Изложба на изработки на ученици за подигање на свеста за маргинализација и дискриминација

Изложба на изработки на ученици за подигање на свеста за маргинализација и дискриминација

 

 

Во Младински Културен Центар – Скопје денеска ќе биде отворена Изложба на изработки на ученици во рамки на проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“.

На изложбата, информираат организаторите, ќе се прикаже високиот креативен потенцијал на учениците и младите со и без попреченост од ученичките клубови од Карпош, Куманово, Велес, Тетово, Гостивар и Струмица поддржани од Проектот.

– На настанот ќе има тест возење на прототип на соларен автомобил, презентација на видео игра и модна ревија. Учениците ќе ги презентираат своите креативни и уникатни дизајни, инспирирани од позитивните искуства за поддршка и соработка, наспроти предизвиците на дискриминација и маргинализација со кои се соочуваат секојдневно, информираат организаторите.

Проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“ ја поддржува инклузијата во образованието и процесот на вработување преку достапни локални услуги дизајнирани по мерка на лицата/младите со попреченост, кој е финансиран од Европската комисија и го спроведува Фондацијата за образование и културни иницијативи „Чекор по чекор“.