Мирослав Церар: Словенија е силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО

Мирослав Церар: Словенија е силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО
23.10.18   11:25

Прочитано : 63

Print This Article
loading...
церар

Ова е втора посета на РМ на Миро Церар годинава, но овој пат во својство на шеф на словенечката дипломатија. На  почетокот на април, беше во официјална посета на земјава како премиер на словенечката Влада. Овој пат повод за утрешната посета е меѓу другото и отворањето на новиот објект на Амбасадата на Република Словенија во Македонија.

Република Македонија и Република Словенија имаат одлични билатерални односи, со перспектива за натамошен напредок. Каде го гледате фокусот на политичките односи во постинување на оваа посакувана цел?

Словенија беше една од првите земји што ја призна Македонија под нејзиното уставно име и прва која склучи  дипломатски односи со Македонија. Минатата година ја одбележавме 25-годишнината од истата. Исто така и прва отвори Амбасада во Скопје, а Македонија го отвори своето прво дипломатско претставништво токму  во Љубљана.

Сето ова време, односите помеѓу државите се пријателски и партнерски, која се потврдува со интензивната политичка и професионална соработка, склучени договори, заемната поддршка при кандидатурите како  и посетите во сите области и нивоа.

Добрите политички односи се одразуваат исто така и во други сфери. Мислам дека интензитетот на посетите и состаноците на сите нивоа претставуваат добра основа за дефинирање на приоритетните прашања за идниот развој на соработката, како  и сум убеден дека постојат многу можности за зајакнување на односите меѓу двете земји.

Македонија е наш важен економски партнер. Особено сум задоволен што Словенија е една од главните земји-инвеститори во Македонија. Таа е исто така една од приоритетните земји во областа на развојната соработка; во периодот од 2005 до 2017 година, на Македонија и се доделени 17,46 милиони евра за развојна помош. Многу е важно заеднички да понудиме перспектива за младите луѓе.

Минатата година 782 студенти од Македонија студираа во Словенија.

Ми претставува големо задоволство заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, свечено да ги отвориме новите простории на словенечката амбасада во Скопје. Новите простории на амбасадата ги гледам исто така како симбол на дополнителен импулс од нашата посветеност кон напредокот на Македонија како и симбол на одличната понатамошна соработка на двете земји.

Словенија е членка на ЕУ од мај 2004 година и од март истата година и на НАТО. Кои се придобивките од членувањето во овие организации за земјата и колку Македонија може да научи од словенечкиот пристапен процес во нив?

Во членството на Словенија во ЕУ и во НАТО, гледам многу предности, како и придобивки. Посакувам, Македонија што е можно поскоро да стане дел од нашето евроатлантско семејство и жалам што оваа година не започна со пристапните преговори со ЕУ.  Словенија во сите дискусии, го бранеше ставот дека е неопходно да се следи проценката и препораката на Европската комисија, и според нашето мислење, Македонија веќе ги исполнува условите за почеток на преговорите. Верувам дека во согласност со заклучоците на јунскиот Совет за општи прашања, следната година ќе биде донесена соодветна политичка одлука.

Словенија е цврсто вклучена во евроатлантскиот процес на Македонија; поранешниот министер за надворешни работи, Семуел Жбогар, е шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, европскиот пратеник и поранешниот министер за надворешни работи, Иво Вајгл е известувач на Европскиот парламент за Македонија, полковник Зоран Јанкович, член на словенечката војска, ја води Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, додека Словенечката амбасада во Скопје, во период од 2019-2020 година ќе ја преземе улогата на контакт- амбасада на Алијансата. Оваа задача ја преземаме како голема одговорност и веруваме во напредокот на Македонија кон членството во НАТО.

Покрај тоа Словенија од 2004 година, кога стана членка на ЕУ  досега учествуваше во имплементација на седум твининг проекти и помогна при процесот на усогласување на законодавството со многу експерти, преку TAIEX проекти и преку механизмот на билатерална техничка помош.

Подготвени сме да обезбедиме политичка поддршка за вклучување во ЕУ и  сета потребна експертска помош при преносот на знаења и искуства во иднина.

Словенечката поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија е континуирана, силна и безрезервна. Како ги оценувате состојбите во земјата по референдумот и можноста од евентуални предвремени избори и нивната рефлексија врз стратешките цели на државата?

Словенија е силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Македонската влада покажа дека е веродостојна и затоа повторувам дека ја поддржуваме оценката на Европската комисија дека Македонија веќе ги исполнува условите за отворање на преговорите. Владата, исто така покажа кредибилитет преку ратификување на договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а особено со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција. И честитам на Владата и на премиерот Заев за храброста и проактивноста за решавање на проблемот со името. Не често, политичарите во регионот  се подготвени да преземат толку голема одговорност и да покажат дека склучувањето на договори и компромиси е позитивен пат кој носи напредок. Мислам дека поддршката која ЕУ ја изрази на Македонија пред референдумот треба да продолжи и затоа ми претставува задоволство да бидам првиот министер за надворешни работи од земјите членки на ЕУ, кој ја посети Македонија по исклучително важниот чекор во гласањето за почеток на уставните промени. Свесен сум дека ова не е лесен чекор за Македонија, но тоа е многу важно за иднината на земјата и благосостојбата на нејзините граѓани.

.Опозицијата во земјата смета дека референдумот од септември е неуспешен, а договорот од Преспа политички мртов. Според вас, колку се реални нивните изјави дека е можно да се испреговара подобар договор за земјата, што е став и на грчката опозиција?

Од двете страни, од македонската и од грчката, беше потребна голема политичка волја за да се постигне компромис, т.е. Преспанскиот договор. Ставот на Словенија е дека голем дел од оние македонски граѓани кои го оствариле своето демократско право и учествувале на консултативниот референдум, ја потврдија својата силна волја за трајно решение на спорот за името кој со децении ги отежнува односите меѓу соседните држави и го попречува напредокот на Македонија кон евро-атлантските интеграции. Мислам дека изразената волја треба да се земе предвид во понатамошниот процес на спроведување на договорот. Се плашам дека во спротивно, напредокот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе биде прекинат. Како резултат, тоа ќе се одрази во економијата и социо-економската состојба на граѓаните.

Рускиот амбасадор при ЕУ, Владимир Чижов, како алтернатива за македонските евроинтеграции ја нуди евроазиската интеграција. Колку според Вас тоа е реална алтернатива за Република Македонија?

Процесот на приближување кон евроатлантските интеграции го гледам како клучен двигател за реформи, со приближувањето на сите земји од регионот со европските вредности се зајакнува стабилноста и оттука и безбедноста во регионот.

Во нашата стратегија за надворешна политика пишува дека, Западен Балкан е од стратешко значење за Словенија и е еден од главните приоритети на словенечката надворешна политика. За Словенија, безбедноста, стабилноста и развојот на овој регион е од суштинско значење, особено во економска смисла. Заради својата географска близина и историски врски, Западен Балкан претставува природна економска и безбедносна поткрепа на Словенија. Така, Словенија се обидува да ги зајакне и продлабочи односите со земјите од регионот, да ја продлабочи регионалната соработка меѓу нив како и да го поддржи приближувањето и вклучувањето на земјите од Западен Балкан во евро-атланските интеграции.

Целта на Словенија е да обезбеди стабилност, напредок на реформите, одржлив економски развој и зајакнување на политичкиот дијалог во регионот со цел трајно помирување во контекст на унапредување на сестраната соработка меѓу земјите во регионот.

Трговската размена меѓу Македонија и Словенија изнесува 300 милиони долари годишно и бележи раст од 10-15 отсто. Проекциите се дека до 2020 таа може да достигне 500 милиони долари. Како до поголема трговска размена и во кои сектори?

Република Словенија и Република Македонија се важни економски партнери, па затоа е важно владите на двете земји да продолжат да вложуваат напори кон создавање  позитивна клима и соодветни законодавни рамки кои ќе ја унапредат билатералната економска соработка, особено инвестициската активност и тоа во двете насоки. Зајакнувањето на деловната соработка може да се очекува во многу широк спектар на билатерална економска соработка.

Во Словенија првенствено гледаме можности за зголемување на економската соработка во следните области:

управување со животната средина: еколошки проекти (постројки за чистење вода за пиење, отпадни води, изградба на депонии, комунални возила). Покрај тоа, можеме конкретно да истакнеме дека Словенија во Македонија го спроведува проектот “Рехабилитација и автоматизација на пумпната станица Ратавица во општина Пробиштип”, проект вреден приближно 1,2 милиони евра, од кои половина ќе бидат финансирани од словенечката влада. Во 2019 година, во оваа област планираме да спроведеме проект за набавка на комунални возила во општините и имаме намера да продолжиме да се ангажираме во проекти за изградба на депонии за рециклирање на отпадот;

-земјоделско преработувачка индустрија (агро-индустрија): можеме да ја потврдиме одличната соработка меѓу министерствата за земјоделство на Република Словенија и Република Македонија. Веќе започнатите проекти и идните проекти во оваа област дополнително ќе влијаат на зголемување на вредноста на трговијата меѓу земјите;

-инфраструктура: словенечката економија има интерес за ангажирање во изградбата на железничката инфраструктура во Република Македонија на пан-европските коридори VIII. и X;

-енергетика: во Словенија сме свесни за потенцијалните можности за соработка на словенечките и македонските компании во предвидените проекти за изградба на хидроелектраната Чебрен и Галиште, Бошков мост или Вардар;

-туризам: имаме одлично искуство во SPA и Wellness-туризмот во Словенија и сме свесни за интересот за поврзување со вакви проекти во Македонија. Во 2018 година продолжува позитивниот тренд на раст на економската соработка меѓу двете земји, што сигурно ќе се зајакне и во иднина.

Како да се поттикнат повеќе словенечки инвестиции во Македонија?

Ќе ги истакнам добрите искуства што ги има словенечкото стопанство со Стопанската комора на Република Македонија во преговорите со странските инвеститори. Сегашните инвестиции од Словенија во Македонија го потврдуваат актуелниот интерес за понатамошни инвестиции, кои може дополнително да се стимулираат, особено на следниве начини:

– со обезбедување на уште поголема сигурност на деловното опкружување за инвеститорите, кои Македонија дефинитивно ќе ги постигне со пристапувањето во алијансата на НАТО и интензивирањето на вклучувањето во европските интеграциски процеси,

– со попроактивен пристап во презентирањето на предностите што ги нуди Македонија во однос на странските инвестиции (на пример со индустриски зони, каде странски инвеститор може да изнајми земјиште со сета инфраструктура, придобивки во однос на субвенции за изградба на производствени капацитети итн.),

– со единствена влезна точка за преговори со инвеститорите;

Република Словенија и Република Македонија остануваат традиционално поврзани економии и јас сум сигурен дека ова ќе остане така и во иднина. Потенцијалите се големи, особено во сегашните времиња на економски раст.

loading...
  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести