Како ќе го препознаете фашизмот?

Како ќе го препознаете фашизмот?
11.06.19   21:14

Прочитано : 886

Print This Article

Како ќе го препознаете фашизмот? По длабоката омраза кон метафората, кон фигуративноста, кон можноста нештата да значат повеќе работи, да се менуваат, да искусуваат нови релации, а со тоа и трансформации, и така да стануваат непрепознатливи. Омразата кон мноштвото. Или омразата кон лавиринтот како структура на постоењето, и насилната, хистерична желба да се стигне до “Финалното решение” и излез. Затоа што постоењето во таква претпоставена (само)достатност, (само)доволност, на јасниот и транспарентен знак, на вистината, на фиктивната природа и универзалност е единствената (мрзлива, глупа и банална) логика на фашистичкото постоење, и релација и мислење на другиот. И таа омраза всушност кон лавиринтот, мислам дека е причината за хистеричните реакции кон перформансот на Рон Ејти. Ништо ново, видени во 90тите, патем таква е логиката и динамиката на конзервативниот фашистички ум, глупа и стерилна. Нашиве божем прогресивци треба да знаат дека реплицираат реплики и позиции кон уметноста на Ејти идентитични како на американските републикански конзервативци кои спроведоа пасивно геноцид врз милионска популација која беше афектирана во времето на ХИВ кризата. Времето во кое Ејти ја направо “Маченичката трилогија”. Да се види Ејти во Скопје, значеше можност публиката да види еден од најзначајните изведувачки уметници на 20 век, кој последните 40 години ја тресеше сцената, и кој беше “ноќна мора” за американските конзервативци, и пред се исклучително интелигентен уметник чиишто ланци на референци бараат сериозно внимание, ум и тело од секој што ги гледа и сака да ги “чита” неговите дела. Но, очигледно не секој го има тоа. Уметник за кој најзначајните светски историчари на визуелната современа уметност и изведувачки уметности пишуваа/т книги и илјадници текстови. Но за македонскиот хистеричен “христијанин” и хомофоб, главата на јарец или бик е Сотона, затоа што Дионис е далеку, за Минотаур можеби мамичка им раскажала по некоја бајка, затоа што Батај и Ниче за нив се недостижен домен на тесната им мисла, затоа што не си ги знаат нити христијанските (и католички и православни, и други помали движења произлезени од таму) естетики, ритуали, наративи и идеи, а кои стојат како имплицитна референца во делото на Ејти.

Овие реакции потврдуваат само уште еднаш дека Акефалното чудовиште денес ни е потребно повеќе од кога и да и било. Дополнително доколку ги земеме глобалните надвиснувања на нео-фашизмот, автритарните популизми, ултра -десничарските движења, и враќањето на голема врата на религиозните теоцентрични авторитети и обиди за теологизација на политичкото. Акефалното чудовиште е обезглавено Дионизиско суштество кое постои во својата чудовишност бидејќи ги обединува и изместува границите помеѓу човечкото и абјектното/животинското, божественото и материјалното, сонцето и анусот/чмарот, разумот и телото/страстите. Чудовиштето во имагинацијата на просветителскиот човек на разумот е суштеството кое ги растетерува темелите и параноично чуваните граници на “чистиот” поредок и нормативната телесна морфологија. Но, уште поважно, обезглавен, Акефал ја предизвикува најцврстата тврдина на западната метафизичка и теолошко-политичка имагинација, во која политичкото тело на мноштвото е секогаш контролирано, доминирано и командувано од Монархот, Суверенот, центарот на моќ, Бог, Партијата, Егократот, Капиталот, како што човековото тело е подредено на фантазмите за субјектот претприемач, автономната индивидуа, достоинствената личност – симболизирани токму преку главата и разумот чијшто роб и слуга е телото кое е претставено како безвредно, минливо, променливо, неконтролирано, животински остаток, зависно од другите, подложно на страсти и изложеност. Акефал е Минотаурот кој мора да биде убиен и жртвуван во името на цивилизацијата и разумот, во името на човекот (читај Мажот) кој покорува, контролира, кој е независен од другите.

Па зарем има нешто што ни е попотребно денес во времето на истоштените субјекти на успехот, компетитивни претприемачи субјекти чијшто целокупен живот е болен напор да се успее на скалилата на капиталот, изолирани анксиозни субјекти, без никакво чувство за грижа за другите и релациите преку кои, и само преку кои, постоиме?

Но, кој да разбере. Кој да разбере кога Батај (повторно главната референца на ова дело) вели: “Единственото општество полно со живот и сила, единственото слободно општество, е многуглавото општество, коешто им дава на фундаментални антагонизми на животот постојано простор за експлозија… Дуалноста или мноштвото на глави стреми да го постигне, во истото движење, безглавиот/акефалниот карактер на постоењето, бидејќи самиот принцип на главата претставува редукција на единство, редукција на светот на Господ”.

А за оние во свилените ракавици, божем наивни, што прашуваат како придонесувал ваков перформанс за ЛГБТИ движењето, ќе им возвратам со реторичко прашање: “Мислите како придонесува за борбата против хомофобијата, соматофобијата, еротофобијата и стравот од ранливоста и промената, изложеното ХИВ позитивно тело во јавен простор, ранливо, маченичко, но “свето” во својата телесност и релации со другите овде и сега, а кои стои исправено и пркосно со “настраноста” која му е припишана од вашите искривени усти?””

Ќе повторам, во силата на вашата анксиозност, параноја и омраза наоѓаме само поттик повеќе да експлодираме од смеа, бесрамно, во лицето на нормалноста за која сте спремни да убивате. А во раните на нашите тела гледаме отвори преку кои градиме релации на отпор, заедници од кои зазираат кревките темели на вашите идентитети!

А за крај, ќе ви вратам со еден цитат од Ниче, да ви се скандализираат малечките умови уште повеќе: МНОГУ СМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ДА ГО ИСТРАЖИМЕ ЛАВИРИНТОТ, И НАСТОЈУВАМЕ ДА СЕ СПРИЈАТЕЛИМЕ СО Г-ДИНОТ МИНОТАУР, ЗА КОЈШТО СЕ РАСКАЖУВААТ УЖАСНИ НЕШТА; ШТО НИ ЗНАЧИ НАМ ВАШИОТ ПАТ ПО КОЈШТО СЕ ПЕНАВИТЕ, ВАШИОТ КОНЕЦ КОЈ ВОДИ НАДВОР, КОЈ ВОДИ КОН СРЕќа И ДОБЛЕСТ, КОЈ, СЕ ПЛАШАМ, ВОДИ КОН ВАС…МОЖЕ ЛИ ВИЕ ДА СЕ СПАСИТЕ СО ТОЈ КОНЕЦ? ШТО СЕ ОДНЕСУВА ДО НАС, НИЕ ВЕДНАШ БИ ВЕ ЗАМОЛИЛЕ ДА СЕ ОБЕСИТЕ СО ТОЈ КОНЕЦ!

Славчо Димитров – Фејсбук статус

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести