Европа на Волтер и Европа на Макрон

Европа на Волтер и Европа на Макрон
21.10.19   11:01

Прочитано : 512

Print This Article

Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

Пред извесно време прочитав некоја сторија за едно 12-годишно дете-бегалец, мислам дека беше од Мали, кое го нашле удавено во Средоземно Море, во една од оние бројни бегалски катастрофи за кои светот сѐ уште е прилично ладнокрвен. Во поставата на јакната што ја носело детето на својот несреќен пат кон подобриот свет имало нешто сошиено.

Може да се претпостави дека тоа е она што му било највредно, единственото нешто што можел да го понесе од својот разорен дом, нешто што, така барем мислело детето, ќе му обезбеди побезбедна иднина. Кога ја отпарале јакната, таму нашле ученичка книшка во која се гледа дека момченцето ги имало сите петки. Било одличен ученик!

Детето мислело дека книшката ќе му биде некој вид пасош, дека со неа ќе докаже дека е добро дете и дека Европа ќе го прими и ќе му овозможи да ги развива сопствените идеали. Детето, ете, мислеше дека оди во Европа на Волтер, на Жан-Жак Русо, на Гете…, а не во Европа на Макрон, на Орбан, на Савињи.

Детето, ете, мислеше дека оди во Европа во која владеат европските идеи, во која владее толеранцијата и просветителството. И заврши во водите на непробојното Средоземно Море.

Не знам дали е умесно и не знам дали е воопшто можно да ја споредувам судбината на Македонија со судбината на несреќното дете од Мали и на илјадниците други негови сопатници што на ист или сличен начин го окончаа сопствениот живот, а ако беа нешто посреќни, завршија во бегалските логори на европската периферија.

Во секој случај, моето лично чувство буквално е сочувство со овие несреќници. Се чувствувам како граѓанин од некој долен ред. Се сеќавате ли на онаа славна парадигма на нацизмот: „Забрането за кучиња и Евреи“. Во случајов: Забрането за Република Северна Македонија и за Албанија.

Без оглед на сите теории на заговор што во рекордно време се намножија по социјалните мрежи и медиуми, без оглед на сите умни генерали по изгубената битка, конечно, без оглед и на умните геостратешки анализи, она што мене, ако не ме изненадува, секако ми предизвикува енормна лутина и бес, е фактот дека на Македонија пристапот кон елитниот европски клуб ѝ го забрани токму родната земја на „гостилничарот на Европа“, симболот на француското просветителство Волтер, човекот кој сигурно најмногу влијаеше врз она што се нарекува „француски слободарски дух“ (впрочем, самите Французи просветителската ера ја нарекуваат „Волтеровиот век“).

Волтеровата Европа, онаа брилијантно опишана во неговата скапоцена „Расправа за толеранцијата“, па, ако сакате, и во „Кандид“, значи онаа Европа со верба во човековиот разум, со верба во општествен напредок, со верба во толеранцијата меѓу општествените групи, со изострено чувство за моралните принципи… таа Европа исчезнува пред нашите очи.

И, ете, сосема иронично, нејзиното исчезнување се случува токму со „пресудата“ на политичките наследници токму на Волтер. Европа, значи, се претвора во нешто меѓу регионална сила и музеј на европските вредности. А ваквата позиција не може да изроди ништо друго, освен морална, идентитетска и ако сакате политички криза.

Целата колумна на Призма на следниот линк.

  Категории: