Кинотеката ја најави програмата за февруари

Кинотеката ја најави програмата за февруари

 Кинотеката за месечната програма за февруари најави проекции на десетина наслови од поновата македонска играна и документарна продукција и копродукциски проекти.

Публиката идниот месец ќе има можност да ги види „Кобра“ на Игор Иванов-Изи, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Збор“ на Слободан Деспотовски, „Илузија“ на Светозар Ристевски, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев и „Пијавици“ на  Драган Маринковиќ.

Во слава на актерката Неда Арнериќ, која почина неодамна, идниот месец ќе бидат прикажани „Време без војна“ и „Истрел“ на Бранко Гапо, „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски и „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов.

– Февруари е традиционалниот термин за дводневниот фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“, а веднаш по него следуваат Денови на словенечката култура. Во рамките на овие денови, а по повод 100 години од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц – кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, „Волча ноќ“ и „Виза на злото“  – ќе бидат прикажани неговите меѓународно наградувани филмови „На својата земја“ и „Долина на мирот“, како и „Вистински копилиња“ на Јоже Бевц и „За душа“ на Матјаж Клопчич, соопшти Кинотеката. 

Февруари ќе биде и месец на Фестивал на иранско-македонски филм, во чии рамки покрај осум играни наслови од поновата продукција ќе бидат прикажани и четири нови успешни македонски филмови. 

Покрај филмски проекции, идниот месец, 29 февруари, ќе биде одржана сценаристичка лабораторија со Димитар Банов, на која ќе биде прикажан „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс. 

Кинотеката соопшти дека во 2019 била рекордно посетена од 20.486 гледачи и организирала  584 проекции.

-Годинава ќе се обидеме да ја надминеме таа бројка, со повеќе проекции и поатрактивни наслови, со позабавна и исклучителна филмска програма. Ако јануари беше месец обележан со рекорден број проекции на „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска – номиниран за „Оскар“ во две категории, и на „Врба“ на Милчо Манчевски, за кој се бараше билет повеќе, филмската програма за февруари ќе се обиде да ве анимира со богата програма, наведува Кинотеката.