Ко од Марс паднати

Ко од Марс паднати

Просто не можете да не се согласите со г-ѓа Павловска-Данева дека „Нема поголема навреда за правниот систем на една држава од тоа со него да управува и владее Боки Тредичи“! Ама ние толку свикнавме на такви навреди токму од страна на државата / системот, што веќе не сме сигурни ни што е комплимент а што навреда, што е право а што неправда. Зашто, јас навистина ја разбирам г-ѓа Павловска-Данева, ама зарем е комплимент за правниот систем на една држава со него да управува и владее оној врховен судија викан – „Превара“? Мене, извинете, тоа повеќе ме интересира од овој таканаречен Боки Тредичи. И не само преварантот кој се’ уште комотно седи таму горе, туку и целата груевистичка инсталација „сваровски“ судии и остала правосудна братија. Зошто тоа никому не му пречи, зошто тоа веќе не го гледаме како навреда, неправда, неморал … туку сега сите му се навртеа на овој Тредичи. Кој никогаш и не бил Тредичи туку бил Нуличи, или Зеричи, како сакате. Како што ни оние судиине и судијкине никогаш и не биле „сваровски“ туку секогаш биле „стакловски“ – проѕирни и ефтини до зла бога. А замислете колкава ќе беше „навредата“ никогаш и да не пукнеше аферава и Зеричи да траеше уште едно десетина години? Како што траат оние „стакловски“, и топ не ги бие? А зошто траат, прашува ли некој? Му требаат некому? Кому, извинете, му треба ѓубрето на една земја? Е тука има само еден одговор: на мафијата. Сите мафии на светот почнуваат со контрола на ѓубрето, човечкото и она произведено од човекот! Без исклучок. Читајте ја „Гомора“, впрочем, или повторно гледајте го „Кум“.

И пак ќе кажам: не дека не се согласувам со г-ѓа Павловска-Данева. Ама зошто некому му пречи Зеричи, а не „Превара“? Браниме некаков еснаф, некаква професија или професионалност? Не верувам, ама ова ми заличува како јас сега да кажам за некој од сегашниве шарлатани вгнездени во уметничките институции дека се поголем срам од претходните – тотално истите – шарлатани на претходниот систем, почнувајќи од онаа билетопродавачка, па оној „дизајнерон“, и така со ред? Криминалец е криминалец дури и со диплома, неспособен е неспособен дури и со диплома. Нема разлике, што би рекле „Забрањено пушење“!

А истите „разлики“ континуирано ги прават и медиумите. Односно – особено тие. Читајте ги „коментарите“ на македонскава медиумска јавност. Да умреш од смеење. Или од невкус. Уште поособено на оној дел од аутистичната македонска медиумска јавност која што цели дванаесет години збор не проговори, уште помалку виде или слушна за најголемиот фашизоидно профилиран грабеж во историјата, ама сега сите други ги прогласува за аутистични заради два-три милиони евра. Оние, во нивното аутистично време, однесоа десет милијарди, ама ова било – скандал! Бре, бре, бреее. Други пак мудруваат за новинари бодигарди а исти, само прилично поглупи но (можеби) во „поубаво“ пакување, ги имаат и кај себеси (и тоа во директна врска со криминалциве!), трети одма се нафрлија на неспособните институции како истите до вчера да беа способни, итн. Сите одеднаш имаат нешто да кажат, не само за Зеричи или (кутрана) Катица туку и за се’ друго, особено за премиерот, па дури и за последниот портир во Владата. Ама до вчера – молчеа и се клањаа, на некој друг премиер и на некои други портири. И не ги бранам овие, никако. Ама дајте малку да бидеме објективни! Не спомнувам за завчера, тоа премногу ги боли. Како да сето ова се случи така ненадејно, безмалу молскавично, како да никој не сакаше да ги види сите очигледни назнаки за катастрофата што надоаѓа „како Дунав“. Ене, и Вучко има нешто да каже по овие прашања. И тој пријателски советувал, ама – кој да слуша! Или, охридските комунални претпријатија дури сега разбраа дека било судир на интереси да користат услуги од фирми на советник во Општината. Све лудо и незаборавно! И никој не (се) прашува зошто и институциите и надлежните, а особено медиумите не се зачудија, барем малку, на она молскавично и „гламурозно“ отворање на една телевизија со амбиција на еден кловн да поставува стандарди. Стандарди – за што? Ама сите отидоа на отворањето, нели! И никој немаше коментар, уште помалку прашање: абе, од каде овие пари?

На основачкото собрание на оној (смешен) Меѓународен сојуз – за кој што г-дин Милчин со право поставува сериозни прашања – беа ветени револуционерни измени! Е па, ги видовме. Саму уште да ни кажат што е револуционерно во пљачкосувањето? Та оние пред нив ја усовршија таа работа до детали, ко швајцарски саат. Боље и од Ал Капоне. Иако и овие очигледно не се неинвентивни штом „плаќаат“ 750.000 евра за авторство за една идеја! Ама после им ги земаа парите. Ветуваа и дека ќе го „извлечат максимумот од секого“. Дали она беше максимумот на оној бизнисмен? Не знаеме односно не верувам, ама белки ќе разбереме. А од другите, го извлекоа ли максимумот? Останува да се утврди, иако сметката на тој фамозен „сојуз“, велат, е празна, но не знаеме во каква состојба се приватните сметки. Ама, повторно, никому ли од надлежните, а ги има толку многу кои примаат плата од оваа држава, не му засмрде ли, барем малку, целата таа заебанција со тој „сојуз“? Што вели Милчин, меѓународен ама без ниту еден странец, со „проекти“ кои две години „се обработуваат“,

Оттука, нашето паѓање од Марс, сега и овде, веќе никого не импресионира. Знаеме дека на Марс нема живот, особено не ваков, со вакви „форми“ на живот. Затоа, можеби е подобро да не поставуваме глупави прашања туку да помогнеме, ако можеме. Иако мислам дека не можеме. Тоа не е наше ниво. Никогаш и не било. Дури, тоа никој од нас не го ни бара. Барем јас не слушнав. Дај боже да грешам. Ама се’ дури е така, се’ дури македонската „политика“ мисли дека најдобро ги знае работите и слуша секакви ебиветри, тие ќе се одвиваат – вака. Можам да посведочам за состојбите во културата, ама белки ќе се најде некој кој би посведочил за состојбите во другите области. Иако, на крај, повторно идните генерации ќе ни префрлат дека сето ова се случувало (и) со полна наша заслуга. Кој како сака нека каже, ама без нас, вакви какви што сме тоест паднати од Марс, ништо од ова не би било можно!

Златко Теодосиевски

Извор