Груевски подобро во Будимаграда да си седи зашто „рибата се уште е во морето“!?

Груевски подобро во Будимаграда да си седи зашто „рибата се уште е во морето“!?

Упорно молчеа. Збор не прозборија три лета. Никогаш не се откажаа од својот лидер Никола Груевски и од сите други обвинети за арамилак. Ваков таков за нив беше „голем“. Лош збор не рекоа. „Аферим“ бре ВМРО-ДПМНЕ. Јуначки издржавте и не се откажавте. Сега кога дојдоа петте минути и кога петмина судии од Уставен побараа да ја вратат амнестијата на поранешниот „нивни“ претседател Горге Иванов, од 2015 година, се „осоколија“. Три цели години глас не пуштија.

Сега глас кренаа и покрај тоа што и пилците знаат дека тоа помилување, на „фикусот“, Судот го поништи, како неуставно. Неважи. Се поништи. Сите им викаат готово е. „По смрт болест не бива!“. Но, тие не слушаат. Велат, ако се може мора по „наше “ да биде. Тие судии, кој во Уставен ги „нацуцули“ Грујо и ВМРО-ДПМНЕ мора да му се оддолжат на лидерот и Партијата. Не е важно што амнестиите Судот ги поништил. Ќе одат „со глава во ѕид“. Белки народот ќе го фатат на „спиење“. Ама неможе . Им велат. Не е можно. „Баба ако лаже траг не лаже!“. Се е запишано. Тие пак по нивно. Упорни се. Никому не веруваат. Ако не помине сега. пак добро. Ќе чекале нови пет минути. Јанушев не ги ни чекаше. Отворено го повика Груевски да се врати. Да си дојде во Македонија, во ВМРО-ДПМНЕ. Така рече. Но, ниту збор не кажа за сите негови криминални дела.

Таа работа треба Уставните судии да ја решат. И затоа како ништо да не било. Го повика. Како човекот да не е осуден. Како да не треба да „лежи“ во Идризово. Мицковски рекол таа работа ќе биде минато. Нема суд, нема судии, нема арамии. Нема да има обвинети. Сите ќе биле слободни. Северна Македонија ќе почнела од нула. Ќе останала без обвинети, без арамии. Мицко вели дека и изборите им биле во „џеб“. Народот така му рекол. Отворено му порача на Заев дека ќе го прегазат. Ќе го победеле убедливо и дека СДСМ најдобро ќе било, уште сега, да си замине кога не знае да „води“ држава. ВМРО-ДПМНЕ „сигурно“ доаѓа. „Уште не скокнал, а вели оп!“. А кога ќе дошле ќе го врателе името, немало да има Преспански договор, а договорите со Грција и Бугарија ќе ги „искинеле“. Нема НАТО. Нема ЕУ. Нема Запад. Ќе викаат дека се за НАТО и ЕУ, а ќе го молеле Господа никогаш да не добијат виза. Затоа Мицко го задолжил Јанушев јавно да каже дека го повикува Груевски да се врати. Да си дојде, не во Северна, туку во Република Македонија. Дома да си дојде. Доста бил бегалец. До душа на Мицко не му е мило Грујо да си дојде зашто ако се врати „вождот“ тој треба да ја напушти фотељата. Вмровците Грујо си го „сакаат“, а не него, што народот го „моли“ за глас, на колена.

Народов си молчи и „сеир“си гледа. Велат, ВМРО-ДПМНЕ и Мицко да не се истрчаа?. Па изборите не се поминати!. „Рибата сеуште е во морето. Не треба да го ставаат тавчето на оган!“. „ Од готово вересија да не биде!“. Што би било ако Уставните ќе успеат и ако народот не им даде глас!?. Подобро би било Мицко да почека. Да не го викаат Грујо да си дојде. Нека си седи во Будимаграда и нека си „грицка“ од украдените пари и кафе нека си пие. Зашто да не излезе работата наопаку. Долг и несигурен е патот до победата. Македончево брзо сваќа, но, тешко заборава. Лесно не избледуваат сликите и тортурите од единаесетгодишното владеење. Затоа подобро ќе биде Грујо да си ги чека другите пет минути зашто „со домашен есап на пазар тешко се излегува“.

Стоилко Андреевски