Лавовска борба

Лавовска борба
11.07.19   16:37

Прочитано : 346

Print This Article

Понатаму, ако и овде се примени принципот како во една неодамнешна пресуда на еден македонски смешка суд – дека никој од надлежните не реагирал па следствено нема дело – тогаш можеме да се простиме од Охрид, за секогаш. Иако, изгледа, некој токму тоа и го сака. Па ајде, направете му го ќефот, како и со сето друго во државава!

Или, на пример, сегашниов атак на остатоците од злосторничконо здружение што глумеше политичка партија и кое, де факто, е најодговорно за состојбите во овој град. Сега, како опозиција, тие се најдоа повикани да критикуваат дека некој, односно оваа власт, не ги исполнила барањата на УНЕСКО од 2017 година, тоест – не сакаат да кажат – кога тукушто ја превземаа власта од бандитиве. И целава ситуација му се погоди на друштвово да фрла дрвја и камења по сите денес, заборавајќи го најважното – она вчера! Она вчера кое што траеше цели дванаесет години и во кој што период нивниот (се’ уште) шеф, иако сега бегалец од правдата, правеше што сака и како сака со Охрид, измислуваше монструозни градби од типот на Плаошник, некаков Климентов држ-ме-мајко универзитет и слични будалаштини, ги „врза“ сите кои требаше да ги „врзе“ за да ја пеат неговата песна, планираше дури и парапетче – каква будала! – кое што можеби од Охрид ќе направеше море, што ли? Слични болни типови му ги водеа и институциите, му ги гласаа „проектите“, му аплаудираа … ама сега виновна била оваа власт! Таквите сериозни манипулации и злонамерни интерпретации на блиското минато во вид на партиски лекции им се враќаат како бумеранг зашто нивните злосторства се едноставно – непростливи. И незаборавени. Затоа сегашнава нивна кампања не е ништо друго туку она познатото „држ’ те го крадецот“, толку пати лошо одглумено во последниве годинаипол што на следните „Војдан Чернодрински“ треба да им се додели прва награда – златен лимон – за најлошо одиграна улога. Иако, да не бидам несправедлив, сите нивни атрибути за глупоста на новиот закон за Охрид  се – на место!

Но, повторно, проблемот не е во нив зашто нив ионака никој веќе не ги сфаќа сериозно. Проблемот останува кај другите, кај „стручњаците“ и нивните гавази од оваа власт кои опасно блиску се доближуваат до гореспомнатата награда. Зошто? Затоа што онаа претстава наречена „Охрид го виде Баку, ама Баку не го виде Охрид“, прво, беше со лош кастинг односно поделба на улогите, второ, со уште полоша режија, а трето – со очајно сценарио. И ќе се задржам на последново односно на изјавата на еден од протагонистите на таа претстава (односно на сценариото на истата) кој по враќањето од гостувањето јавно, јасно и гласно ни порача дека ние сега сме успеале (во што, по ѓаволите?), и дека „Охрид останува под закрилата на УНЕСКО …“[1]! И тука ќе застанам со цитатот зашто тоа што следи понатаму е дел од некоја бајковита приказна за „лавовски борби“ ала „Могли, детето од џунглата“, на замаглени ветувања кои никого не обврзуваат на ништо, итн. (Имаше, додуша, и некој назнаки за „рововоски битки“, ама тие беа моја лична преписка и не сакам да ги злоупотребувам!). Поточно, зборот ми е: дали македонската делегација имаше јасна претстава за тоа за што оди во Баку, што таму ќе се случува и за што ќе се расправа и дали навистина ставањето на Охрид на Листата на културно и природно наследство во опасност значи и губење на статусот на Охрид на заштитен град? Очигледно, тие немале точни информации односно затоа и „лавовски се бореле“ (со кого?) Охрид да го остане под закрилата на УНЕСКО, нешто што никогаш и не било доведено во прашање освен, можеби, во приказните што и’ биле сервирани на делегацијата? Дали повторно присаствуваме на филмот „Македонија против целиот свет“? Зошто инаку „лавовски би се бореле“ за нешто што воопшто не било / не е спорно? Зарем некој – и кој? – им подметнал уверување дека ставањето на Листата на културно наследство во опасност автоматски значи и губење на статусот на град заштитен од УНЕСКО како светско природно и културно наследство? Речиси човек и да не поверува, но зошто тогаш таа „лавовска борба“ и славењето на „победата“? Зошто фразата дека „Охрид останува под закрилата на УНЕСКО …“ директно упатува на фактот дека некој таму, среде македонската делегација, мислел дека тоа е – така! И нема повеќе да ја ширам приказнава, нема да поставувам дополнителни прашања зашто нештата се повеќе од јасни, ама некој сериозно мора да одговори барем и на овие, основниве. Нештата и сега се опасно сериозни, со тенденција да станат катастрофални! Ама, повторно, знаеше ли македонската делегација за што всушност се расправа во Баку?!

Златко Теодосиевски

[1] Соња Христовска-Угриновска, Дали и дивоградбите во Охрид ќе останат под нечија заштита?, Слободен печат, 09 јули 2019

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести