Филипче: Зависниците ќе се дисперзираат низ повеќе општини, терапијата ќе ја примаат пред лекар

Филипче: Зависниците ќе се дисперзираат низ повеќе општини, терапијата ќе ја примаат пред лекар

Опремување на повеќе пунктови низ Скопје со што бројот на зависници од Центарот во Кисела Вода, кој изнесува над 500, би се дисперзирал низ повеќе места во градот и на тој начин нема да има проблематични случаи, ниту проблем за жителите, затоа што пациентите ќе ја примаат терапијата пред лекар, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

За почеток има подготвени пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, во Ченто и во Карпош во болницата во Бардовци, а се планира нивно отворање и во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

Тој посочи дека ова е договорено во текот на вчерашната негова средба со градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи, претставници на општините Аеродром и Карпош, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски и здруженија на граѓани, со кои направиле добра координација, ги слушнале и европските искуства, кои смета дека може да се имплементираат кај нас.

– Значи развиваме европски модели и ќе работиме заедно со општините и граѓанските организации со цел нивно имплементирање. Во исто време ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат не е вистинската и таа која ќе биде ако се случи дисперзијата, заради тоа што концентрацијата на огромен број случаи, над 500 пациенти кои се лекуваат во Кисела Вода, е главниот проблем. Со помал број пациенти на повеќе места едноставно нема да има проблем во однос на медицинскиот отпад, заради тоа што нема да биде расфрлан како што е сега заради огромниот број пациенти, ниту ќе има проблематични случаи, бидејќи покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка – рече Филипче.

Тој појасни дека проблемот со Центарот за зависници во Кисела Вода трае многу долго, повеќе од 20 години. Еден од главните проблеми потенцирани после затворањето на овој центар во рамки на Клиничкиот центар пред две години, потенцира, е големиот број зависници кои таму се лекуваат.

– Тоа создава една хаотична ситуација во која тие не може да добијат соодветен медицински третман и отвора можности за злоупотреба на препаратите кои таму ги добиваат. Тоа е сликата која кај нас е создадена во однос на третманот на овие пациенти кои доколку би биле третирани на соодветен начин во мала бројка на повеќе места воопшто нема да изгледа така. Постои Центар за третман на зависници во ГОБ „8 Септември“ и таму не сме слушнале за никаков проблем и таму има училишта, градинки. Со оглед на тоа што е мала бројка, тие пациенти не доаѓаат секој ден, ја примаат терапијата пред лекарите и на тој начин прво соодветно се лекуваат и второ се елиминира можноста за злоупотреба – истакна Филипче.

Целта на дисперзијата, посочи, е да покажеме дека секој има право на соодветен пристап кон здравствена заштита и соодветен нејзин квалитет. Додаде дека тоа се наши сограѓани, пријатели, соседи, секој има право да добие третман блиску до местото живеење, но на соодветен начин и тие таков план подготвуваат.

Во врска со тоа дали се размислува за обезбедување на центрите рече дека разговал и со министерот за внатрешни работи и е цврсто убеден дека нема да има потреба за тоа.

– ВО ГОБ „8 Сетември“ се случува истиот процес на лекување, како и во Кисела Вода, меѓутоа во ГОБ има 60-тина пациенти, а во Кисела Вода над 500 – додаде министерот Филипче.