Кастрење на балканскиот фитил и Косовските безбедносни сили

Кастрење на балканскиот фитил и Косовските безбедносни сили
16.12.18   16:26

Прочитано : 412

Print This Article

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

Сѐ повеќе мразам да коментирам за дневно-политички настани и актуелности. Сепак, денеска сакам заеднички да разгледаме една тема, повеќе заради илустрација на нивото на политичката култура и манипулациите, отколку заради самиот повод – формирањето на Косовските безбедносни сили (КСФ).

Што рече Заев?

Ниеден момент не е погоден за формирање армија, каде и да е во светот. Затоа, пак, секој момент е погоден за распуштање на армиите, демобилизација и разоружување на војниците. Тоа е, секако, една утопистичка желба, својствена на секој активист за мир и човекови права, но, верувале или не, тоа е сон и на секој вистински голем генерал.

Сепак, во суровиот свет на човекот, армиите се реалност без која не може да се замислат државите. За да ја заокружи својата државност и да ја гарантира сувереноста и безбедноста на својата територија, секоја држава формира армија. Дури и во „погрешен момент“, како што тоа би го квалификувале НАТО, Германија, САД и… Зоран Заев.

Така, премиерот рече: „Јас знам дека и ставот на НАТО е тој: Не е време! Не ни требаат нови тензии. Уште еднаш, да не забораваме дека Балканот нема намера повторно да биде буре барут.“ Притоа, тој апелираше до балканските државници да внимаваат на своите чекори.

Стрели и копја, дрвја и камења

Лично мислам дека од оваа изјава најинтересни се деловите што останаа незабележани во јавноста, а тоа е дека „Балканот нема намера повторно да биде буре барут“. Ако Заев е сигурен во ова, барем приближно колку што звучеше и ако (до)знаеме од каде доаѓа неговото уверување, тоа може да биде навистина добра вест. Особено ако е општо познато дека Балканот сѐ уште е темпирана бомба што тешко ќе биде демонтирана во догледно време.

Но, да ги погледнеме реакциите по изјавата на Заев. Тој, практично, го цитираше ставот на НАТО, а тоа и не го криеше. Сепак, политичарите Албанци во Македонија ги насочија сите стрели и копја, дрвја и камења, исклучиво кон Заев. Не кон НАТО, не кон германската влада, туку кон Заев.

Официјален Берлин потсети дека Германија го признава Косово како држава, со суверено право да формира армија, но дека потегот е во погрешно време и дека претставува ризик по политичкиот дијалог со Белград. Ниеден политичар во Македонија не го споменува Берлин во своите емотивно набиени изјави против „предавството“ на Заев. Ниеден политичар не ѝ порача на германската влада да си гледа во дворот и да спроведува реформи. Најн, тоа никако! Зошто? Па повеќе гласачи Албанци им зеде Германија отколку Заев, зарем не знаат да бројат?!

Кој тоа се меша во внатрешните работи на Косово?

И… По која логика се брани правото на Косово да формира армија од Скопје? Зошто тоа не е прашање за јавна дискусија, формална или неформална? Зошто политичарите не им ја оставија дискусијата, каква-таква, на коментаторите во медиумите и на Фејсбук?

Косово е држава со своја влада, со свој амбасадор во Скопје, а сега, ете, свиџало се то некоме или не, и со своја армија. По редот на нештата, косовскиот амбасадор би бил првиот повикан да упати некаква реакција, ако изјавата на македонскиот премиер била непримерна, нема потреба некој друг да му ја работи работата. На крајот на краиштата, ако Заев се „меша во внатрешните работи на Косово“, исто толку мешање во внатрешните работи е и жестоката „одбрана“ на Косово.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести