Кукан: Учеството на младите на референдумот може да биде одлучувачко (видео)

Кукан: Учеството на младите на референдумот може да биде одлучувачко (видео)
21.09.18   11:17

Прочитано : 23

Print This Article

Кукан: Учеството на младите на референдумот може да биде одлучувачко (видео)

Политичкиот дијалог и постигнувањето консензус се на врвот на вредностите и стандардите што го дефинираат демократскиот амбиент и политичката култура на едно општество. Вистинското место каде што треба да се води политичкиот дијалог и да се постигне консензус е Собранието и тој не треба да се ограничи само на политичките партии, туку во него треба да се вклучи граѓанскиот сектор, експерти и други формални или неформални групи.

Ова денеска го истакна претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на конференцијата „Поттикнување на политички дијалог и консензус“ што се одржува во Собранието на Република Македонија на која учествуваат пратеници од Европарламентот, пратеници од парламентите на земјите од Западен Балкан, претставници на младински организации.

– Пред четири години кај нас се случија настани кои беа предизвикани од несоодветниот однос на Владата кон младите, поточно кон студентите во врска со донесување закон кој директно ги засегаше студентите. Законот беше предложен без да се консултираат студентите, ниту пак беше поткрепен со стручни аргументи. Тогаш Студентскиот пленум кој со своите активности и организираност ни покажа на нас постарите политичари како не треба да се владее, рече Џафери.

Посочи дека тогаш студентите настапиле сплотени без разлика на нивната етничка припадност и на тоа дали се членови или симпатизери на која било партија, додавајќи оти студентите и младите воопшто се движечка сила што ги придвижува работите кон подобро во новото време на глобализација.

Џафери истакна дека како резултат на отвореноста за дијалог и подготвеноста преку компромис да се најде заедничко прифатливо решение Владата го постигнала договорот со Грција за решавање на името што, како што рече, ги отвора вратите за членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ.

Според него, претстојниот референдум е можност што не треба да се пропушти со што ќе се обезбеди стабилна сегашност и подобра иднина. Изрази задоволство што според најновите истражувања на јавното мислење токму младата генерација и повторно без разлика на која етничка заедница припаѓа или, пак, на која политичка опција  го поддржува договорот од Преспа и референдумот.

Тој апелираше до сите учесници во кампањата да бидат искрени и да се обраќаат со вистинити факти и тврдења пред граѓаните за, како што рече, да бидат веродостојно информирани и да не се обидуваат за ситни дневно политички поени да предизвикаат штета чија што цена потоа сите ќе ја плаќаме.

Европратеникот Едурард Кукан, кој е копретседавач на дијалогот на Жан Моне истакна дека Собранието и политичкото лидерство во земјата покажале способност да влезат во дијалог и на тој начин да продолжат во создавањето имплементација на реформите.

Тој смета дека младите луѓе се клучот за иднината на регионот и оти учеството на младите на претстојниот референдум во Македонија може да биде одлучувачко во европската судбина на земјата и ќе го одреди напредокот во европската интеграција на земјата и на регионот.

Тој истакна дека дијалогот Жан Моне за градење компромис и консензус меѓу политичките партии и пратениците може да се искористи како важна стратегија и за другите парламенти на Западниот Балкан.

Во Собранието на Република Македонија се одржува дводневна конференција „Дијалог на високо ниво за политичко учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан“.

 

Собрание Конференција Потикнување на политички дијалог и консензус

Posted by MИА.mk on Петок, 21 септември 2018

  Категории: