Каталонскиот Парламент усвои Резолуција за самоопределување

Каталонскиот Парламент усвои Резолуција за самоопределување

Каталонскиот регионален Парламент денеска усвои Резолуција со која на каталонската Влада и даде одобрување за продолжување на процесот за отцепување од Шпанија, иако Уставниот суд претходно предупреди дека таква резолуција е спротивна на шпанскиот Устав и би можело да има „кривични последици“.

На предлог на антикапиталистичката Кандидатура за народно единство (ЦУП) која бара веднаш да биде основана република Каталонија, претседателот на каталонскиот Парламент Рожер Торент, кој исто така е заговорник на независноста, одобри гласање.

Во текстот се спомнува „конкретно спроведување на правото на самоопределување“. За резолуцијата гласаа членките на коалициската Влада – Каталонска републиканска левица и Заедно за Каталонија, како и ЦУП, со што обезбедија 72 гласа од вкупно 135. Против беа партиите кои поддржуваат целовитост на Шпанија и тие воопшто не гласаа.

Резулуцијата не е правно обврзувачка, туку е повеќе симболичен потег со кој на каталонската Влада и се даваат „одврзани раце“ да продолжи на патот кон независноста.

На парламентарните избори во Шпанија, одржани во неделата, партиите кои се за независност на Каталонија освоија 47 отсто од гласовите и добија 23 пратеници. Партиите кои се за целовитост на Шпанија добија 25 пратеници, и тие ќе бидат народни избраници во шпанскиот парламент, кој има 350 места.

Предлог-резолуцијата за самоопределување на Каталонија беше испратен и одобрен на 29 октомври во парламентот во Барселона, по што шпанскиот Уставен суд двапати предупреди дека гласањето и евентуалното усвојување би можело да има последици, бидејќи е спротивно на законот. Шпанската Влада испрати жалба до Уставниот суд и побара да го забрани гласањето за резолуцијата. Денешното гласање беше предвидено за 13 часот, но Торент го премести за во 9 часот исутрина, со цел во меѓувреме Уставниот суд да не го забрани гласањето.

Врховниот суд, чиј судија на 14 октомври изрече осудителни пресуди за 12 каталонски функционери, тогаш посочи дека во Уставот не постои „право на самоопределување“ на кој се повикуваат заговорниците за независност. Деветмина каталонски функционери се осудени на девет до 13 години затвор. Тоа доведе до протести, во рамки на кои заговорниците за независност денеска го блокираа  граничниот премин меѓу Шпанија и Франција, укажувајќи на „неправедни пресуди“.

Каталонија со 7,5 милиони жители од 1978 година има своја влада, парламент, полиција и болници, а каталонскиот јазик е официјален во тамошните институции. Шпанската централна Влада во Мадрид управува со надворешната, одбранбената и фискалната политика.