Каде му е апаратот на Мицкоски?

Каде му е апаратот на Мицкоски?
11.10.18   13:38

Прочитано : 896

Print This Article

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

Не му е лесно на Мицкоски. А и како би му било?

На кутрото, разединето и десеткувано ВМРО-ДПМНЕ и на неговиот актуелен портпарол Мицкоски, постојано им сервираат некаков избор, бараат од нив да се вразумат, да бидат конструктивни… Отворено говорат дека бојкотот што го спроведува вемерето е „доказ за недостаток од демократска зрелост“ (Јоханес Хан, во австриски Стандард)… И оној, пак, Жозеф Дол, претседателот на Европската народна партија (ЕПП), не можеше да се воздржи, па твитна дека е „разочаран од улогата на опозицијата во процесот досега, конструктивната соработка мора да надвладее над бојкотот“…

Згора на сѐ, германската канцеларка Меркел, една од најмоќните личности во светската политика, одвои уште време за да му пишува писма на премиерот Заев, па му вели дека „Спогодбата отвора шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е важно да се преземат следните критични чекори за имплементирање на договорот за името, со тоа што парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени“. Остај тоа, таа уште и отворено ја изразува својата радост што и понатаму „ќе работи на остварување на оваа цел“.

Па тука беа и остануваат со својата поддршка Американците, иако сѐ уште е неизвесно дали Трамп знае за поддршката што највисоки претставници од ресорите за надворешни работи, одбрана и други, прават за Македонија овие денови.

Веќе никој не се воздржува да ги нарече нештата со вистинското име, па така и за Хорхе отворено се пишува и говори дека тој „ги застапува руските интереси“ во Македонија. Конечно! Кликата на Путин веќе одамна влезе во отворена битка против Македонија, против аспирациите за кои декларативно се залагаа и најголемите вемеровци, вклучувајќи го Мицкоски, против потребата нашата земја да се стабилизира и напредува. Редно беше демократскиот свет отворено да се спротивстави на ова агресивно однесување. Се разбира, Кремљ тоа го претставува како грижа (за ланскиот снег), па се дрзнува и да спинува, обвинувајќи дека „водечките политичари на Европската унија и на Западот отворено агитираа граѓаните да гласаат ЗА, што е недопустлива пракса, според нас“ (Марија Захарова, Портпаролката на руското МНР). Бре! Шта ми наприча?!

Што им направи овој Заев на сите тие светски политичари? Како успеа да ги стави на своја страна и на страната на Македонија сите тие светски „дрматори“? Одеднаш, дури и менторите, пријателите и „природните“ политички сојузници на ВМРО-ДПМНЕ се на страната на Заев и на македонските интеграциски процеси.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.

  Категории: