И ЕУ притиска за минимални плати

И ЕУ притиска за минимални плати

Поради лошите животни услови предизвикани од економски и социјални причини, во последните години е зголемено иселувањето на македонските граѓани. А едни од главните причини поради кои Македонија се најде меѓу десетте земји со најголем интензитет на одлив на мозоци се секако малата заработувачка и ниските плати.

Еден од успесите што Владата на Заев го означи како дел од водењето силна и одговорна економска политика е зголемувањето на минималната плата за 60 проценти, на 14.500 денари, или околу 235 евра. Беа изразени очекувања дека тоа ќе го зголеми стандардот на работниците, но и дека ќе поттикне натамошно зголемување на платите.

Лидерот на опозицијата Мицкоски, иако најчесто зборува за сосема други теми и прашања, обвинувајќи дека по периодот на владеењето на СДСМ состојбата во државата е повеќе од загрижувачка, дека имало „многу ветувања, но нема резултати“, неочекувано направи интермецо во своите јавни настапи и вети зголемени плати доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите. Во времето на владеење на неговата партија минималната плата изнесуваше не повеќе од мизерни 9.000 денари, но тоа ни најмалку не го поколебува Мицкоски од ракав да исфрли ветување за покачување на платите за цели 25 проценти.

Популистичката еуфорија не познава граници. Прашање е само дали македонските избирачи, – заплиснати секојдневно со лавина меѓусебни партиски обвинувања за корупција, криминал, рекет, предавство на државните и национални интереси, и соочени со конфузијата што ја предизвикуваат министри кои отворено манифестираат непочитување на државното име и државните симболи, – воопшто забележуваат дека некој на маргините на гладијаторската арена на социјалните мрежи, и во медиумите, споменал нешто околу зголемување на платите.

Во меѓувреме отворениот пазар на ЕУ продолжува да апсорбира работна сила од земјите во непосредното соседство на Унијата, но и внатре во неа, од посиромашните источноевропски членки кон богатите на Западот. Таквиот развој придонесува кон интензивирање на дискусиите за регулирање на минималните плати во ЕУ, а што претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лејен го најави како значајна мерка во својата програма. Подвижноста на работната сила во некои членки со поткревање на нивоата на минималните плати би можела делумно да се намали, при што и дел од браншите би можеле да ги задржат работниците.

Секој седми вработен во Европа се смета за ниско награден за својата работа. Плановите за воведување законска регулатива на европскиот пазар на труд всушност не значат дека се посакува еднаква минимална плата за целата ЕУ, туку создавање на рамковни претпоставки за зголемување на платите во земји каде што постоечките минимални плати не се доволни за да може да се живее од нив. Во некои земји-членки минималните плати не гарантираат ни минимален квалитет на животот.

Бројката на вработени со ниски плати во ЕУ во периодот од 2006 до 2014, според статистичките показатели, е зголемен. Во исто време делот на вработените кои се сметаат за сиромашни пораснал од осум на приближно десет проценти во периодот од 2005 до 20019 година.

Најниските законски гарантирани минимални плати во ЕУ имаат Бугарија, Летонија, Романија и Унгарија. Бугарија е убедливо на дното на табелата со минимална плата од само 290 евра, додека на врвот на табелата се Луксембург, Ирска и Холандија. Во Луксембург минималецот изнесува преку 2.100 евра. Во Германија е околу 1.600 евра.

Поентата со воведување на гарантирани минимални плати, како што велат во Европската федерација на синдикати, е да се создаде гранична линија меѓу „пристојноста и сиромаштијата“. Ако некој работи цело работно време, не би требало да биде принуден да избира дали „да го загрева станот или да има храна во фрижидерот“.

Пред приемот во полноправно членство на ЕУ во 2007 година Бугарија имаше минимална плата од 82 евра, а Романија 90 евра. Нивните минималци пораснаа во изминатата деценија, но и понатаму се наоѓаат на бедно ниво. Сосема е јасно дека тешко може да се зборува за пристоен живот со такви екстремно иски плати, без оглед што нивото на цените на стоките и услугите во источноевропските земји може да биде и значително пониско во споредба со западните земји.

Миграциите на работна сила од Исток кон Запад не запираат. Неизвесноста пред иднината во Источна Европа во многу нешта ја предизвикува токму стравот од натамошно продлабочување на масовното иселување. Од 1989 година до денес Бугарија, на пример, има изгубено една петина од своето население.

Кога Македонија денес би станала членка на ЕУ со сигурност може да се рече дека би се нашла на дното на статистиката според висината на минималната плата, а и според нивото на платите воопшто. Токму затоа, околу ова крупно социјално и егзистенцијално прашање би требало да се очекува многу поголемо внимание во предизборието. Засега се споменува попатно, во некоја пауза во рововската меѓупартиска битка за одбрана на правната држава, или пак за нејзинто гушење, зависно кој од каква позиција извлекува полза.

Популизмот најчесто се нафрла со концептот дека „народот“ или „нацијата“ ќе одлучи и пресуди правилно. Како народот да е некаква хомогена маса, и претставува поим кој лесно се дефинира. Ву суштина работите се многу покомпликувани, без оглед на партиската припадност која како острица од сечило го дели избирачкото тело.

На македонските избирачи им останува да извршат притисок за „вразумување“ на партиските елити дека создавање претпоставки за пристоен живот подразбира пред сè намалување на невработеноста, зголемување на платите и општо подобрување на социјалните услови во општетството.

Гласачите можат и треба подлабоко да размислат за сопствениот избор. Ако не за себе и своите изгубени надежи, тогаш барем за преспективите на нивното потомство – во сопствената земја.

Ивица Челиковиќ