„Кросбоу“ обединува 12 држави за интеграција на елекричната енергија од обновливи извори

„Кросбоу“ обединува 12 држави за интеграција на елекричната енергија од обновливи извори
17.10.19   14:18

Прочитано : 22

Print This Article

Електропреносните систем-оператори, производители на обновливи извори на електрична енергија и научни установи од 12 држави заеднички ќе работат на проект кој ќе овозможи да се интегрира електричната енергија произведена од обновливи извори и да стане конкурентна на регионалниот пазар на електрична енергија на Југоисточна Европа.

Станува збор за регионалниот проект „Кросбоу“ во кој Европската комисија вложи над 17 милиони евра, а вклучени се 24 партнери од 12 држави. Нашата земја ја претставуваат Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), МЕПСО и ЕСМ.

Целта на „Кросбоу“ е да создаде модел за ефикасно управување со производството на електрична енергија од варијабилни обновливи извори на енергија и со капацитети за складирање на електричната енергија, со помош на примена на најнови информатичкo-телекомуникациски технологии.

Проектот беше денеска презентиран пред македонската енергетска јавност. На презентацијата се обратија генералните директори на МЕПСО, ЕСМ и претставник на ФЕИТ, а проектот го претстави професорот Јовица Милановиќ, од универзитетот во Манчестер, Велика Британија, еден од креаторите на овој проект.

-Кросбоу е меѓународен проект на Европската Унија кој почна пред три години со идеја да се испитаат можностите за регионална соработка на електропреносните систем –оператори за максимално искористување на зелената енергија, така што ќе се унапредува потрошувачката и нејзиното складирање, на тој начин што сите учесници ќе имаат финансиска корист. Засега нема регулатива, ниту пазар за енергетско складирање ниту во регионот, ниту во дел од Европа. Ова е прв проект што ја вклучува ЈИЕ и е огромна можност за нашиот регион да покаже предност за развој на нови трговски механизми и да покаже на Европа дека има техничка поддршка, истакна Милановиќ.

Весна Борозан, редовен професор на ФЕИТ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ истакнувајќи го значењето на регионалниот проект за нашата земја рече дека проекто се фоксура на двата основни тренда во современите електроенергетски системи: децентрализација на производството на електрична енергија во рамки на системот по пат на интеграција на производството на електрична енергија од малите обновливи извори на енергија на пониските напонски нивоа и истовремено, потполно отворање на пазарите на електрична енергија и нивното поврзување во пан-европскиот пазар на енергија и растечката конкуренција.

Според неа овој проект нуди решенија што ќе дадат можност на најмалите, по моќност, учесници на пазарот, вклучувајќи ги домаќинствата и малите електрани да станат конкурентни учесници на пазарот.

Компаниите учесници во проектот МЕПСО и ЕСМ го истакнаа значењето и очекувањата на „Кросбоу“ во однос на нивното идно работење.

– МЕПСО ги прифати предизвиците и активно работи на регионални  и на европски проекти. „Кросбоу“ е еден од нив. Досега имаме одлични резултати од направените студии. Клучни поенти на кои се фокусира проектот од аспект на работата на систем-оператор се: регионален оперативен центар за балансирање, регионален координативен центар за обновливи извори и за капацитети за складирање и мониторинг систем за набљудување и предупредување. Овој сет на алатки за регионален менаџмент и управување ќе донесе исклучителен напредок во управувањето со преносната мрежа, соопшти Ева Шуклева, генералната директорка на МЕПСО.

Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски потенцира дека нивната програма согласно енергетската политика на државата што е усогласена со глобалните енергетски трендови и движења е во иднина само да се зголемува уделот на обновливите извори.

-Во поблиска и подалечна иднина ние само ќе го зголемуваме производството на електрична енергија од обновливи извори. Затоа нам како производител ни е важно да има мрежа што ќе може да го прифати продуктот од тие извори, рече Ковачевски.

Проектот, кој треба да овозможи зајакнување на регионалната соработка помеѓу операторите на електропреносните системи во Југоисточна Европа, ќе понуди решенија за зголемена флексибилност и стабилност на системите, преку подобрено управување со размената на моќност на интерконекциите, како и нови решенија за складирање на енергијата,  подобро управување со комуникациите и други придобивки.

 

  Категории: