Мицкоски со повеќе шамари се враќа од Хелсинки

Мицкоски со повеќе шамари се враќа од Хелсинки
8.11.18   10:27

Прочитано : 2,554

Print This Article
loading...

Хан „ја поздрави посветеноста на Мицкоски да не ја попречува постапката во парламентот“, Пак порача дека 8-те пратеници не смеат да се третираат како криминалци, а Жозеф Дол покани и втора партиска делегација од ДПМНЕ, пишува Дојче веле.

Дали Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки ќе донесе промени и во однесувањето на најголемата опозициска партија во Македонија? Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на маргините на Конгресот на ЕПП оствари средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, по која тој на Твитер објави интересна порака.

„Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на ЕПП во Хелсинки. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот Договор мора сега брзо да се заврши, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во Парламентот. За евроинтеграцијата треба лојална опозиција“, напиша Хан на Твитер.

Ваквите „нови нијанси“ ги нема во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ објавено по средбата Мицкоски-Хан. Партијата само кратко соопшти дека „на средбата Мицкоски нагласил дека стратегиски приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е членство на Република Македонија во Европската Унија, дека во таа насока партијата ќе продолжи да дава значителен придонес, и дека Мицкоски го информирал Хан за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ“.

Вчера, поранешната европратеничка од Германија и добар познавач на состојбите во Македонија и Балканот, Дорис Пак, на Твитер објави невообичаено остра порака која навестува дека со Мицкоски немале многу пријатен разговор.

„Неприфатливо е осумте пратеници од ВМРО кои гласаа за Договорот со Грција и за европска иднина на земјата, да се третираат како криминалци. ЕПП тоа не смее да го толерира!“, напиша Дорис Пак.

Нејзината порака беше објавена во време кога пред домот на пратеникот Крсто Мукоски кој гласаше „за“ отворање на процесот за уставни измени, се одвиваше протестен собир во организација на движењето „Македонија блокира“, кое такви собири најави и пред домовите на другите пратеници кои гласаа „за“. ВМРО-ДПМНЕ седумте нејзини пратеници кои гласаа „за“ отворање на процесот на уставни измени експресно ги исклучи од членство, откако Мицкоски јавно ја осуди нивната постапка со која ја разочарале татковината и им порача „дека ќе треба да живеат со тоа“.

Жозеф Дол покани и втора делегација

Пораките од Јоханес Хан и Дорис Пак најверојатно не се резултат на единствените „лекции“ што му биле одржани на Мицкоски на средбите со претставници на сестрински партии во Хелсинки. Соодветна порака му е упатена и од претседателот на ЕПП, Жозеф Дол. Имено, на Конгресот на ЕПП покрај претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, секретарот за меѓународна политика Влатко Ѓорчев и советникот за меѓународна политика Тимчо Муцунски, за првпат е поканета и втора партиска делегација. Меѓу поканетите се неодамна разрешниот заменик-генерален секретар Петар Богојески и разрешениот член на Извршниот Комитет, Костадин Богданов, двајцата од редовите на иницијативата за внатрешни реформи. Покана добиле и разрешениот партиски потпретседател Митко Јанчев и исклучениот од партијата – Никола Тодоров, поранешен висок партиски функционер и министер за здравство. Јанчев и Богданов поради обврски останаа во Скопје, а во Хелсинки отпатуваа Богојески и Тодоров: првиот од позиција на партиски член, вториот – од позиција на официјално исклучен од партијата.

„На Конгресот на ЕПП сум присутен по специјална покана од претседателот Жозеф Дол. За мене е голема чест да бидам учесник и да се запознаам одблиску со реалното спроведување на демократски практики при донесување на конгресните одлуки. Оваа можност ја користам и за низа разговори со највисоки претставници на ЕПП и на партиите-членки. Темите на разговори се европската агенда на Република Македонија и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Богојески.

Аналитичари оценуваат дека поканата за присуството на Конгресот на разрешените и исклучени партиски членови е јасна порака до раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека политиките и потезите што ги презема партијата не се надвор од радарот на ЕПП. Односно, дека Европската народна партија не се согласува со некои од нив, дека сака автентично да ги слушне причините за тоа, и оти е крајно загрижена за насоката во која во моментов се движи најголемата македонска опозициска партија и за какви вредности се залага.

Резолуција на ЕПП

А вредностите за кои се залага ЕПП – најсилната политичка групација во Европскиот парламент, беа нотирани и во резолуцијата што вчера беше усвоена на Конгресот. Во неа се осудуваат сите оние кои ги кршат европските вредности, но без да бидат наведени поименично.

„Ги повикуваме сите членки на ЕПП да ги почитуваат, штитат и развиваат тие вредности. Нагласуваме дека ЕУ е втемелена на вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото. Популистичкиот национализам, дезинформациите, дискриминацијата и заканите врз владеењето на правото, претставуваат најголема закана за слободата и демократијата во Европа, од падот на Железната завеса“, се вели во резолуцијата.

Иако не се спомнува унгарската партија Фидес, се смета дека резолуцијата е порака и за нејзиниот лидер Виктор Орбан, кој често е критикуван поради отстапување од европските демократски вредности, но дека е порака и кон други партии-членки кои ги кршат зацртаните вредности. Во резолуцијата се повикува и на зачувување на академските слободи и на еднакво третирање на невладините организации.

Како што пренесоа дел од европските медиуми, претседателиот на ЕПП, Жозеф Дол, се спротивставил на идеите за исклучување на „Фидес“ од ЕПП.

„Често сум говорел дека во секое семејство има по едно лошо дете. Повеќе сакам да се задржи лошото дете во семејството, за да се вразуми“, изјавил Дол пред почетокот на Конгресот, на кој 758 делегати треба да гласаат за избор на кандидат на ЕПП за претседател на Европската Комисија.

loading...
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести