Извештајот на Јанева – магнетна резонанца на Злото

Извештајот на Јанева  – магнетна резонанца на Злото
14.09.18   19:49

Прочитано : 1,586

Print This Article

Уште пред да ги чуеме бомбите, ние знаевме во какво злосторничко гнездо беше претворен комплетниот правосуден систем на Република Македонија. Впрочем, како и сите други системи кои во неверојатната мирновременска деформација, без секаков отпор, тукуречи со радост и победничка поза, му се покорија на режимот на вмро-дпмне и на неговиот проект за претворање на Македонија во територија под контрола на мафиотската организација.

Просто, животот ги пишуваше и уредуваше информациите за приватизирањето и партизирањето на правосудството како клучен момент во демонтажата на државата. Потврда на тие инфирмации добивме во бомбите на Заев. Но, ова што денеска ни е прикажано во специјалното известување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, е магнетна резонанца на тоа што и правникот почетник би го оквалификувал како злосторничко здружување на клучните поединци од правосудството, извршната власт во ликот на премиерот Груевски и повеќе важни министри и функционери на важни институции, каква што е Управата за безбедност и контраразузнување и Министерството за внатрешни работи во целина.

Јанева го фатила, прво, функционалниот костур на злосторничкото здружување, а потоа формите и методите и целите на неговото дејствување, со се синапсите кои на злото му давале беспрекорна проточност, ефикасност и моќ која потоа се простирала врз сите други сегменти на животот во Македонија. Со анегдотални детали каков што е оној дека Костова некое време била и судијка и функционер на УБК. Неверојатен документ е последниот извештај на Јанева. Како што е и Злото, едно, единствено и неповторливо во светски размери и во сето време, откако има правосудство до денеска.
Се разбира дека сите очекуваме еден ваков извештај да биде проследен со соодветно правно, но и политичко постапување на другите надлежни инстанци. Политичките и институционални фактори мора час поскоро да го решат статусот на Специјалното обвинителство. Во рамките на борбата против криминалот и особено против корупцијата од висок ранг, не гледам причини СЈО да не биде инкорпорирано во рамките на Јавното обвинителство, се разбира со специјални овластувања и задолженија. Точно така како што бара екипата на Јанева. Второ, Собранието мора да покрене постапки кои ќе ги олеснат реформите во правосудството, меѓу другото и преку неопходната рамка за смени на корумпираните поединци и органи кои сега се јавуваат како субверзивна оставштина на диктаторскиот режим. Задолжена за саботажи на процесите против криминалната клика на бившата власт. Извештајот на Јанева нуди беспрекорен материјал за такво постапување во законодавниот дом.

Посочените поединци какви што се Вангелов, Лаличиќ, Зафировска и Костова, се апсолутно зрели за кривично гонење и тоа за најтешки кривични дела против народот и државата, не само за несовесно работење. Без таков третман просто нема да може да се помине.
Постапувањата по извештајот на Јанева и по барањата на Специјалното јавно обвинителство, се многу важен аспект на евроинтегративните процеси меѓу другото и во контекст на референдумот и на посматрањето и усогласувањето на нашата реформска агенда, за што премиерот Заев даде уверувања и во својот говор во Стразбур.
Во вонредно тешки околности, Специјалното јавно обвинителство покажа дека во Македонија има сили кои можат да ја рехабилитираат правната држава. Обидите на злосторниците, маскирани во политички фигури, да го дискредитираат тимот на Јанева, се гротескни паради на неуки мафиоти кои заборавиле да забележат дека останале без сервисот на државата. Се разбира, тие се уште имаат моќ да ставаат по некоја сопка пред правдата, тоа го гледаме кога се разболуваат, кога ги носат во ургентни центри во термините за рочишта, кога затруднуваат и кога мртви исплашени држат агресивни прес конференции, но правдата ќе ги стигне и на тој начин ќе покаже дека злото, сепак, не се исплатува. Сета почит и подршка за СЈО и екипата на Јанева.

Бранко Тричковски

 

  Категории: