Кабинет

По втор пат, под ист наслов, но со актуелен повод (за него подоцна трпеливи читатели) пишувам за Кабинетот. Есејот не е инспириран од функционирањето исклучиво на актуелниов Кабинет. Кабинетот е идеално место да се скријат канцелариските  глодари, универзалните незналици, хиени и рептили. Тие се неуниформирани батлери на газдата по чија  волја се и поставени. Тие не се евнуси, ама се чувари на интимноста на  кабинетот, а посебно на  налогодавачот. Лојални се. Чувајќи ја недопирливоста на Kабинетот го чуваат и сопственото незнаење и кариера. Кабинетот на МНР е големо семејство (неколку десетини вработени), при што газдата и шефот на Кабинетот се неприкосновени. Тајните остануваат во кругот на семејството. Дисидентите веднаш се санкционираат. Кабинетот е и кадровски филтер од најниските па до највисоките функции. Посебно се води сметка за родовота застапеност, согасно препораките на ЕУ, а и  личните естетски критериуми. Кабинетот ги сокрива сопствените дипломатски скандали, а за тие направени од претходниците нема намера да ги истражува и санкционира.

Посебна е улога на ткн. шеф на Кабинетот, кој е човек од најголема доверба на номиналниот шеф. Тој е големото уво за проверување на рејтингот на неговиот работодавач. Тој не е поставен да креира и обично не е во функција на меритимот на работата за која е платен. Тој е шеф на сала, тур оператор, диспечер на патувањата на владарот, психотерапевт по потреба, носител на багаж, контролор на лојалноста на останите членови на кабинетот и конечно тој е дел од  натурениот му идентитет на шефот. Понегогаш несвесно ги презема неговите манири и склоности, вклучувајќи и најинтимните. Се почитува правилото на хиерархија. Свестен е дека неговата кариера зависи од опстанокот на шефот. Кариерите им се како споени садови. Секој шеф на кабинетот на МНР, во време на неговиот мандат оди за амбасадор, поради минатиот измеќарски труд. А треба да е обратно. Прво треба да станеш регуларен (по вообичаената процедура и кариера) амбасадор, а потоа да бидеш шеф на Кабинетот. Така е случај во нормалните држави. Шефот на кабинетот е круна на кариерата, а не почеток. Успешните шефови на Кабинетите безусловно не се менуваат со смена на власта. Кај нас тоа е  правило.

Нашите шефови на Кабинетот во МНР се квази надворешно ангажирани. Тие се секогаш физички надвор со газдата, но не и надворешно-политички ангажирани. Странските партнери не се нивни саговорници. Тие се неми евидентичари и уредни статистичари на активностите на газдата. Странските дипломати не бараат средби со шефовите на кабинетите на МНР, и поради тоа што и нив ги нема, кога МНР е надвор. Тие не се чувари на куќата. Тие се протоколарен ескорт и секогаш на листата на патешествието. Без газдата и шефот на Кабинетот, практично Кабинетот е обезглавен. Категоријата заменик МНР кај нас е виртуелна. Заедно со Државниот секретар тие се партиска партиципација на поголемите коалициони партнери. Наместо да се дел од системот на функционирање на институцијата МНР, шефот на Кабинетот е дел на патувачкиот караван на газдата. Најчесто и ја бира пратњата. Тие не се политички сита на информациите кои го добиваат од ДКП, туку се менаџери на удобноста на газдата. Тие не се алтернативни соговорници доколку газдата е зафатен. Странските дипломати не бараат прием кај нив. Тие се плашила на партизираните амбасадори кои се преокупирани со додворувањето на шефот на Кабинетот. Во демократски и држави со дипломатска традиција, Кабинетите на МНР се институции. Шефот на кабинетот и неговиот стаф се препознатливи, не само по својата едукација и дипломатските вештини, туку тие се и огледало на институцијата МНР генерално, почнувајќи од нивните манири. Шефовите на Кабинетот кај нас ја немаат улогата на  превентива за правење на скандали. Напротив, тие се дел од нив. Протколарните грешки во МНР во голема мерка зависат и од контролната улога на шефот на Кабинетот. Тие треба да се дел од креативните дејности, а не од сценографијата. Тие треба да се невидливи и професионално  ефикасни. Тие не се носителеи на фајловите на газдата, туку дел од креативниот тим, некој вид на  усмен потсетник или Google  за време на преговорите. Тие не се неопходни на секое патување на газдата,кој на располагање ги има и останатите ресорни дипломати. Поголем ефект e ако остануваат дома и во отсuство на МНР, учествуваат во функционирањето на МНР. Тие се од поголема полза ако останат во Кабинетот, отколку да му прават друштво на газдата. Присуството на шефот на Kабинетот во МНР е важно и поради потребата секојдневно да соработува со кабинетите на претседателот на државата и  на премиерот.

Зошто беше потребно толкаво писание за една бирократска функција? Едноставно затоа што и после 30 години од независноста на нашата држава, шефовите на кабинетитите, не само на МНР, се уште се  продукт на непроменетиот систем на размислување и делување на администарцијата. Тие не ја унапредуват работата. Нивна цел е да бидат  дел од министерската масонска ложа, дел од хедонизмот на газдата, исполнител на желби и инспиратор за твитувањето, најмодерниот метод за on line  промоција на газдата.

Колкава е преокупираност на самиот МНР со сопствениот Кабинет, најдобро потврдува и последниот случај. На неодамнешната виртуелна конференција на МНР од регионот одржана во Скопје ,на шилдот на нашиот министер, наместо неговото име и на  државата која ја претставува стоеше “Кабинет на МНР”. Кабинетот на МНР ја замени државата која има уставно име и шефот на ресорот кој има крстено име и презиме. Guten Tag Herr Freud, за каков комплекс станува збор,Bitte. Шефот на Кабинетот на МНР, пред конференцијата требаше да ја посети просторијата од која зборуваше нашиот МНР и да сугерира дека има една мала грешка. Но, тој остана нем, бидејќи газдата со таа грешка му даде значај и на Шефот на Кабинетот. Воедно  ненамерната грешка го аболира, за кратко, и МНР од дополнителните објаснувања, зошто се одлучил за ваква презентација. Заборави дека во наведениот случај, не е значајно каква порака тој ќе испрати, туку од која институција пораката е испратена. Порака од Кабинетот на МНР не е државен став, туку ресорен, соопштен на овој  необичаен начин. Овој гаф ќе го проанализираат и странските дипломати. Пред тоа, Кабинетот на МНР не реагираше на она што е негов ресор. Имено, на реакцијата на претседателот на Србија и министерот воен,по изјавата на нашиот  претседател за непроменливоста на границите на Косово. МНР лично имаше шанса да се огласи. Но, се огласи  викендов преку заштитениот телефон со разговор со својот српски колега, познат по толерантноста во односите со соседите, посебно со оној кој претставува “две очи во глава”(тандем Милошевиќ-Дачиќ). А поради една фотка, реагираше АВ (не тој, туку еден со исти иницијали) снимена кај нас,во осетливо време во односите меѓу Белград и Приштина, а за што вина има и еден друг Кабинет. Кабинетот на   МНР не се огласи ниту по најновите моменти по прашањето на корените на  словенските јазици (Москва, Софија). Шефот на кабинетот мораше да сигнализира дека таква реакција треба да се разгледа,а МНР да изврши потребни консултации на вообичаеното ниво. Предизборните активности, секако имаат предност. Но, тоа е друга тема.

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

Back to top button
Close