„Литера“ – Прв фестивал за детска литература викендов во Скопје

„Литера“ – Прв фестивал за детска литература викендов во Скопје
12.04.19   13:08

Прочитано : 59

Print This Article

Омилените ликови од детските сликовници, дел од најдобрите илустратори и писатели за деца од Македонија и регионот, работилници за деца, дебата и невообичаени изложби ќе бидат дел од првиот Меѓународен фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2019“, кој ќе се одржи претстојниот викенд во Музејот на современа уметност во Скопје.

Според организаторите, во време кога мобилните телефони и таблетите ги заменија книгите во детските раце, на Скопје дефинитивно му е потребен еден ваков настан.

– Нашата идеја не е само да се промовираат најновите изданија за деца туку и да се поттикне дебата за значењето на литературата и илустрацијата во правилниот креативен и интелектуален развој на нашите деца. Токму затоа одлучивме да не организираме класичен саем на книга туку фестивал кој ќе понуди шаренило од интересни и корисни содржини и за децата, но и за возрасните, велат организаторите на „Литера 2019“.

Во рамките на двата фестивалски дена ќе се одржат повеќе креативни работилници за деца, менторирани од авторите Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Маја Веселиновиќ, Ана Кадоиќ и Катерина Тери Николовска. Посетителите на „Литера“ ќе може да ја најдат и новата книга на Ване Костуранов, „Девојче и мече“. Настан кој, очекуваат да поттикне вистинска дебата во општеството е трибината за квалитетот на детската литература од аспект на содржината и прилагоденоста на возраста.

-Вистинскиот бисер на ЛИТЕРА 2019, настан кој кај многумина ќе предизвика носталгија и со кој барем за кусо ќе се вратиме во минатото е ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 година. Публиката ќе има ретка можност да погледне дел од културното наследство односно илустрации кои ги красеа списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, како и голем број учебници и лектири од периодот пред 90-те години, наведуваат организаторите.

Третата изложба е на графички дела изработени од деца. Делата се работени на Графичката работилница за деца во Богданци.

Настанот е од отворен карактер и е бесплатен за сите посетители. Повеќе детали за програмата на „Литера 2019“ на официјалната веб страна на фестивалот www.literafestival.com.

  Категории: