Габер: Во учебниците ќе се избегнува анимозитетот

Габер: Во учебниците ќе се избегнува анимозитетот
25.03.19   16:50

Прочитано : 198

Print This Article

На дводневната, втора по ред, средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција што се одржа во Скопје минатиот викенд, се приближени ставовите во однос на концептите на двете страни, а утврдена е и динамиката на наредните средби, изјави копретседавачот со македонскиот дел од Комитетот Виктор Габер.

Како што посочи Габер, таа динамика треба да придонесе за да може многу поконкретно во наредниот период да прејдат на изучување на конкретни формулации во учебниците и тие да бидат адаптирани, како што рече, на новото време кое што го донесе Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.

– Атмосферата беше колегијална, конструктивна. Се работи за два концепта што треба да се усогласат, и тоа е неспорно, бидејќи станува збор за два образовни система коишто со години се граделе и кои си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина, рече Габер.

Она што треба да се избегнува во учебниците е анимозитет во третирање на едната кон другата страна и во двете насоки, за новите генерации да се образуваат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка.

  Категории: