Еве ви ја Северна Македонија, господарете со неа!

Еве ви ја Северна Македонија, господарете со неа!
12.09.19   18:35

Прочитано : 2,701

Print This Article

Заев, Мицко, Ахмети, Грујо и сите други или неможат или не сакаат да разберат. Народот не е ни против нив ни против нивните Партии. Народот е против арамиите, рекетарите. Народот е против „удурмите“ што му ги прават. Против сите што не го оставаат достоинствено и мира да живее. Против се, што немаат работа. Леб што немаат. Што децата им „одлетаа“. Ете, против тоа се. Секој ден се нешто ново им „подготвуваат“. Се нешто што му го „загорчува“ и онака тешкиот живот. Велат вистински водачи, вистински лидери еднаш на сто години се раѓаат. Точно така е. Но, не и кај нас. Во оваа наша Северна Македонија досега не се родил маж кој ќе мисли и за Државата и за народот. Народов повеќе не молчи. Не се плаши. Диктатурата на Грујо си замина. Сега можат да се „истушат“. Да си го отворат срцето. Отворено велат:

„ Доста ви е. Постојано сте само вие. Како други попаметни да нема. Вие па вие. Незаменливи. Како оваа Македонија да е ваша сопственост, како да е ваш “вилает“ па што сакатe тоа и правите. Од почеток па до ден денес сте само вие. Сте се „залепиле“ на фотељите и не давате не друг туку ни „пиле“ да „припари“. Вие па вие. А што направивте?. Создадовте само арамии и од вас и од тие до вас. Од народецов, кој остана без очи, украдовте се. Да, без срам и перде. Грујо и неговите „груевисти“ единаесет години „царуваа“. Крадеа. До гола кожа го одраа и народот и Македонија. „Ситиот на гладниот никогаш не му верува!“. Кога преку глава му дојде, народот го смени и Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Дојде Заев. Народот здивна. Веруваше. Веруваше во „животот за сите“. Излезе „Гладна кокошка просо сонувала!“. Арамиите од груевизмот и понатаму си останаа арамии. Со полни џебови народни пари, купија фабрики, компании, комбинати. Им „фрлија“ ронки на новодојдените и ги купија. А бре пустото „каде што пара може да влезе бургија неможе“. Да, токму така. До кога само „вие“ сте најпаметни. Друг освен вас не можел да седи на фотелите и дека само вие мислите дека со пари сте можеле се да купите. Ги купивте гладните. Им фрливте парче „бел“ леб и црното бело го направија. Арамиите станаа „патриоти“. И сила добија. Го бојкотираа референдумот. Платија дебели пари за да не се донесе Преспанскиот договор, да не се измени Уставот, да не се промени името и Северна Македонија да не влезе во НАТО, а сега „спрепки“ ставате и за во ЕУ. Народов нешто поубаво да не виде. Се излагаа. Народот им рече „ќе одиме напред“. Вмровците останаа со празни раце. Почнаа да ја губат и довербата кај своите. И повеќе од ова. „Патриотите“, кој крадеа и за нив и за синовите и ќерките и за внуците, мислеа дека останаа „чисти“. Обвинители и судии и адвокати за неброени народни пари, „пустеа“ , правеа и направија предметите да се „влечат“ до недоглед.И тука ја „утнаа“ работата. Не сопреа на тоа. Додека на „новите“ им удри славата во глава, тие не мируваа. Правеа се. СДСМ мора да „падне“. Да дојдат пак тие. Повторно да ја „зграпчат“ државата. Што можеа сиромашните. Тие имаа и пари моќ, а секојдневно „испраќаа“ и безброј афери и невистини. Не заборавија да им „фрлат“ нешто и на медиумите. Некој ќе рече дека сето тоа е случајно!. Можеби! Секој ден народот го „клукаат“ дека оваа Влада не е способна да ја води Северна Македонија и дека се потребни предвремени парламентарни избори.Дека го продале името. Избори, па избори. Тоа па тоа. Ништо повеќе. Како да заборавија дека народов не е со кратко паметење и дека не ја заборавил диктатурата. Арамиите, подучени од „фирерот“ си оставиле пари и за избори. За да купат гласови. А од кого? Македонија е празна како „селска торба“ е. Груевистите не сопирааат. Истата песна ја пеат. Предвремени избори или „патриотите“ нема да дадат согласност Северна Македонија да добие виза за отпочнување на преговори за влез во ЕУ. Народот трпеше и ќутеше. Најпосле виде колку е саатот. Но, што да прави!?. Да ги врати оние што до гола кожа ги оголија!?. Да ги врати ли?. Не, небива. Мора напред. Мора и овие „гладни“ вошки, ако продолжат да „цицаат“, да си заминат. Му дадоа „метла“ на Заев.Му рекоа „тоа ти е последно!“. Тој откако се „отрезни“, направи вистинска чистка. На нивно место постави нови. Но, дали „успеа“?.Или по некое време и нив ќе мора да ги смени.

Груевистите видоа дека „паѓаат“. Видоа дека не „пали“ Заев да падне. Народот сеуште го сака. Чист бил. Зад „грбот“ му застана и Запад. „Лансираа“ нова афера. „Рекет“. Веста за рекетот ја стресе Северна Македонија. И ЕУ и НАТО се зачудија. „Патриотите“ не се откажаа од барањето Заев да си даде оставка и да распише предвремени парламентарни избори. Да ја „пикне“ во притвор „најпопуларната“ обвинителка на СЈО, „коконата“ Катица, а случаите за арамиите на ВМРО, за учесниците во Крвавиот четврток и други да не ги води обвинителката Вилма. Не може таа. Таа е „човек“ на Заев!. Заборавија дека ако не биде Вилма ќе биде друга. Арамиите и за Вилма, Фатиме, Лилјана, Петрана и за било која друга остануваат арамии. И како на арамии ќе им се суди, а не како на „херои“. Катица отиде во „ќорка“. СЈО е мртво. Што понатаму. Тука се Заев и Мицко. Ќе нашле решение. Мицко ќе се согласи со се ако Заев пак вети предвремени парламентарни избори. Запад и едниот и другиот ќе го притиснат и ќе мораат да „попуштат“. Народов бега. Оние што останаа отворено повторува дека не е само против лидерите кој се прават дека се „вечни“. Тој е против арамиите и против сите што не му даваат достојно да живее. Што не му даваат да има живот. И додека СДСМ и ВМРО „очи“ си вадат ДУИ и другите албански партии сеир си гледаат.

Состојбата во државава е се потешка. Народот е збунет. Незнае што да прави. „На кумот или на онаквоето да му верува“.Ставен е меѓу „менгем“, и „наковално“, а над главата му виси „чекан“. „Нагоре високо, надолу длабоко!“. Нема каде. Но, едно знае. Ни Заев, Мицко, Ахмети Груевски и било кој друг не се вечни. Заменливи се. Ќе мораат денеска или утре да си одат. Ако не сакаат народот нема да им дојде на избори. Сами нека си гласаат и сами нека си се бираат. Еве им ја Северна Македонија. Нека прават што сакаат со неа. Господ нека им е напомош!

Стоилко Андреевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести