Како дете со чоколадо

Како дете со чоколадо
14.07.19   13:10

Прочитано : 884

Print This Article

На крај памет не ми паѓа да се бавам со нашиот веќе вообичаен театар на суети од типот на онаа новоотворена пицерија во Охрид, во самото срце на градот, кај Чинарот. Тоа е само уште еден показ за нашето лицемерие. Но, сега треба да се најде некој „предавник“ и до УНЕСКО да ја испрати снимката од отворањето и од главните протагонисти. Толку. За да го видат и тие почетокот на нашата беспоштедна борба за градот!

И затоа морам уште еднаш да се навратам на нашето „гордо“ но во суштина непотребно одење во Баку. Најмалку сакам да бидам малициозен, или арогантно да делам лекции за ноторно познати работи, ама овде очигледно некој / некои не сакале да знаат, или навистина не знаеле, што е уште потрагично, за што станува(ло) збор. И тоа дефинитивно испадна така, а државава навистина можеше да заштеди некој долар / евро и да си ја задржи делегацијата дома и едноставно да испрати писмо потпишано од премиерот на Владата на РСМ дека се согласува со предлог-одлуката на Комитетот за културно наследство на УНЕСКО за ставање на Охрид на Листата на природно и културно наследство во опасност. Што ќе изгубеше Македонија со тоа? Ништо, ама баш ништо, туку навистина ќе заштедевме многу, не само финансиски. Плус – ќе добиевме уште повеќе, повторно финансиски, но и стручно! Ама кога имаме самонаречени и самонарачани експерти, за се’ и сешто, тогаш нештата се движат според непредвидливи патишта и несоодветна динамика. Во (не)познат правец, се разбира! Еден од тие правци е и Собранието на РСМ односно малтретирањето на пратениците со оној „нов“ и таканаречен закон за Охрид како некаково мало монструмче што веќе утре – не дај боже, белки некои умни глави тоа нема да го дозволат – ќе шета низ градот на УНЕСКО.

Но, ние пред се’ мора(в)ме дома да ги расчистиме сите нејаснотии околу Охрид – и не само Охрид, by the way, туку и околу сите суштински нешта во културата! – а не да ги препуштаме на приучени типчиња кои низ тоа гледаат шанса за себепромоција и ништо друго. Затоа, впрочем, и работите ни одат така како што ни одат! Инаку, како и со се’ друго, мислам дека ние имаме генерален проблем со самата идеја на УНЕСКО за светското културно и природно наследство. Ние, имено, според нашата саможива (а во случајов и прилично малоумна) логика, мислиме дека тоа што е кај нас е само наше, дека ние и исклучиво ние можеме со тоа да правиме што сакаме, дури и да го уништиме, и никој тука нема право на приговор. Како дете кога ќе грабне чоколадо – да го смачка само! Ама едновремено ги сакаме и туѓите пари / чоколади, нели, па и туѓите признанија, ако може. А светот нема проблем со тоа – да ни даде и чоколади и признанија таму каде и кога што треба, ама не и за нашите малограѓански глупости, а често и простачки изживувања. Зашто, во случајов, сето ова што со години се случува со Охрид не е ништо друго туку себично провинциско изживување врз светското природно и културно наследство. Ние немаме свест за заедништво со светот токму низ ваквите нешта, немаме идеја за припадност кон светската цивилизација. Се однесуваме токму како варвари дојдени со една единствена цел: уништување! Никако не успеваме да протолкуваме, уште помалку да прифатиме дека наследството е „наше“ само денес, но не во буквална смисла туку дека ни е оставено на чување за идните генерации и за светот во целина. Затоа впрочем и дел од стручните луѓе во Баку, оние кои го знаат Охрид, така емотивно говореа за него. Поемотивно од нас самите! Ние за идните генерации едноставно не сакаме да мислиме. Да сакавме, не само Охрид туку и целата држава ќе изгледаше поинаку. Ама УНЕСКО, ете, не мисли така туку вели дека нашето природно и културно наследство е бисерот, непресушниот извор на живот и инспирација не само на сегашните туку и на идните генерации! И такво треба и да остане. И дека одлуките што ги носиме денес се ефективни веќе утре односно дека тоа што ќе го сочуваме денес, го чуваме за утре, тоа што денес ќе го упропастиме утрешните генерации нема да го имаат! А ние одиме натаму, ние одиме во насоката да го упропастиме Охрид заради нечии бизнис интереси, заради нечие незнаење и простотија, заради нечија несовесност, егоизам и самобендисаност.

Затоа, можеби демотивирано, дури дефетистички, ама попусто ми изгледаат инцидентните поединечни восклици на умни луѓе, оние за дивите градби како наше диво месо, оние за Охрид како колевката на македонскиот идентитет, итн. Ако досега не сме успеале тоа да го вградиме во кодот на овој народ – а сме потфрлиле, евидентно е – тогаш веќе немаме што да очекуваме од оваа „култура“. Таа, простете, со (очигледната?) смрт (и) на Охрид, е дефинитивно мртва! А не е дури ни пристојно погребана туку е затрупана со ѓубре и шут, со пластика и стиропор, испратена со звуците на турбо фолкот и закитена со светликавите кич стакленца на современиот македонец. И со секакви бараби што и’ играат на гробот!

Не знам дали се’ уште има некој жив од оние ентузијасти кои со право, пред четириесетина години, се мачеа да го протуркаат предлогот за Охрид како град под заштита на УНЕСКО. Тоа беше / е’ едно од малкуте величествени достигнувања на Македонецот! И како ли тие го гледаат Охрид денес, со сета оваа катастрофа што се случува околу него, заедно со она така самовосхитено прогласување победа во Баку како шлаг на малограѓанската провинциска македонска торта. Победа за што, или над што? На незнаењето над умот, на простотијата над културата, на политиканството над стручноста? Не сум сигурен дека оние кои на времето го предлагаа Охрид за овој статус сега не се каат зашто не успеале да предвидат како ќе се развива охридската и македонската тажна приказна. А сепак, за утеха е што светот не се откажува така лесно, за губење на статусот на културно и природно наследство на УНЕСКО треба многу повеќе од ова што ние му го правиме на Охрид. И тоа е добро, иако и тоа не трае вечно. Но еднаш кога / ако тоа се направи – нема враќање. Нема повеќе мали „победи“, нема извинувања, нема – не знаевме. А ние не сме многу далеку од тоа, односно нема да бидеме далеку од тоа во февруари, ако нештата одат според зацртаниве од „стручњаците“ патишта. За жал, се разбира!

 

Златко Теодосиевски

  Категории: