Измамници

 Измамници

Нема да им молчиме на измамниците.

Како што се наближуваат парламентарните избори во оваа наша Македонија се повеќе ќе се множат и ќе излегуваат од дупките многу измамници, шарлатани, ебиветровци, алиекспрес професори, сиот оној лош човечки материјал и олош, дел од нив спружени повремено на малите екрани во разни емисии и дебати, ќе сакаат да ни продаваат магла како да се нашите граѓани неуки и прости па не разбираат ништо, но сите заеднички во еден глас ќе врескаат како ќе го враќале името, ќе го укинувале Преспанскиот договор, само ако сме им го дале гласот се ќе било така.

Се сложувам тука со еден колумнист кој вели дека будали има многу само треба да им се утврди бројот. Обично е така, како што се наближуваат изборите се повеќе ќе бидеме изложени на безкрупулозни лаги и измами од разни страни па ќе мора да се бориме со тоа и да објаснуваме многу работи ако треба и по сто пати.

Деновиве фатив случајно една емисија на телевизија која негува некој “проопозициски“ политички правец, кога таму еден гостин со сите карактеристики на овие измамници што ги опишав погоре. Добро, точно е дека подолго време никој сериозно не се занимавал со овој лик, полн со омраза и фрустрации во себе и околу себе, се претставува како некој апологет на правото а всушност ако внимателно го слушнете какви глупости кажува, особено ако ја разбирате материјата за која сака да манипулира, ќе видите дека сериозно се обидува да Ве измами и тоа од позиција на некој професор, за жал се намножија многу такви професори. Тој ист лик, Димче професорот, води една партија која се вика “Левица“ која била многу силна и која ќе се бори за влез во парламентот, арно ама се уште не може да соберат илјада потписи за пререгистрација, викаат луѓе по медиуми да се потпишувале за нивната партија, но сепак не оди тоа така,па сега сите му се виновни, но толку за нивната сила, ќе се видиме секако на избори. Она што го слушнав од тој лик на таа емисија не можам да не го искоментирам и да го дообјаснам затоа што се работи за обично шарлатанско и манипулативно толкување на работите. Минатиот пат за време на претседателските избори нагласив дека кај нас професорите вршат сериозна злоупотреба на службената положба и овластување со тоа што настапуваат сосема спротивно од она што го вели науката и правото, ги манипулираат и лажат граѓаните кои на некој начин гледаат во нив авторитет што доаѓа од статусот и титулата кој го имаат. Јас овде нема да навлегувам детално во тоа што политичките партии го верглаат постојано поради добивање на гласови, тоа е донекаде и легитимно, како оние шарени лаги на ВМРО-ДПМНЕ кои му ги пласираат на народот дека ќе го поништувале Преспанскиот договор, мало сутра дека ќе го поништат, но намерата ми е со аргументи и факти да укажам на граѓаните дека треба особено да внимаваат од вакви ликови како Димче професорот да не бидат прелажани. Од тие работи што тој ги лупаше онака што годе, разбравме дека и тој ќе го поништувал Преспанскиот договор, ќе формирал експертска група по примерот на онаа експертска група за тужбата против Република Грција, ќе носел декларации во парламентот, ќе го оспорувал новиот Закон за Собрание затоа што не бил согласно уставот, дознавме дека ќе паднеле пресудите на СЈО во Стразбур и слични будалаштини.

Но што треба Димче професорот и останатите вакви манипуланти да знаат пред да го бараат Вашиот глас.

Знаете веќе одамна ми е пукнат филмот да се објаснуваме за некои елементарни работи кои овие ликови треба да ги знааат ама еве и по кој знае кој пат ќе се објаснуваме ако треба.

Како прво сите оние што во наредниот период пред изборите ќе ви кажуваат дека ќе го поништуваат Преспанскиот договор ако дојдат на власт брутално Ве лажат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицковски исто така очајно Ве лажат, не им паѓа на памет тоа да го прават. Димче професорот и останатите вакви измамници исто така лажат сушат.

Но како стојат работите.

Меѓународен договор едноставно не се поништува, ниту се укинува, ниту се менува еднострано. Постојат сосема други правни правила и процедури согласно меѓународното право како се прави тоа. Имено, природата на Преспанскиот договор е трајна и тој е нераскинлив согласно меѓународното право затоа што така е неведено во самиот договор кој е склучен на неопределено време, член 20, став 9 и 10. Кога постои клаузула за нераскинливост многу е тешко да најдете аргумент туку така да се повлечете од договорот еднострано особено во нашиот случај каде што гарант на овој договор е целата меѓународна заедница. Виенската Конвенција за договорно право остава можност еднострано да се повлечете од договорот но само во случаите кога не е предвидена клаузула за нераскинливост и кога намерата за раскинување може да се утврди во самиот текст на договорот што кај нас не е случај. Да точно е, ние можеме на сила онака како една договорна страна да ја известиме другата договорна страна (Република Грција) дека се повлекуваме од договорот и тој рок на повлекување е обично 12 месеци, период по кој престануваат обврските по основ на тој договор. Но тоа велам може да го направиме на сила,  спротивно на одредбите на самиот договор, спротивно на правилата на меѓународното право и нема за тоа да добиеме согласност од Република Грција како втора договорна страна и што сме направиле, ништо само ќе го навлечеме гневот на целата меѓународна заедница. Повторно влегуваме во ќорсокак и криза. Тоа ли го сакаме, тоа ли ни треба. Значи не ви треба никакво двотретинско мнозинство за да се повлечете од договорот, тоа што го кажуваат од ВМРО-ДПМНЕ дека ако имале такво мнозинство ќе го укинеле договорот е глупост невидена и обична измама за собирање на гласови, еве можат да се повлечат без двотретинско мнозинство и тоа нема никаква врска со договорот, такво мнозинство е потребно само за промена на уставот и враќање на претходното име и претходната состојба, а не и за поништување на договорот, но сето тоа не може да се направи без претходно кршење на правните правила. Тоа е ќорсокак.

Но почитувани, кој може ова да го направи, едноставно никој. Ниту една политичка партија или влада нема да може во една мала земја како нашата да се спротивставува на целиот свет, затоа знајте дека Ве лажат. Тоа не може да го направи ВМРО-ДПМНЕ макар 100 пратеника да има, ама нема да може ниту Димче професорот со Левица ако успее да ја регистрира.

Уште една глупост која ја слушнав од овој “еминентен“ експерт е тоа дека новите измени на Законот за Собрание биле неуставни, па тој ќе ги оспорувал. Уште кажа и излажа дека претседателот на Собранието Талјат Џафери заедно со Силвана Бонева која патем не е пратеник одамна, ама заедно со Талјат оделе службено во Англија и таму им рекле да донесат Закон за Собрание ама воедно ги зафркнале Англичаниве затоа што они немаат устав и имаат закон за Парламент ама ние имаме устав и Закон за парламент не ни треба, така пишува во уставот, значи тој е неуставен. Вака некако Димче професорот ни раскажуваше.

Ајде да видиме и овде како стојат работите.

Како прво овој Предлог за изменување и дополнување на Законот за Собрание нема никаква врска со тоа патување кое се случило некогаш на тогашните пратеници Талат Џафери и Силвана Бонева во некој од минатите парламентарни состави пред неколку години. Тоа било за сосема друга работа во врска со некакви обуки за пратеници. На овие измени на законот кои се донесоа минатата недела се работеше оваа измината 2019 година. Постоеше силна решеност на овој состав на парламентот како и на владата овој закон да се донесе и лично сум присуствувал на средбите со некои меѓународни претставници кои работеа и дадоа поддршка на ова. Да точно е, потребно беше политичка волја, но тоа се постигна и сите политички партии дадоа поддршка на овој закон. Со овој закон се регулира и постигнува делумна административна независност на Службата на Собранието која ќе биде токму во функција на зајакнување на уставната позиција на Собранието а не обратно. Значи законот ги третира административните службеници во Собранието, подобрување на нивниот статус, финансиска надокнада за она што го работат по работното време, затоа што Собранието е во постојано заседание преку цела година, нема секогаш прецизно работно време и не завршува таму работното време како кај другите вработени во министерствата и органите на управа, значи нивна делумна одвоеност од извршната власт, така е впрочем регулирано тоа во целиот свет, погледнете ги само земјите од регионот, па зар таму немаат устав бре Димче. Но проблемот е што Димче професорот воопшто не го видел и прочитал овој закон, мислел на нешто друго, сака да биде интересен па фрла нешто од ракав и никој не може да го разбере што, да го прочитал законот за што се работи веројатно немаше да го прави ова. Имено, тој се фатил само за член 61 од Уставот на РСМ каде што се вели дека организацијата и функционирање на Собранието се уредуваат со Устав и Деловник и толку, завршува приказната, не треба закон, се регулира со подзаконски акт односно Деловник, значи овој закон е спротивен на уставот. Ова е многу пошироко и посложено прашање и вакво рестриктивно паушално толкување на уставот и законите нема до никаде да не одведе. Сите експерти од оваа област се согласни и ќе Ви кажат дека при толкувањето на уставните норми секогаш се поаѓа од тоа да се земе во предвид еден поширок контекст односно што е намерата на уставотворецот во овој случај, при тоа секако земајќи ги во предвид и членот 66 и член 71  од Уставот, како и членовите 132, 137 и член 170 од Деловникот на Собранието. Нека се изјасни на крајот уставниот суд па да видиме. Кажуваше тој и други работи таму, нешто за Стразбур, мислам дека и тоа не го разбира, односно не разбира кога Европскиот суд за човекови права одлучува за допуштеност на тужбите од земјите страни на Европската конвенција и ред други работи за кои треба посебно време да се објаснува, трескаше нешто за СЈО, за исклучива надлежност на претседателот да потпишува меѓународни договори што исто така не е точно и полно други работи кои сто пати до сега сме ги објаснувале аргументирано и научно, но сите овие негови интерпретации ги прави со крајна цел да го злоупотреби својот статус на некој професор таму и да може што поголем број на луѓе да бидат изманипулирани, тоа е за жал класична превара.

Токму затоа баталете ги овие таленти што ќе го враќале името, кој за два  месеци, друг за три месеци, трет за 100 дена, дајте им на сите нив црвен картон, терајте понатаму, на добар пат сме.

 

м-р Глигор Стоименов