Крамер за МИА: Македонците себе си се гледаат како дел од Европа

Крамер за МИА: Македонците себе си се гледаат како дел од Европа

Трансатлантските интереси и вредности се доведени во прашање поради застојот во проширувањето на ЕУ, и Вашингтон и Лондон сакаат да наметнат своја агенда за продлабочена соработка со сојузниците од Западен Балкан.

Според Ричард Крамер, претседател на невладината организација Алијанса САД и Европа, идејата е да се зачува и надгради европската безбедност и просперитет, посебно во време на подем на сили противници на трансатлантските интереси и вредности.

Крамер, соработник во Институтот за истражувања во надворешната политика, експерт за Турција, Авганистан и Ирак и поранешен советник на владите на Грузија и Црна Гора, во интервју за МИА изјави дека Западен Балкан е посебно ранлив на влијанието на овие сили, сега кога проширувањето на ЕУ со нови членки во регионот е закочено од француското вето.

Подемот на Кина во регионот, со ефективно раздавање милионски кредити без претходен скрининг и поставени услови, а „ако проектите пропаднат, со обезбедените хипотеки, на пример на земјиште, Кинезите го зацврстуваат влијанието на долг рок“, но и дестабилизирачките активности на Русија, поттикна алијансата да подготви нон-пејпер (нацрт политичка програма) за ново англо-американско партнерство за Западен Балкан.

Документот е во авторство на Крамер и Реуф Бајровиќ, копретседател од Алијансата Европа и САД, и е доставен до сите релевантни политички фактори во Вашингтон.

-Одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да го запре проширувањето на ЕУ дојде во посебно важен период за Западен Балкан. Се отвори политички и безбедносен вакум во овој стратегиски важен регион. Противничките сили сега ефективно можат  да го пополнат тој вакуум, изјави Крамер на синоќешната презентација на извештајот организирана од Обединета македонска дијаспора и Консултативниот совет за Босна и Херцеговина.

Господине Крамер, според ваше мислење, колку долго може да трае задршката во пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Дали е реалистично да се смета дека Брисел може да ги отвори преговорите со Северна Македонија пролетва?

Не гледам со оптимизам дека тоа ќе се случи на пролет. Најновиот извештај на Европската комисија налага реформи и методологија на спроведување и од претходните искуства знаеме дека тоа не може да се случи за неколку месеци, така што не гледам можно отварање на преговори во толку краток рок. Покрај тоа, се наметнува прашањето за внатрешната политика кај големите земји членки. Како француските (локални) избори ќе влијаат на тоа претседателот (Макрон) да покаже поцврст став во однос на проширувањето? Германија е зафатена со проблемот што ќе се случи со земјата по заминувањето на Ангела Меркел. Сите прашања околу проширувањето ги засегаат тие важни (реформски) димензии, но премногу зависи и од внатрешната ситуација во ЕУ. Затоа не сум сигурeн во тоа дека на пролет ќе се случи нешто. Би било одлично да се отворат преговорите, продлабочени реформи се од голема корист за сите на Балканот, но тоа нема да се случи наскоро.

Знаеме дека македонската Влада распиша предвремени избори кои треба да се оддржат оваа пролет, дали сметате дека ќе има промена на власта, ако нема позитивен сигнал од ЕУ за преговори?

Ова е важно прашање. Секако, по изборите во 2016 година во САД, сите станавме многу претпазливи кога прогнозираме изборни исходи. Не сум Македонец и не можам да тврдам или да претпоставам како мислат македонските гласачи, но она што го разбирам е дека Македонците себе си се гледаат како дел од Европа, тие се Европејци, сакаат да бидат интегрирани во европските и трансатлантските институции како НАТО. Гледам дека поединци во регионот понекогаш искажуваат такви мислење како „нели би било супер да бидеме сојузници со Русија“ или „ајде да имаме продлабочено партнерство со Кина“. Но ова не резонира со луѓето кои се идентификуваат како дел од Европејците или поголемата европска заедница. Оние кои се многу побезбедни и попросперитетни се тесно интегрирани со трансатлантската алијанса како НАТО, и со други партнерства создадени во текот на годините како резултат на европско-американската соработка.

Значи се работи за тоа што македонските гласачи претпочитаат, како гледаат на важноста од ова сојузништво и како ќе реагираат за време на гласањето. Зашто, знаеме дека доколку се отстапи од Преспанскиот договор, европската иднина на Македонија би изгледала помаглива?

Да, прашањето е што тие претпочитаат, каква иднина гледаат за себе, за своето семејство, за својата заедница. Ова е емоционално искуство, и луѓето би можеле да гласаат за партиите кои ја немаат истата трансатлантска визија. Сметам дека таквото гласање е повеќе водено од емоции, во смисла дека има неисполнети ветувања. Демократските, западно ориентирани партии можеби ќе примат одреден удар, но не верувам дека ќе бидат поразени, земајќи ги предвид причините што ги кажав. Огорченоста и разочарувањето најверојатно е ограничено и Македонија веќе има насоки за интеграција во ЕУ и трансатлантската заедница.

Можете да ми кажете малку повеќе за новото англо-американско партнерство и како тоа би им помогнало на земјите како Северна Македонија и Албанија, дали е тоа алтернатива на руското и кинеското влијание во регионот?

Може и така да се окарактеризира, дека е алтернатива. Апропо вашето претходно прашање за одложените преговори со ЕУ, постои одредена разочарност и фрустрација кај многумина во земјите од Западен Балкан. И една од причините зошто јас и Реуф Бајровиќ го напишавме овој извештај е дека ако ЕУ не го направи тоа, тогаш кој? Затоа што не е во трансатлантски интереси Балканот да биде поле за игрите на Кина и Русија. ЕУ си има свои причини, го запре проширувањето и сега работи на тоа, но не можаме да го оставиме регионот на бришан простор.

Како што наведуваме во извештајот, Велика Британија изрази загрженост уште од 2017 година, пред се за безбедноста, но и за развојот на регионот, посебно во Босна. Како САД, така и Велика Британија и Германија, тоа е познато во вашата земја, беа клучни да се овозможи членство на Македонија во НАТО, за што сметам дека е еден од најголемите успеси што и се случиле на Македонија во историјата. Така што, ако на Брисел му треба време да си ги реши работите, тогаш добро. Она што Британците и Американците можат заедно да постигнат е да го увидат прогресот, дека луѓето се демократи, сакаат да бидат дел од Европа и трансатлатската заедница, па ајде да им помогнеме да го реализираат тоа. Подобро тоа отколку да речеме, „видете што може да добиете од Русија и Кина“. Тоа не е во интересите на населението на Западен Балкан и не е во наш интерес.

Борис Камчев