Маргини: Државните институции да преземат итни мерки за прекин на дискриминаторската практика кон луѓето што употребуваат дроги

Маргини: Државните институции да преземат итни мерки за прекин на дискриминаторската практика кон луѓето што употребуваат дроги
30.04.18   15:05

Прочитано : 587

Print This Article

Добив телефонски повик од полициска станица, ме повикаа на разговор бидејќи сум бил осомничен за разбојништво, посочив дека сум на работа и дека откако ќе ми заврши смената ќе дојдам во станицата. По само половина час дојдоа полицајци на местото каде што работев, разговараа со мојот работодавач и пред сите на груб начин ме приведоа, по што речиси сите колеги дознаа дека во минатото сум употребувал дрога. Следниот ден бев отпуштен од работа. Бидејќи бев потресен од се што се случи повторно земав дрога, ми се влоши здравствената состојба и по неколку месеци ми ја ампутираа ногата, сведочи еден од лицата на кои им биле прекршени човековите права поради тоа што употребуваат или употребувале дроги.

шприц

Од Коалицијата „Маргини“ наведуваат дека иако е забележана мотивираност кај лицата кои употребуваат дроги за пријавување на случаите на дискриминација и други повреди на нивните права, сепак не се охрабрени за случаите да поведат постапка.

– Во 2017 година Коалцијата документираше 20 случаи на прекршување на правата на луѓето кои употребуваат дроги. Прекршување на правата од страна на полицијата, како малтретирање, деградирачко и понижувачко однесување, постојано сопирање и незаконско претресување, како и противзаконско и насилно земање брис во полициска станица. Дискриминација и понижувачки третман во здравствена установа, меѓу кои и одбивање здравствени услуги. Дискриминација во работни односи и проблеми со трети лица, како навреди , се само дел од кршењето на човековите права на лицата кои употребуваат или користеле дроги, вели Влатко Деков од Коалицијата „Маргини“.

Лице кое прима метадонска терапија бидејќи во минатото земал дроги посочува дека многу често е малтретиран од полицијата.

– На врвна забава пушев марихуана, светот беше совршен. За една година земав хероин. Едвај се одлучив да престанам. Сега сум на метадонска терапија, имам син кој не го гледам, сопруга која се откажа од мене, единствени пријатели ми се лицата кои се лекуваат од зависност, а моите родители се откажаа од мене. Животот ми е уништен, имав се, денес немам ништо. Се уште не знам како ќе се издигнам од калта во која сум паднат. Полицијата постојано ме малтретира, за секој грабеж во моето мало јас сум „виновен“. Не ме штедат ниту трети лица, но не пријавувам. Би требало да кажам „дојдов да ве пријавам дека ме тепавте“, раскажа тој.

Посочува дека луѓето се плашат од него, дека децата ги повлекуваат кога ќе се појави на улица.

Центар за зависници Куманово

– На сите нас животот ни е многу тежок. Секој ден ни е борба да не посегнеме повторно. Оние кои не престанале добиваат напади доколку во моментот не можат да најдат дрога. Чувствуваш болки во цело тело, мислиш дека ќе умреш доколку не земеш дрога. И покрај сите тие маки, луѓето со нас се немилосрдни. Системот исто така. Полицијата не третира како криминалци, во болница се гадат од нас. Мој пријател беше во затвор три години, таму земаше метадонска терапија, ја одлежа казната и откако излезе остана без здравствено осигурување и не можеше да земе метадон. Доби кризи, неможеше да ги преброди и зеде хероин. Сега не може да престане, вели тој.

Ирена Цветковиќ од Колацијата „Маргини“ истакна дека продолжува дискриминаторската практика на ЈЗУ Стоматолошка клиника – Скопје кон луѓето што употребуваат дроги.

– Персоналот од клиниката, откако во здравствената книшка на неколкумина пациенти забележал шифра Ф-11 (зависност од опијати), лицата ги испраќа да направат испитувања за хепатит Ц и ХИВ, посочувајќи им дека, доколку резултатите се позитивни, тие ќе бидат третирани посебно за што треба да платат дополнителна сума, нагласи Цветковиќ.

Центар за треман на зависности од дрога во Кисела Вода

Деков наведува дека на друго лице кое користи метадонска терапија не му била издадена потврда за лекарско уверение за полагање возачки испит во ЈЗУ Здравствен дом – Куманово бидејќи е позитивен на хепатит Ц.

– Дел од работодавците ги отпуштаат луѓето од работа откако ќе дознаат дека употребувале дроги. И тие луѓе имаат право животот да го живеат нормално. Полицијата ги третира како криминалци. Дел од нив остануваат без здравствено осигурување откако ќе ќе излезат од затвор, а морално е да продолжат со метадонска терапија. Секојдневно се соочуваат со тешки проблеми во општеството. Потребна им е ресоцијализација, а луѓето бегаат од нив, дури и најблиските, потенцираше Деков.

Од Коалцијата „Маргини“ соопштија дека проблемот со непостоење на програма за лекување на малолетници, односно деца што употребуваат дроги во Македонија останува нерешен.

Коалцијата апелира до сите државни институции да преземат итни мерки за прекин на дискриминаторската практика кон луѓето што употребуваат дроги.

За жал дрогата во светот е многу достапна. Нејзиното производство е процес што многу тешко може да биде прекинат. Канџите на криминалните мрежи кои работат со дрога се огромни, а постојат луѓе кои се подводливи. Тој човек може да биде твој брат, твоја ќерка. И тие лица некогаш имале нормален живот, но тргнале по погрешен пат, да им помогнеме да се вратат на правиот. Секој човек има право на достоен живот.

Симона Митровска

извор: МИА

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести