Истражување на ОБСЕ: Форми на физичко и сексуално насилство врз жените се широко распространети во земјата

Истражување на ОБСЕ: Форми на физичко и сексуално насилство врз жените се широко распространети во земјата
15.05.19   13:20

Прочитано : 51

Print This Article

Насилството врз жените во Северна Македонија честопати не доволно се пријавува и некакви форми на физичко и сексуално насилство се широко распространети во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето предводено од ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените, презентирано денеска во Владата пред премиерот Зоран Заев и други надлежни институции.

Како причини за непријавување на насилството анкетираните жени-жртви на насилство ги навеле срамот, финансиските причини, недостатокот на информации, недовербата во услугите, стравот од реперкусии и недоволното сфаќање на тоа што претставува насилство.

Истражувањето меѓу другото укажува дека постои потреба за поголема поддршка и дејствување за да им се помогне на жените од малцинските групи и од руралните области.

Насилството врз жените не е само женско прашање, оцени премиерот Заев, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Затоа, порача, треба да работиме заеднички и да ставиме крај.

– Тоа е процес што трае, но верувам дека резултатите во нашата земја ќе бидат се подобри, изјави Заев, пред презентацијата на резултатите од извештајот „Истражување предводено од ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените“.

Потенцира дека насилството врз жените е неприфатливо и претставува кршење на основните човекови права.

Како Влада, потенцира Заев, ветивме дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.

Тој информира дека се работи на јасни законски решенија, со кои се спречува насилството и се штитат жените-жртви на насилство и додаде дека Владата ја има ратификувано Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство односно Истанбулската конвенција.

– За жал заради традиционално патријархалното воспитување во нашата земја, минатото на целиот Блакански регион, се нешто што се уште е останато доминантно и многу брзо мораме да го менуваме. Работам и со жени и со мажи во Владата која ја предводам. Задоволството да се работи со жените некогаш е неколкукреатно поголемо затоа што кога тие ќе решат, знаат тоа да го исполнат, професионално да го направат. Сето тоа кај мене побудува дополнително внимание за да се прошири директно давање на можноста за се поголемо вклучување на жените во сите аспекти на нашето живеење, рече Заев, додавајќи оти се разгледува кандидати за се поголема застапеност на жените и во министерствата, заменички  министри, државни секретари, директори на државните институции…

Претседателот на Владата меѓу другото информира дека прв пат е отворен Центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите ќе добијат психо-социјална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, како и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство лоцирани во Здравствените установи во Скопје, Куманово и Тетово.

Превенцијата и борбата против насилството над жените и девојките е еден од приоритетите, изјави Амбасадорот Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, додавајќи дека тие треба да бидат безбедни како во јавниот простор, така и во домовите за да можат да го постигнат својот целосен потенцијал и да придонсат кон социјалниот развој.

– Насилството врз жените и девојките не е прифатливо, е дискриминирачко и против него мора да се бориме, да го осудиме и да го спречиме по секоја цена. Нашата мисија е подготвена да го поддржи националчниот акциски план на Владата за спроведување на Истанбулската конвенција, истакна Амбасадорот Која и упати порака дека сите треба да се заложат за нулта толеранција за родово заснованото насилство.

Според Амарсана Дарисурен, виш советник на ОБСЕ за родови прашања родово заснованото насилство врз жените е социјален, а не индивидуален проблем. Таа информира дека истражувањето покажало дека речиси половина од анкетираните жени во земјата веруваат дека домашното насилство е приватно прашање, кое треба да се реши во семејството, додека три од 10 жени веруваат дека жртвите претеруваат во своите тврдења за злоупотреба и за силување. Само два проценти од жените кои се соочиле со насилство од својот моментален партнер, го пријавиле посериозниот инцидент во полицијата.

  Категории: