Лам им се извини на муслиманите за испрсканата џамија во Хонг Конг

Лам им се извини на муслиманите за испрсканата џамија во Хонг Конг
21.10.19   15:59

Прочитано : 73

Print This Article

Првите луѓе на Хонг Конг денеска им се извинија на муслиманските лидери од градот откако во текот на последните демонстрации полицијата употреби водени топови гаѓајќи џамија и минувачи, во обид да ги растури демонстрантите.

Американските медиуми пренесуваат дека лидерката на Хонг Конг, Кери Лам, и шефот на полицијата ја посетиле џамијата Каолун за да им се извинат на главниот имам и лидерите на муслиманската заедница.

Владата преку соопштение најави дека Лам упатила извинување заради невнимателната употреба на водените топови.

Властите тоа го нарекоа несреќен случај, но минувачите тоа го оспоруваат, наведуваат американските медиуми.

Муслиманските лидери на новинарите им изјавија дека го прифатиле извинувањето.

-Нашата џамија не е оштетена, ништо лошо не е сторено, единствената работа е што тоа не смееја да го направат. Тие за тоа се извинија и ние го прифативме извинувањето, изјави Саед Удин, почесниот секретар на Фондот на исламската заедница на Хонг Конг.

Полицијата подоцна се извини на прес конференција и наведе дека ги контактирала лидерите на муслиманската заедница ширум градот.

-На било кој народ или на било која група која е погодена им нудиме искрено извинување, рече Чеук Хау-ип, регионалниот командант на Коулин Вест. „Секако дека немавме лоши намери“, додаде тој.

  Категории: