Груби: Договорот беше да се испратат само делови од Законот за јазици

Груби: Договорот беше да се испратат само делови од Законот за јазици

Пратеникот на ДУИ Артан Груби вечерва во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма изјави дека ДУИ не знаела оти целиот текст на Законот за јазици ќе биде испратен пред Венецијанската комисија.

Како што истакна Груби, ДУИ очекувала да бидат испратени само делови од законот, односно деловите кои се однесуваат на парите, хартии од вредност и униформите.

– Коалицискиот договор беше да се однесат во Венецијанската комисија само деловите од членот 8, параграф 1 кој се однесуваше на парите, униформите и хартиите од вредност и мислење да се добие од Венецијанската комисија само по тој параграф, рече Груби, додавајќи дека ДУИ не е согласна целиот закон да се разгледува во Венецијанската комисија бидејќи законот одредува материја од Охридскиот рамковен договор и го заокружува нормативниот дел.

Според него, нема критики, туку препораки од Венецијанската комисија за зајакнување на капацитетите на институциите да го спроведуваат Законот.

– Зошто да не гледаме од таа гледна точка – да ги зајакнеме капацитетите на државните институции, судството и сите други да го спроведуваат законот, рече Груби.

Пратеничката од СДСМ Соња Мираковска не се согласи со констатацијата на Груби дека договорот бил да се испратат само делови од законот пред Венецијанската комисија, велејќи дека договорот уште од самиот почеток бил целиот закон да биде испратен на мислење.

– Се договоривме, ќе го донесеме и законот ќе биде даден пред Венецијанската комисија за да може да добиеме екпертско мислење што во тој закон сметаат дали нешто не е во ред или сметаат дека вака е во ред. Ние се консултираме со Венецијанската комисија за се, дури имаме и одредби од Венецијанската комисија кои станале одредби од закон. Така да не гледам никаков проблем зошто Венецијанската комисија не би дала мислење по овој закон, рече Мираковска.

За пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, ова што се случи сега со Венецијанската комисија е меѓународна шлаканица за коалицијата СДСМ -ДУИ бидејќи донела закон надвор од европските стандарди. Според Милошоски, ретко кога Венецијанската комисија дава вакви остри критики.