Голема поддршка за С. Македонија и осуда на Франција во Европскиот парламент

Голема поддршка за С. Македонија и осуда на Франција во Европскиот парламент
23.10.19   22:35

Прочитано : 1,494

Print This Article

Остри осуди на француското вето на самитот на ЕУ и барање грешката во најкус можен рок да се исправи, изразија вечерва пратениците во Европскиот парламент. Крајната десница и популистите го поддржуваат Макрон, пренесува Дојче веле.

Северна Македонија вечерва доби речиси неподелена поддршка од најголемите политички групации во Европскиот парламент за почеток на преговорите со ЕУ. Повеќе пратеници остро го критикуваа ветото на Франција на самитот на ЕУ минатата недела и побараа итна промена на одлуката. Францускиот претседател Емануел Макрон сепак имаше и сојузници во Европскиот парламент кои ја поддржаа неговата одлука, иако веројатно ќе биде загрижен што таа доаѓаше единствено од неколку француски пратеници, како и од радикалната десница и популистичките партии како германската АфД и италијанската Северна Лига.
Финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, рече дека е длабоко разочарана што минатата недела не беше постигната согласност во Европскиот совет.
„Ова е назадување за улогата на ЕУ на Западниот Балкан и за проширувањето како стратешка инвестиција во мирот и стабилноста“, рече Тупураинен. Таа потенцираше дека сега се потребни повеќе напори, но „нема да запреме”.
„Подготвени сме повторно да се вратиме на прашањето. Многу е важно двете земји да продолжат со реформи, затоа што истото ги очекуваат и граѓаните“, рече финската министерка. Таа, како и повеќе други говорници, во повеќе наврати го споменаа Преспанскиот договор како историско постигнување и изразија признание на владата во Скопје.
Комесарот за проширување Јоханес Хан ја повтори критиката дека лидерите на ЕУ не успеале да си го исполнат ветување.
„Да не заборавиме дека постои едногласно мислење дека на Западниот Балкан му треба повеќе храброст за чекор како Преспанскиот договор. Каде е нашата посветеност и поддршка за оние кои преземаат храбри чекори. Членките на ЕУ сега треба да разјаснат колку е сериозна нивната намера кон овие земји“, рече Хан. Тој најави дека Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува Северна Македонија и Албанија „на сите начини“ и изрази надеж дека пред самитот во Загреб ќе има позитивен исход.
„Не си играјте со Северна Македонија и Албанија. Импресивни реформи беа постигнати во двете земји, во владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Преспанскиот договор беше извонредно постигнување за надминување на проблемите од минатото, и истото важи за договорот на Северна Македонија и Бугарија. Граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта“, порача Хан.

Самитот во Загреб е предоцна
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, ја осуди одлуката на Европскиот совет. „Тоа испраќа ужасен геополитички сигнал кој е спротивен на интересите на ЕУ. Не можеме да чекаме до самитот во Загреб, мораме веднаш да реагираме“, порача Ковачев, но и се пожали на бавната имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. И грчката европратеничка Марија Спираки од владејачката Нова демократија изрази поддршка за европската перспектива на двете земји, потенцирајќи го Преспанскиот договор како позитивен пример.

И социјалдемократката Кати Пири зборуваше за големото значење на Преспанскиот договор, наведувајќи го како пример за голема политичка храброст.
„Но токму таа храброст ја немаа европските лидери, поточно Макрон- не покажа лидерство и политичка храброст. Овој неуспех го нарушува имиџот на ЕУ на Западниот Балкан“, рече Пири додавајќи дека одлука на самитот во Загреб ќе биде „премалку и предоцна“.

Европратеникот на Зелените Рајнхард Бутикофер оцени дека одлуката е кусогледа и му понуди излезно решение на францускиот претседател.
„Господине Макрон вие сте изолирани, но Европскиот парламент сака да изгради мост кон вас. Треба да знаете дека ќе помогнеме во реформата на преговарачкиот процес, но ве молам исправете ја грешката која ја направивте да ги оставите Северна Македонија и Албанија надвор, додека се реформираме внатре“, рече Бутикофер.

Во ЕУ „нема место за муслимани“!
Поддршка на ветото на францускиот претседател му дадоа неговите сонародници, Жордан Барела, Доминик Билд и Стефан Сежурне од групацијата Обнова на Европа.
„ Ние сме тука да ги штитиме интересите на Франција. Ние сакаме да ги заштитиме идентитетот и нашата демократија. Зошто сакате да внесете земја како Албанија, чии мафијашки организации се веќе во нашата земја“, праша Барела. Европратеничката Билд оцени дека во Албанија „живеат многу муслимански екстремисти“, и критикуваше дека во Северна Македонија „немало ни доволна излезност на референдумот за Преспанскиот договор“. Пратеникот од германската популистичка АфД, Ларс Патрик Берг исто така ја поддржа одлуката на Макрон предупредувајќи дека, според анкетите, најголемиот дел од граѓаните на Албанија и Северна Македонија сакаат да ги напуштат своите земји. Тој рече дека наместо европска перспектива на двете земји треба да им се даде„некаква прагматична помош и поддршка на долг рок.”
Ана Бонфриско од италијанската Северна Лига, предупреди дека „во БиХ, Албанија и Косово мнозинското население се муслимани, додека во Македонија нивната бројка изнесува речиси 30 проценти“. Според неа, на такви земји не им е местото во ЕУ и побара да им се понудат алтернативи.
За резолуцијата; со која се искажува длабоко жалење поради блокадата на почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија на самитот на ЕУ, и од новата Европска комисија се бара веднаш да се зафати со темата за проширувањето; пратениците во Европскиот парламент ќе гласаат утре.

view more articles

Останати вести