Градоначалникот на Дебрца, Ногачески: Самоиницијативно влегов во полициското комбе, сакав да се избегне поголем инцидент

Градоначалникот на Дебрца, Ногачески: Самоиницијативно влегов во полициското комбе, сакав да се избегне поголем инцидент
9.09.19   19:58

Прочитано : 1,038

Print This Article

Фејсбук статус на Зоран Ногачески – градоначалник на Дебрца:

Во врска со вчерашните немили настани кои се случија на и по вчерашниот натпревар од Третата лига Југозапад помеѓу екипите на ФК Сатеска – ФК Црнобуки, во село Волино сакам да појаснам неколку работи, а со цел да нема шпекулации во јавноста.

Искрено жалам, што на еден коректен натпревар, помеѓу две пријателски екипи се случи ваков инцидент, и тоа не помеѓу актерите на натпреварот. Натпреварот се одигра и заврши според правилата на ФФМ, во спортска и коректна игра, што беше констатирано и во официјалниот записник од натпреварот.

Инцидентот кој се случи беше за време на натпреварот, надвор од теренот. При една погрешна судиска одлука, надвор од заградениот дел на теренот, кон еден од помошните судии вербално реагираше еден навивач, жител на селото, по што водичот на полициските службеници донесол , по мое лично убедување избрзана одлука навивачот да се приведе. Во тој момент револтирано се спротиставија повеќе навивачи, исто така жители на селото.

Во тие моменти интервенирав и ги истргав навивачите, со цел да се спречи поголем инцидент, по што ситуацијата се смири, а натпреварот за цело време се играше и безбедно заврши.

По натпреварот засилениот тим на полициски службеници приведе три лица, од кои еден фудбалер, со што дополнително се наелектризира состојбата, поради што полициските сили од граѓаните беа блокирани во центарот на селото. Откако од страна на полицијата ми беше речено дека приведените граѓани мора да бидат одведени во полициската станица, триесетина минути ги убедував граѓаните да ги отстранат блокадите и на крајот самоиницијативно влегов во полициското комбе и заедно се упативме до ПС Охрид, каде приведените и неколку други лица беа сослушани и задржани.

Мојата инволвираност во настаните беше исклучиво да се избегне поголем инцидент, а дали водичот на полициските службеници на натпреварот донесол исправна одлука за приведувањето или не, тоа ќе треба да го ценат неговите надлежни, иако јас лично сметам дека до овие немили настани воопшто не требаше да дојде, пред се поради навистина прекоректниот натпревар и ако посмирено се проценеше ситуацијата.

За време на инцидентот немаше повредени ниту граѓани, ниту полициски службеници.

Сакам да потенцирам, дека нема потреба на настанот да му се придаваат политички конотации, бидејќи на натпреварот немаше никакви знамиња или некакви скандирања.

За веродостојноста на кажаното може да се погледне и снимката од натпреварот.

Денес приведените лица се пуштени и јас разговарав лично со нив и ми беше пренесено дека односот на полицијата кон нив бил коректен.

Деновиве ќе побарам средба со раководството на СВР Охрид во врска со овој настан , но и заради превенирање на идни несакани ситуации, но и коректен однос на полицијата на натпреварите на ФК Сатеска, која ова и не го заслужува, бидејќи се работи за Клуб кој оваа година слави 70 години од своето постоење.

  Категории: