Галовеј: Реформите во обвинителството се дел од пошироки реформи поврзани со владеењето на правото што се приоритетни за ЕУ и НАТО

Галовеј: Реформите во обвинителството се дел од пошироки реформи поврзани со владеењето на правото што се приоритетни за ЕУ и НАТО
23.08.19   13:34

Прочитано : 104

Print This Article
Galovej

Реформите во обвинителството се дел од пошироките реформи поврзани со владеењето на правото што се приоритетни за ЕУ, за НАТО и за граѓаните на Северна Македонија, па затоа политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред сè, вели британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА, во однос на потребата од донесување нов закон за Јавно обвинителство и спојувањето на сегашното СЈО со Основното јавно обвинителство за организиран криминал.

– Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет, вели Галовеј, нагласувајќи дека Советот на ЕУ отсекогаш бил јасен дека треба да се утврди правна одговорност за сторените противзаконски дејства за кои јавноста дозна од прислушуваните разговори од 2015 година.

Според неа, квалитетните законски рамки се важни, но владеењето на правото се заснова на нивната примена, па затоа случајот „Рекет“ е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите.

– Најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите, потенцира Галовеј

Таа нагласува и дека Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Северна Македонија покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи. Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи, вели Галовеј.

Во врска со односите на Лондон со земјите од Западен Балкан по Брегзит, предвиден за 31 октомври, амбасадорката Галовеј истакнува дека и по напуштањето на ЕУ, Велика Британија ќе остане истата држава „поврзана со Северна Македонија и поширокиот балкански регион.

– Јасно е дека Западниот Балкан му е важен на Обединетото Кралство, како што покажавме со нашата четирикратно зголемена програмска поддршка, поброен кадар, како и со посетата на поранешната премиерка Тереза Меј во Скопје и посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров во Обединетото Кралство пред еден месец. Верувам дека нашите и онака цврсти билатерални односи ќе продолжат да се продлабочуваат и во иднина, потенцира Галовеј.

Целосното интервју со амбасадорката Галовеј, во кое таа говори и за статусот на македонските граѓани што живеат во Велика Британија по Брегзит, за британската поддршка за голем број проекти во земјава од областа на образованието и културата, како и за значењето и важноста на стипендијата Чивнинг, чии стипендистите од целиот свет станаа лидери што поттикнаа промени во нивните земји, МИА ќе го објави утре.

  Категории:
view more articles

Актуелно