Левица: Прифаќаме средба со Комората на извршители, предлагаме сет мерки

Левица: Прифаќаме средба со Комората на извршители, предлагаме сет мерки
8.12.15   17:54

Прочитано : 756

Print This Article

Соопштение на Иницијативниот одбор за формирање на политичката партија „ЛЕВИЦА“:

levica

По одржаната прес-конференција на претставниците на Иницијативниот одбор за формирање на политичката партија „ЛЕВИЦА“, на ден 5 декември 2015 година, која предизвика огромен интерес во јавноста, како и по добиената возвратна покана за средба меѓу Комората на извршители на РМ (КИРМ) и претставници на нашиот правен тим – сакаме да ја известиме јавноста дека ЛЕВИЦА ја прифаќа оваа јавно упатена покана и позитивно ќе одговори на истата, со цел предлагање активни мерки за надминување на натрупаните проблеми во врска со неправичното присилно извршување кое безмилосно се спроведува врз неимотните граѓани.

Притоа, би сакале да дадеме до знаење дека на првата средба, која би преферирале да биде отворена за јавноста и за медиумите, би побарале итно и неодложно изменување на: Законот за извршување, Законот за парнична постапка, Законот за судски такси и Законот за облигациони односи.

Поконкретно, сетот мерки кои ги предлагаме и за кои ќе бараме Комората, во нивните понатамошни преговори, да му ги предочи на Министерството за правда се следниве:

1. Забрана за тужење на граѓаните од страна на компаниите кои пружаат јавни услуги (струја, вода, греење, телевизија, интернет и телефонија) сè додека не се соберат кумулативно шест последователни неплатени сметки за комуналии;
2. Забрана за самоволно исклучување на потрошувачите од дистрибутивните мрежи – без претходна правосилна и извршна судска одлука;
3. Забрана на анатоцизам, односно плаќањето камати на камати, со автоматско престанување на течењето на каматите, по сила на закон, кога тие ќе го достигнат износот на главниот долг;
4. Фиксирање на износот на судските такси и трошоци на максимум една петина од главницата на спорот;
5. Проширување на листата на парични приходи врз кои не смее да се извршува, т.е. забрана за присилна наплата од минимална плата и пензија; и
6. Скратување на рокот на застареност на правосилните и извршни судски одлуки од десет на пет години.

ИО „ЛЕВИЦА“
Скопје, 8.XII.2015