Континуитет на дисконтинуитетот

Континуитет на дисконтинуитетот
23.08.19   14:39

Прочитано : 294

Print This Article

Ќе бидам искрен: ме фаќа голем гнев кога денес го гледам Скопје. Секоја будала која што имала малку некаква власт во изминативе триесетина година оставила своја трага. Ама буквално секоја! А тоа се деструктивни траги, траги што оставаат рани, рани што болат, болка што уништува секаква надеж. Тоа се траги со тенденција да бидат вечни, се разбира не во буквалната смисла на зборот, но според нашето однесување, особено според однесувањето токму на власта, ќе траат.

И токму затоа ова проклето „Скопје 2014“ е (уште) еден од големите тестови за оваа власт. Тест неспоредливо поголем од оној налудничав „Рекет“, тест на кој што, според сите назнаки, (повторно) паѓаат. Тест како и правосудството, па здравството, па образованието, па културата, па администрацијата … Каде што дефинитивно паднаа. Ама ова е – град! Град кој што живееше последниве години од нивните ветувања, кој што дишеше со вербата за конечна победата на човечкиот ум.

Што е најтажно, (ни) оваа власт не верува во потенцијалите на својот народ, особено не на младите генерации – иако, еве, премиерот повторно се повикува на младоста! – кои во неколку сериозни наврати покажаа дека го познаваат градов, дека го сакаат, знаат како со него, дека и за него може да има надеж. Сите тие нивни напори поминуваа(т) речиси незабележено, некако залудно, загубено. Како на овој простор да живеат две општествени групации, едни покрај други, како во магла. Никако да се сретнат, политиката и струката, политичарите и компетентните.

Само последниве години (релативно) млади македонски архитекти го промовираа и она вистинско модернистичко Скопје дома и надвор, во светот, како и можните идеи за некое поинакво Скопје утре („Architektur im Mazedonischen Kontext“ во Виена, „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ во Њујорк, „Freeing Space / Ослободување на просторот“ на Архитектонското биенале во Венеција итн.). Ги гледа ли некој, ги следи ли, ги слуша ли нивните идеи? Какви црни налепници со глупави текстови кога младиве умови ви нудат светски решенија? До кога ќе бидат игнорирани, и зошто? Една од нив вели: „Еднаш јавно изјавив дека Скопје е есенцијално модерен град. Оттогаш, речиси секој ден се обидувам пред себеси да си ја оправдам оваа констатација, зошто со секој изминат ден Скопје е се’ помалку модерен“! Да, за жал, и уште повеќе: со секој изминат ден Скопје е се’ помалку град, пред наши очи се претвора во една грда, загадена, провинциска спална соба за половина држава каде што секој може да прави што и како сака. Овој град не само што остана без минато, без неговата и нашата меморија, туку останува и без иднина. А сегашноста? Неговата сегашност е приказна за себе, се’ повеќе наликува на оној кутар монструм на Мери Шели. Оние лепенкине божем требаа да да сокријат некој од шевовите, ама само ги потенцираа.

Ако она што се случуваше во Македонија од 2007 година наваму го нарекувавме шизофрена инсталација од позиција на сила и моќ, а подоцна и пари, а под закрилата на политички „програми“ и национални „проекти“, односно, историски гледано, уште едно насилно прекинување на развојот, уште еден дисконтинуитет, ние сега го живееме континуитетот на тој дисконтинитет! Парадоксално, нели, ама вистиното. Зашто во овие две години се заокружија сите шизофрени инсталации на оние полуписмени провинцијалци кои патем ја украдоа и цела држава. Се’ што тие оставија, овие продолжија! Навистина ли она довчерашно криминално општество се покажува толку силно, безмалу неуништиво, или има и многу други причини што одат на рака на таа теза? Тие одговори се работа на социолозите, но тие не си ја вршеа работата ни вчера, така што е илузорно да се очекува да ја вршат и денес. Но, оние кои ги спомнав, оние млади македонски архитекти и урбанисти (а изгледа се’ уште идеалисти), и не само тие, отворено нудат помош, решенија кои што, очигледно е, никој не ги сака. И во тоа сме континуитетни, исто како и во времето на груевизмот! Се’ уште се препелкаме во стапицата поставена од оние политикантски шалабајзери и нивните квази-интелектуални трабанти, кои под превезот на некаковси патриотски наплив маскиран како десен (или лесен) конзервативизам, национален романтизам и потрага по идентитетот, на ова општество му поттурнаа радикален прекин со сите општествени, културни и уметнички традиции во државава градени повеќе од седумдесет години. Да, некој ќе рече дека очигледно не сме биле доволно зрели да се спротивставиме, доволно интелектуално, но и политички, за да се одбраниме. Веројатно, но тогаш како, и зошто и денес, кога мислиме, односно мислевме дека се покренува нов прогресивен бран, талкаме во истиот провинциски лавиринт? Некој мора да одговори на овие прашања! Кога-тогаш.

Рехабилитацијата на овој град, па и на целата држава мора еднаш да започне. Колку побргу – толку подобро. Зашто оној „Рекет“ е само добра опомена дека дисконтинуитетот трае, односно дека криминалот има континуитет, длабок, широк, висок. А „Скопје 2014“ беше парадигмата на тој дисконтинуитет, на тој прекин на македонската модернистичка приказна не само во архитектурата, туку во вкупниот однос кон пошироките европски / западни културни вредности! Ако ни тоа не го знае оваа власт, навистина ништо не знае. Затоа, наместо се’ уште да игра по жиците на груевизмот, ова општество мора да ги бара брзите и проверените излези. Излези кои што, всушност, одамна му се понудени, само треба да ја смени розовата партиска оптика и да погледне со европски очи. Се’ е тука, на дофат, објаснето, образложено, верификувано. Но и да не е, впрочем, зарем континуитетот на дисконтинуитетната криминална политика на минатиот режим е навистина некаква македонска опција? Ако не повеќе, зарем уште има дилеми дека, како што точно укажа Ивана Драгшиќ, суштината на ова „Скопје 2014“ е „систаматскиот удар врз процесите на демократското донесување на одлуки и врз сите институционализирани процедури кои што овозможуваат одржливо и хумано просторно планирање“! Но, и зарем никој навистина не гледа дека и сегашниот начин на носење одлуки не само во врска со градов – ова со лепенкиве е само инцидент! – е потврда на континуитетот на тие „политики“?

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести