Интервју со Фуере: ЕПП придонесува кон поткопување на довербата меѓу Скопје и Атина

Интервју со Фуере: ЕПП придонесува кон поткопување на довербата меѓу Скопје и Атина
16.02.19   09:52

Прочитано : 298

Print This Article

Интервју со поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија

После толку години ангажман во и за Македонија, претпоставувам дека ве радува решавањето на спорот со Грција…

Најголемата лекција е лидерството и храброста на двајцата лидери кои решија дека ова прашање треба еднаш засекогаш да се затвори и преземаа ризик да изгубат поддршка дома. Затоа што сфатија дека ова е потребно за долгорочната визија, не само за Македонија, туку за регионот, решавањето на проблемите. Мислам дека ова е огромен успех. Сите им должиме многу на Заев и на Ципрас што го постигнаа ова покрај многуте пречки.

Но, сега предизвикот ќе биде имплементацијата, Преспанскиот договор навистина да создаде клима на доверба меѓу двете страни, која ќе гарантира дека другите елементи, во Грција и во Македонија, другите партии да не се обидуваат да ги поткопаат целите. Она што за мене е поважно е влезот во ЕУ. Мислам дека ова е витално. Мора да се осигураме дека тоа што е постигнато од страна на Заев и Ципрас добие продолжение.

Мислите ли дека овој договор ќе трае? Ве прашувам затоа што претседателот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер, неодамна изјави за МИА дека “на двете влади е да се договорат за спорот за името“ и покрај тоа што овој договор е сега ратификуван од двете страни. Двосмисленоста на неговата изјава како да остава простор некои идни влади да го ревидираат или укинат овој договор.

Изјавата за која зборувате од ЕПП не ме изненади и уште еднаш го покажа целосното отсуство на одговорност на Европската Народна Партија, тотално отсуство на почит кон значењето на решавањето на овој спор за регионот. Немаат никаква храброст. Со тоа што воопшто не го признаа, ниту го поздравија декларативно барем Преспанскиот договор, покажа дека сите нивни интереси се чисто партиски. Мислам дека ова е уште еден трагичен пример за поразот на ЕПП целосно да ги застапува европските вредности и за тоа треба да бидат казнети, се надевам на следните избори за Европски Парламент. Затоа што нивното однесување е чисто партиско, а не во интерес на Европа. Со ваквото однесување и двосмислен пристап придонесуваат кон поткопувањето на довербата која овој договор треба да ја создаде меѓу двете страни.

Ако има промена на власта во Грција, што е многу веројатно, ова отвора врата за секакви блокади и обиди да се поткопа процесот во кој Македонија доброволно е влезена за да стане членка на ЕУ. Затоа се надевам дека сега акцентот од двете страни ќе биде ставен на изнаоѓање секаков начин на имплементација на овој договор. Ова не треба да биде само на ниво на влади, треба да биде на ниво на локални заедници, општини, граѓанско општество, организации, средби, конференции, верските заедници, за да се создаде клима на разбирање и да се надминат сите предрасуди. И тоа може само преку инклузивен мировен процес, како што видовме во Северна Ирска или Јужна Африка, каде се надминаа предрасудите и менталните бариери преку организација на средби, тоа е траен процес. Владата треба да внимава да не биде само владин напор, туку општествен, само така довербата длабоко ќе се вкорени и ќе спречи било која партија или лице да го доведе во прашање духот на договорот.

Верувате дека ЕУ оваа година ќе даде конечен датум за отворање преговори со Македонија или постои повторно ризик од одлагање?

Се надевам, мислам дека е многу важно. Лани веќе имаше големо разочарување, и покрај напорите на македонската влада да постигне договор две недели пред средбата на Советот на ЕУ, со надеж дека ќе дадат зелено светло, но не беше дадено и беше одложено за оваа година. Мислам дека е навистина критично ЕУ да одговори на напорите направени за решавање на овој спор, спор кој стана услов иако официјално не е дел од критериумите, но де факто стана дел, бидејќи Грција блокираше.

ЕУ мора сега да си го исполни ветувањето и да дозволи отворање на преговорите. Мислам дека ова ќе биде голем поттик, мотивација за реформскиот процес да продолжи и се надевам ќе придонесе за намалување на поларизацијата која сѐ уште постои во земјата. Ова е најголемата трагедија во Македонија, но и Албанија, Србија, каде нема никакво градење консензус, политички дијалог. Ова е една од слабостите на западниот Балкан, немањето напори за градење компромисни решенија.

Постои ли ризик за земјата доколку не се отворат преговорите овој пат?

Би било страшен пример на губење целосен кредибилитет на процесот на проширување на ЕУ. И покрај сите ветувања. За ЕУ би било страшно дискредитирање на процесот на проширување и би ја покажало целосната хипокризија на ЕУ. Така што се надевам дека нема да биде случај. А за регионот ќе има многу лош импакт, затоа што ќе се зајакне демотивацијата на многумина. Можеби нема да биде како после самитот на НАТО во 2008. Но ќе има големо разочарување, и тоа ќе биде разбирливо. Реформите кои Македонија треба да ги прави се потребни реформи за земјата и треба да продолжат, но многумина ќе бидат разочарани ако видат дека нема награда однадвор, во смисла на зачленување на Македонија во ЕУ и дека постојано се одлага датумот. Сѐ уште има шанса, ако почнат преговорите годинава и ако има напори и консензус меѓу партиите, нема причина Македонија да влезе во возот на Црна Гора и Србија, ако сѐ уште го имаме на ум датумот 2025-та.

А, во однос на самиот реформски процес, кои се за вас главните слабости на Македонија во моментов?

Морам да кажам дека е разочарувачки да се види дека во случаи како реформата на јавната администрација, сегашната Влада се чини дека ги повторува ужасните грешки на претходната влада. Сегашната влада започна со голема порака на промена и промоција на инклузивен систем на владеење кој нема да ја повтори партизацијата на политиката поради која падна режимот на Груевски, заробувањето на државата, така што мислам дека сегашната Влада треба да биде внимателна да го задржи фокусот на реформите. Ова се реформи кои ќе направат разлика за општеството пошироко. Разочарувачки беше да се види дека за да се добијат гласовите за ратификација на Преспанскиот договор, дека имало наводни договори за амнестија, ако е тоа вистина тоа го поткопува владеењето на правото и кампањата која го мобилизираше граѓанското општество за промена : нема мир без правда. Владата треба да биде внимателна да го сочува тоа.

Важно е исто така да има промена на менталитетот, нема реална промена на менталитетите, истите стари политики фокусирани на партијата уште важат. Рeформите треба да направат вистинска разлика.

Што требаше Владата различно да направи според вас во целиот тој процес?

Јасно е дека премиерот направи сѐ што можеше во тој процес, и тоа е уште една трагедија, што опозицијата не се реформираше воопшто, уште се истата партија како Груевски да им е лидер, нема промена во тактика, во однесувањето, само за партиска политика се работи, а не за интересот на државата. Немањето конструктивна опозиција ги прави работите потешки за инклузивно владеење. Но, истовремено, мислам дека е многу важно, како што напишав, дека ако цената што треба да се плати се договори кои го поткопуваат владеењето на правото, тогаш дали таа цена е добрата цена? Треба да се постави ова прашање. Ако крајниот резултат е дека ќе има правда, и дека сите оние кои се инволвирани во насилството од 27 април и кои се инволвирани во злоупотребата на власта, корупцијата, и сите тие случаи на СЈО добијат завршница, тоа е многу важно. Многу сум разочаран од одлуката на Врховниот Суд кој ја доведува во прашање улогата на СЈО. Бидејќи тоа што Катица Јанева го направи до сега навистина покажа дека мир без правда не е празен слоган, туку вистински обид да се гарантира дека тоа што се случи за време на режимот на Груевски нема никогаш повеќе да се повтори. Суштински е таа да може да продолжи да работи.

Мислите дека бегството на Груевски беше помогнато од елементи во Владата или од странски влади?

Јасно е дека имаше соработка со Унгарија, нема сомнеж за тоа. Имаше толку многу предупредувачки знаци пред неговото бегство, што е неверојатно што никој не внимаваше. Ова навистина остава лоша дамка врз безбедносните и полициските сили како и врз Владата што го пуштија да побегне така. Тој е осуден криминалец. Веројатно никогаш нема да дознаеме, но многу е негативна улогата на Унгарија што му даде азил, додека забрануваат влез на мигрантите.

И за крај, мислите ли дека решавањето на спорот за името ќе помогне да продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина?

Од психолошки аспект, да, нема сомнеж. Договор постигнат од две земји кои речиси триесет години не можеа да се согласат, ќе има важен импакт од психолошки аспект. Но не би го гледал моделот на договорот кој може да се искористи. Секој спор е уникатен на свој начин. Принципот кој мислам дека може да користи како пример е лидерството и храброста на двајцата лидери во постигнувањето на овој договор, и тие решија дека за иднината на нивните земји, овој скок во непознатото треба да се направи и покрај сите ризици. Но тоа го сторија и треба да им се даде кредит. Што се однесува до самиот текст, мислам дека има некои принципи од мировниот договор во Ирска кои можеа да бидат од помош за Преспанскиот договор, но условите беа такви што веројатно ова  е максимумот што можеше да се постигне помеѓу двете страни, но мислам дека важната лекција е дека лидерите треба да преземат ризик и да изнаоѓаат решение кое ќе овозможи да се оди напред. Го заслужуваат целото признание кое го добиваат.

Тања Милевска

МИА

  Категории: