Кривични против поранешните градоначалници на Македонски Брод и Пехчево

Кривични против поранешните градоначалници на Македонски Брод и Пехчево
Policija

Поднесени се кривични пријави против поранешните градоначалници на Македонски Брод и Пехчево за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи во текот на 2017 година склучувале договори со правни и физички лица со што нанеле штета на буџетот на општините.

Како што информира МВР, М. В. (60) од Македонски Брод, како градоначалникот на општината исплатил фактура од 277.300 денари на правно лице и покрај тоа што не биле исполнети обврските од договорот, додека И. П. (45) од Делчево како градоначалник на општина Пехчево, без да спроведе постапка за јавна набавка склучил договори со две физички лица од градот со што предизвикал штета од 76.000 денари.

– Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против М. В. (60) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 03.03.2017 година пријавениот како градоначалник на општина Македонски Брод, по претходно склучен договор за јавна набавка на услуги помеѓу општина Македонски Брод и фирма од Охрид, исплатил фактура од 277.300 денари на наведеното правно лице, и покрај тоа што истото не ги исполнило обврските од договорот, така што била нанесена штета на буџетот на општина Македонски Брод, се вели во соопштението од МВР.

Како што информира МВР, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднела кривична пријава против И. П. (45) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. Во текот на 2017 година пријавениот, како градоначалник на општина Пехчево, без да спроведе постапка за јавна набавка, склучил договори за сервисирање на улично осветлување со две физички лица од Пехчево, со што се стекнале со противправна имотна корист од 76.000 денари на штета на буџетот на општина Пехчево.