Македонскиот јазик во Преспанскиот договор

Македонскиот јазик во Преспанскиот договор
18.01.19   10:52

Прочитано : 202

Print This Article

Има детаљ во Преспанскиот договор, поврзан со писменото признавање на македонскиот јазик од страна на Грција кој може да помогне, но и да ги влоши односите со Бугарија, со која Македонија потпиша „Спогодба за пријателство“ на „службените јазици спорд уставот на двете земји.“ Таа соломонска формула беше избрана затоа што нашиот источен сосед сè уште не признава македонски јазик и нација. Иако тоа не е никаков проблем за еден голем научен авторет како Цветан Тодоров, на пример, со кога Бугарија сега многу се гордее (со право), но и опасен „апатрид“ во времето (1963-1990) на живковизмот.

Тој детаљ ја фрла во континуиран бес бучната опозиција на Киријакос Мицотакос. Вели дека премиерот Ципрас им го продал на “славофоните“ македонскиот кој бил – грчки. А им го продал затоа што тие и натаму требало да се викаат „славофони“ за да се разликуваат од автохтоните Македонци кои се Грци од искони. Уште од времето на Филип, Еврипид, Никомах, Исокртат, Демостен, Аристотел и многу други славни Елини кои одржувале тесни врски со династијата од Пела во подем, или политички (Исократ) ја поддржувале како хегемон на античка Елада.

Во својата одбрана на „Преспанскиот договор“ првиот министер на грчката влада рече дека тој јазик веќе одамна бил признат од страна на Обединетите нации. Бил признат уште во 1977 год., време кога СРМ беше рамноправна единка во федерална Југославија, но и време кога еден Македонец, Лазрар Мојсов, стана, во името на Југославија, претседавач на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во својот одговор со кој Алексис Ципрас сакаше да му затне уста на колку бучниот, толку жолчен и злобен политички антагонис Киријакос Мицотакис беше делумно во право. За среќа, тоа не го виде или, уште подобро, не знаеше да го види неговиот злобен опонент кој пропушти еден добар политички волеј со кој можеше да му врати на Ципрас. За што, всушност, станува збор? Ципрас е во право кога вели дека нашиот јазик бил признат од ОН уште во 1977 г. Ама тој не е во право кога постава знак на еднаквост меѓу едно институционално и државно (политичко) признани на јазикот на еден народ. Впрочем, за тоа добро зборува и досегашната практика на соседна Грција. Таа признаваше „славофони“ но не и макденски јазик кој се зборува на северот од Грција.

Што се однесува до институционалнато признани на македонскиот јазик треба да се има наум дека, на меѓународен план, до тоа дојде многу порано. Ако се исклучат другите федерални единки (Словенија, Хрватска, Србија итн.) на екс-Југославија кои веднаш го признаа македонскиот литературен јазик на една од рамноправните федерални единки ФНР Македонија. Тоа признание си го задржаа и по распадот на федерацијата, односно по нивното осамостојуање како нови и посебни меѓународни субјекти.

Во далечната 1955 година се одржа една Вонредна средба на славистите во Белград која фати континутет со претходните два Конгреса на славистите кои се одржаа во Прага (1929) и во Варшава (1934). Планираниот Конгрес за 1939 г. во Белград се одложи поради почеток на Втората светска војна. Два обида од 1946 и 1948 г, пропаднаа заради раскинот на Титова Југославија со Сталин и Варшавскиот пакт. До таа Трета конференци на славистите во Белград дојде во последица на одмрзнувањето на односите меѓу Југославија и Советскуиот Сојуз.

Зошто е важна таа Трета конференција на славистите за нас и за нашиот јазик посебно? Важна е затоа што на неа учествува и македонска делегација. Најверојатно под водство на Блаже Конески кој, веќе во 1952 г. го објави првиот том под својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Важна е, исто така, затоа што на неа учествуваа и делегации на големи култури како САД, Франција, Австрија, Британија итн. во кои се изучува славистиката. Но и на Бугарија и Грција кои не признаваа македонски јазик и нација како држави, но затоа пак, на индиректен начин, како членки на семејството слависти, тие на имплицитен (премолчан) налин го – признаваат.

Во својата тестаментна книга „Разговори со Конески“ (1992) Конески се сеќава на таа Трета конференција во Белград од 1955 на која учествувал и знаменитиот лингвист Роман Осипович Јакобсон, основополжник, заедно со Николај Трубецкој и Виктор Борисович Шкловски, на структуралната критичка мисла која му даде белег на минатиот XX-век. Според сеќавањето на Конески, нему тогаш му пристапил Јакобсон со молба да го преведе неговиот реферат за да го прочита, ни повеќе ни помалку на – македонски. Конески му објаснил дека тоа би можело погрешно да го разберет некои (пред сè Бугарите) делегации. Тоа го прифатил Јакобсон кој својот реферат го прочитал на англиски откако, пред тоа, кажал неколку реченици на руски.

Што ни кажува таа мала епизода на Конески со Јакобсон? Во прв ред дека за науката и, во тие рамки, во науката за јазикот, вистината е нејзината цел и смисла. Тоа не важи, меѓутоа, за – политиката. Таа неретко си допушта да се огреши кон научна вистина, како и кон правото и правдата, во името на некое „корисно“ или “штетно.“ По сè изгледа, сè уште “корисно“ за Бугарија на Бојко Борисов е да признава „службен јазик според уставот“ на соседна Македонија, но не и македонски јазик како главен белег на нација или етнос. Сега Ципрас го стави на големи маки и Борисов. Што ќе испадне од тоа, ќе видиме.

Атанас Вангелов

  Категории: