа(т) проблем врз проблем но не се решаваат, се градат митологии без темел и на Фејсбук се самопрогласуваат ремек-дела и национални величини, критиката одамна е изгонета од овие простори како нешто непотребно и од страна на државата и од страна на уметноста зашто, де факто, никому и не му е потребна. На сите им е поудобно да си се величаат меѓусебе – државата како има едно чудо големи уметници, „големите“ уметници како имаат културна држава! (Впрочем, читајте го, ако имате нерви, „интервјуто“ на „директорката“ на Националната галерија во „Слободен печат“. „Преспав“ може вода да му носи!). И во суштина, никој не ја извршува работата за којашто е надлежен / основан – мислам на државата / власта и институциите, се разбира, или она за што своеволно и самоиницијативно се определил – мислам на уметниците и културните работници.

Примери за ова има малтене безброј, од самиот врв на државата / културата до „дното“ на пирамидата, од неодамнешното минато отсликано во ликот на онаа црна несреќа викана претседател на државата сосе неговите налудничави идеи до најбезначајните директорчиња во културата кои тераа свои „политики“, од оној малоумен премиер-криминалец кој се замислуваше владетел од ренесансен тип до целата култура којашто му служеше како на Козимо Медичи. Иако значително стеснета денес, оваа нефункционалност се’ уште е првото видливо лице на оваа држава. Парадигматична во овој поглед е констатацијата дека претседателот на Уставниот суд Сали Мурати „(…) признава дека Судот ретко ја користел можноста да ја оценува уставноста на некој закон по службена должност и дека практично основниот начин по кој Судот постапува е поднесените иницијативи“ (sic!).[1] Ако пак немало „иницијативи“, што ќе работеше тој суд? А уште пофрапантна е неговата изјава дека Уставниот суд „нема ни пари ни автономија“. Или, ако највисоката судска инстанца во државава не го работи она што треба да го работи и за што е основана туку чека да добива „иницијативи“, зошто би се чуделе на неработењето / нефункционалноста на некои „побезначајни“ институции? Или здруженија, кога сум веќе кај тоа. Но, во овој контекст, сакам уште еднаш да потенцирам дека ДЛУМ го земав како можен пример само заради (според мене) неумесниот „протест“ и непримерените „коментари“, а не како некаков општествен штетник што треба да се изложи на столбот на срамот (како на пример Уставниот суд!). Не, зашто ситуацијата е иста, или слична, и во другите еснафски здруженија каде политикантството ја заменува работата, квалитетот одамна се повлекува пред квантитетот, безпарицата е веќе повеќедецениска константа … а врз сето тоа како Дамоклов меч постојано лебди монструмот на тоталната партизација и на културата и уметноста којашто ги збриша сите минати валидни мерила и стандарди но не создаде нови. Или, ако сакате, видете што од Скопје направија партиските и молчаливите архитекти во содејство со тогашниот штаб на злосторничкото здружение лоциран во Министерството за култура. (Апропо, говорејќи за неизвршувањето на базичните должности / надлежности на државните органи во оваа нефункционална држава, тоа и такво Министерство за култура си присвои ингеренции на градежен оператор, на историски судија, на селектор и критичар … односно се’ она што едно министерство за култура не треба да биде!). Секако, во целион оној галиматијас со „Скопје 2014“ не го потценувам ни „придонесот“ на македонските скулптори и нивната варваризација на централното градско подрачје, како и „мајсториите“ на македонските сликари во, на пример, „Златниот театар“ претворен во врвен сликарски кич. Или онаа репрезентација на „сликарски“ невкус по ѕидовите на веќе спомнуваниот Музеј на македонскиот хорор! Тоа се децениски, да не речам епохални злосторства на културата и уметноста кај нас коишто поминаа мазно покрај сите уметнички здруженија во Македонија. А во тој кош и ДЛУМ како можеби најповикано. А сето тоа, повторно, е резултат на целосно и неотповикливо приграбената власт од страна на партиската држава која се трансформираше во врховен жрец и судија, критичар и визионер, градител и рушител! Таа, државата односно партијата / партиите на власт се наметнаа како самодоволни и себедоволни, а општеството доби третман на нивен неисцрпен ресурс.

Но, да се вратам на поопштата тема наречена дисфункционална култура и нејзините симптоми кај нас. Односно, нема да заморувам со дефиниции што културата е’ односно што би требало да биде во една современа држава во дваесет и првиот век. Еве нека стои најширокото „упатство“ за културата како систем на споделени претстави, вредности и верувања во коишто луѓето веруваат и според коишто се однесуваат. Кога културата го достигнува степенот на општост / (условно) државност, кога на луѓето им го дава она вредно чувство на припадност и идентитет, таа (културата) тендира и да се институционализира, но повторно како „општо место“ за сите граѓани, како форма на некаква (повторно) разбрана припадност. Е сега, имаше ли Македонија во минатото – а под минато го подразбирам периодот пред 1990 година – таква култура? Не би се осмелил да кажам не, зашто тоа едноставно не би било вистина. Или, поточно: во погорепосочената насока – да, имаше елементи на функционална култура! Тие елементи беа создавани во периодот од 1945та година како некаков современ темел, но сепак ползувајќи ги и традициите од минатите векови. Но тој функционален систем остана само парцијално делотворен односно не можеше да се заокружи заради повеќе причини. Едната, веројатно најважната (покрај многуте) беше фактот дека таа култура се градеше (барем во почетокот) во прилично ригиден еднопартиски систем и не на граѓански туку главно на идеолошки основи и вредности (кои сепак не беа заеднички за сите). И понатаму, тој „систем“ не секогаш и не доволно ги земаше предвид и сите други важни аспекти, а особено мултиетничкиот карактер на таа култура, на тоа општество. Ова, на пример, отворено се покажа за време на демонстрациите во 1968 и 1981 година во Тетово и Гостивар. Се разбира, кога на сето ова ќе се додадат и други важни елементи, особено начинот на финансирањето на културата – речиси непроменет до денес – станува појасно зошто и во оној навидум релаксиран систем, или барем во неговите последни деценија-две, културата сепак остана сериозно пришрафена на Прокрустровата постела, растргната помеѓу желбите и можностите.

Или, ако сакате, тогашната моно-партизација на општеството, вклучувајќи ја и културата, во самата суштина не е ништо поразлична од сегашната мулти-партизација. Барем за оние четири или повеќе години колку што трае мандатот на владеачката партија / партии! Со една голема разлика: тогаш во тој „стар“ систем, во културата и уметноста барем постоеа желби, визии, надеж за промени, отвореност за некакви перспективи … Денес ни од тоа нема ништо!

[1] Соња Христовскс-Угриновска, Немаме ни пари ни автономија!, Слободен печат, 10 јануари 2020

 

Златко Теодосиевски